
Изборите на самиот ден можат да бидат скандинавски, мирни, без насилство, дури и без ниту еден инцидент, ама ова што се случува три месеци пред изборите и што ќе се одвива на јавната сцена до 5 јуни, ако денот се познава по утрото и по изминатите десет години владеење без контрола, е вистинска подземна војна и катастрофален амбиент за какви било фер и веродостојни избори кои со мирна совест веќе можат да се прогласат за нерегуларни уште пред да се распишат и пред и официјално да почне кампањата.
Цела деценија сме жртви на агресивна пропаганда и застрашување од меѓуетнички судири, од граѓанска војна, од терористи, од лоши комшии, од кодоши, од шпиони, од предавници, од странски платеници од антимакедонска и антидржавна опозиција и разни други непријатели на татковината кои неуморно работат да ја нема Македонија. Никако да успеат во своите намери поради херојството и патриотизмот на власта и новинарите јунаци да се спротивстават на сите овие опасности. Се’ така до следните избори.
Но работите конечно се променија иако многу бавно, но сепак почна будењето и освестувањето на се’ поголем број граѓани и јавни личности кои веќе знаат за „јадец“. По секои избори, за чија регуларност се води судска истрага, луѓето од сите вери и нации видоа како меѓуетничките противници без проблем соработуваат и на изборите и по нив, а потоа си ја делат и власта и државната каса како воен плен. Се уверија мнозинството граѓани дека никој друг освен врвот на власта и нејзините следбеници не повикува и не застрашува со граѓанска војна. Ги препознаа пироманите преправени во пожарникари. Шпионите, предавниците, кодошите, странските платеници и другите измислени и набедени вештерки испаднаа вистински патриоти во одбрана на Македонија од компромитираната и корумпирана власт.
Ете, затоа ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски не функционираат кога е мирно и во рамките на една вообичаена, дури би рекол и балканска предизборна кампања со дозволени и недозволени фаули, местенки, валкани и ниски удари, на што отрпнавме и предолго ги гледавме како природна непогода. Новата опасност доаѓа од фактот што сето тоа овој пат не е доволно за освојување на власта на предвремените избори, па затоа се потребни многу повисоки тензии на повеќе фронта. Во секоја војна прва гине вистината. Лагата десет години се произведува во огромни количества во медиумскиот концерн на ВМРО-ДПМНЕ. Во овие медиуми забранет е пристап на илјадници луѓе од јавниот живот ако имаат критички оценки на владините политики без оглед дали се непартиски, или припаѓаат на левицата, десницата или на центарот, на зелените, малите или големи партии. Сите тие луѓе, меѓу кои и голем број познати и угледни интелектуалци, се проскрибирани и не можат да го соопштат своето мислење во владините медиуми. Во неколкуте малубројни телевизии и весници кои се професионално ориентирани можат да дебатираат и власта и опозицијата и разни независни и зависни експерти и квази експерти и да пишуваат партиски определени колумнисти. Агитаторите на владините политики тоа го именуваат како доказ дека во земјата има демократија бидејќи ете се води слободна расправа во слободните медиуми, а такво нешто е незамисливо кај контролираните медиуми.
Поради опасноста да се загуби власта на 5 јуни, прво на ред за ликвидација е Специјалното обвинителство за да не се дозволи да излезат пред јавноста и пред судот осомничените за изборни нерегуларности, за организиран криминал и корупција, за перење пари, за злоупотреба на власта и на службената положба, за затајување на даноци и за пресметка со политичките противници со апсења и нарачани пресуди. Секој ден се зголемува притисокот врз Специјалното обвинителство да се прогласи за противуставно и опасно за стабилноста на државата. Другиот фронт е Уставниот суд кој прописно се посрами со постапката да се смени Уставот и да се даде право на претседателот на државата да ги помилува сите кои ќе се соочат со правдата поради изборни кражби. Третиот фронт е против Америка и Запад дека големите сили сакаат да ја уништат Македонија поради големото геостратешко значење што го има како балканска раскрсница каде што треба да поминат сите енергетски, морски и сувоземни патишта. Тоа е ординарна лага, бидејќи досега во ниту еден проект Македонија не се појавува како транзит на голем гасовод или нафтовод, а наводната раскрсница одамна е заобиколена преку Бугарија, Србија, Грција и Албанија и со енергетски, со морски патишта, со изградени модерни автостради и пруги. Целиот транспорт на стоки од Исток кон Запад и обратно одамна ја заобиколува нашата земја од сите страни. Во науката се’ уште не е познато како енергетските трансферзали ќе поминуваат низ Македонија, прерипнувајќи ја Бугарија, Грција, Србија или Албанија. Според тоа големата опасност од Запад и од Америка за нашата самостојност и опстанок е обична ујдурма со кратки нозе која ја користат плетачите на мрежи како предизборна пропаганда, а тие што веруваат во ова додека пишуваат вакви памфлети се разбираат од геостратегија како Мара од…
Четвртиот фронт е сосема поинаков и е во рамките на популистичките кампањи дека Македонија на сите страни реди големи успеси и достигнувања. Ама ете, некој сака тие светски признати резултати да ги спречи и да дојде на власт за да ја уништи државата. Тој филм е виден повеќепати и пролетното будење најавува пораз на изборите на режимот. Следните чекори ќе бидат тешки фаули на власта за опозицијата да не оди на избори. Само ако ВМРО-ДПМНЕ се натпреварува сама со себе, победата е сигурна.
(Објавено во Утрински)

