Banner
Мое ќоше

Копривите на Милорад

milorad

Гротеската со казната на Милорад Георгиевски, сиромашен пензионер од Скопје кој е фатен како на улица продава 15 коприви и 20 марули за да преживее, е најдобрата слика за патот на правдата во Македонија. Георгиевски за прекршокот што го направил е казнет од ревносните инспектори и од независните судии со вкупна глоба во денарска противвредност на 150 евра. Така пишува во Законот на државата каде што владее правото и правдата и каде што се почитува законитоста, каде што никој не е над законите и каде што сите сме еднакви. Може да ни позавиди и цела Скандинавија на дострелите на правната држава, кога ова не би било иронија и неопходен цинизам за да се долови како 15 коприви и 20 марули и еден скопјанец со достоинство, кој се бори секој ден за гол живот ги урнаа тешките стручни и политички расправи, медиумски анализи и заблуди за целиот правосуден систем во земјата.

Низ историјата има многу примери како мали нешта, некој бизарен настан означува почеток на војни, револуции, крупни промени, откривање на повеќедецениски и повеќевековни неправди и лаги. Историската наука вели дека прво треба да созреат условите за големи промени, а поводот секогаш може да биде некој мал инцидент кој прераснува во историја. Прашањето ми е дали казната на Милорад Георгиевски е во време кога се созреани условите за непосреден повод за почеток на широко легалистичко и ослободително движење за конечно да завладеат правото и демократијата во Македонија подеднакво за сите.

Ако мнозинството граѓани на оваа измачена и кутра земја навистина не ја сакаат повеќе слободата, демократијата и правдата, туку го претпочитаат режимот кој ги прикрива големите арамии и криминалци од врвот на власта и ја попречува правдата за најтешките кривични дела, криејќи го гнилежот во партизираниот правен систем со казна за 15 коприви и 20 марули, тогаш навистина условите не се созреани, ни за мали, ни за големи промени.

Можеме да собираме секој ден по 150 евра како што направија хуманите луѓе за да ја платат казната на Милорад Георгиевски, кој спокојно како човек кој нема друг излез рече дека за да преживее и понатаму ќе продава коприви, па ако сакаат нека му ја земат и душата, но бидете убедени дека власта соочена со ова карикатурално исмевање на делење на правдата експресно ќе престане да го казнува големиот прекршител кој без дозвола продавал 15 коприви и 20 марули. Човекот ќе продолжи да го крши законот со продажба на коприви кои почнаа толку многу да пржат што ако режимот сепак и натаму ја истерува правдата врз Милорад и да глуми владеење на правото врз малите и сиромашни граѓани, ќе се нафрлат со пликови како вариола вера врз сите судски инстанции кои и онака се тресат поради тоа што се фатени на дело во заштита на криминалот и корупцијата, почнувајќи озгора од Уставниот суд, па Управниот суд, па Апелација, па судски совет, па редовните судови, па судот за организиран криминал, судовите за прекршоци, па обвинителствата, редовни и специјални, па совет на обвинители и не знам што се’ има во државата за да се дели правдата според партиските нарачки и припадности.

Ајде, најдете еден пример во изминатите десет години кога судот казнил висок функционер од актуелната власт барем за погрешно паркирање, или за прекршок кој е санкциониран со 100 евра, има ли лидер во државниот врв кому му тропнале на врата извршители за неплатена сметка за парно, или струја од пред десет години, или кој возел 10 километри побрзо од дозволената брзина, или не почитувал пешаци на пешачки премин. Можеби постојат такви случаи, ама никој не чул и не видел дека такво нешто се случило. А можете да замислите каков хорор би бил за инспекторите, обвинителите, судиите да почнат да постапуваат по законите за пресметка со организиран криминал и со корупцијата во врвот на власта. Тој филм деновиве го гледаме со Уставниот суд, кој подготви помилување за изборниот криминал и порано што се случил и што ќе се случува во иднина. Беше тоа јавен повик за неказнето фалсификување на избори. Ги гледаме со ужас опструкциите врз Специјалното обвинителство кое се осмелило да води истраги за гонење на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Што се’ немаше таму во тие незаконски слушани разговори, но по се’ изгледа точни, оти ако не беше така, главните актери одамна ќе побараа брза и непристрасна истрага и ќе покажеа подготвеност да се соочат со правдата. Во политиката непристрасна истрага и судење се постигнува кога осомничените го ослободуваат патот за фер судење со оставка. Такво нешто кај нас носителот на кризата никогаш не ни помислил да направи.

И сега кога специјалната јавна обвинителка Јанева почна со обвинителните акти за злосторничко здружување за изборен криминал и кога најави уште 15 предистражни дејства за тоа како се финансирани медиумите кои сеат омраза и делби по нарачка на партиските штабови 24/7, замислете кога ќе ги слушнеме износите и далаверите со јавните набавки за „Скопје 2014, не од новинари, туку од обвинители. Или кога ќе разбереме за дубарите со некои други набавки за кои не сме ни сонувале дека постојат. Обвинителката најавува истраги и за даночни затајувања, можеби некој во државата почнал да ги прашува властелините како ги заработија дворците и баснословните имоти и дали за тие приходи го платија данокот, што мислите ќе чуеме ли обвинителен акт за тие што переле пари, колку и како, можеби ќе дознаеме и како се договараат и земаат провизии што судот ги нарекува коруптивни дејствија. Се разбира како отсекогаш имало и големи злоупотреби на службената положба за стекнување на богатство за што ќе се спроведуваат финансиски истраги и за оној што се измочал од страв во кабинетот на премиерот, кому му урнаа на божја правда цела зграда како одмазда на непослушниот политички партнер.

Тешко е да се верува дека владеење на правото конечно ќе ја зафати Македонија што во овој миг е најзначајниот и историски предизвик по прогласувањето на независноста и самостојноста. Ако на обвинителната клупа седнат првообвинетите за големиот криминал од носители на власта и судот пресуди според законот и доказите може место „Титаник“ правната револуција во Македонија да го понесе името коприва. Ќе речете со коприва не се дига револуција. Така е не се дига, ама се почнува.

Казната на сиромашниот пензионер Милорад Георгиевски за незаконска продажба на 15 коприви и 20 марули ептен ми личи на непосреден повод за крупни настани и историски промени до кои ќе дојде оваа пролет, поточно на прагот на летото. Во светот имало многу револуции, оваа ќе биде првата коприва и марула револуција. Не смејте се, не е сарказам. Вистина е.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *