Banner
Мое ќоше

И сега накај каде

bejli

Ете ја слушнавме оценката и на меѓународната заедница што сите слободоумни луѓе во земјата ја знаат поодамна, дека во Македонија нема услови за фер и веродостојни избори. Ништо ново за мислечкото малцинство, ова се знае со години. Поради тоа нема место ниту за радост, а уште помалку за триумф. Власта оваа единица како бандера ја дочека со уште пожестоки најави за продлабочување на кризата и дома и во односите со ЕУ и со светот, што е очекувано имајќи го предвид затскривањето на стравот од одговорност со познатата ароганција целиот овој период на спроведување во живот на договорот од Пржино за кој иако го прифатија сите политички партии и парламентот, власта преку своите медиуми веднаш го жигоса дека е изнуден и капитулантски.

Познатите гласноговорници на владините чекори веднаш се огласија со закана од граѓанска војна. Велат дека од 19 февруари Македонија веќе не постои и дека радикалната ситуација налага и радикален одговор. Или ќе се оди на регуларен изборен ден и масовно изјаснување во организација на државата на 24 април, или ќе се оди на масовен отпор и вооружена борба. СДСМ од страв ќе избега на Халкидики, а албанските необалисти не се непобедливи. За власт крв ќе се лее до колена. Америка ако сака да учествува во нови балкански војни нека размисли добро. Вакво воено подбуцнување немам слушнато уште од времето на злосторствата на првиот новинарски ешалон на Слободан Милошевиќ чиј главен адут беа народот и големите изборни победи на вождот.

Што може човек да каже на ова освен дека власта останува главен приоритет над сите државни интереси. Секогаш кога ќе ги слушнам странските амбасадори како ни држат лекција за тоа што значи парламентарна демократија, независно судство и медиуми, фер и веродостојни избори…. што значи слободно општество, ме обзема бес, не затоа што не’ третираат понижувачки како повторувачите во вечерните школи на Макаренко, туку затоа што се во право. Лутината не е насочена кон Америка која е наш стратегиски партнер со единствен таков документ во целиот регион што го потпишаа Антонио Милошоски и Кондолиза Рајс , туку затоа што нашите квазипатриоти упорно работат тоа партнерство со Америка да биде раскинато.

Разумот вели дека ни случајно не можеме да се лутиме ни на ЕУ, ни на Германија за нашите несреќи бидејќи тие се проверено сто пати нашите најголеми поддржувачи и економски партнери каде што 70 отсто од извозот на Македонија завршува во западноевропските земји, а најмногу во Германија. Од Европа стигнува и најголемата неповратна финансиска поддршка за Македонија се’ уште држава-кандидат за членство во ЕУ и на прагот за влез во НАТО. Има голема причина за огорченост што сето ова никој не треба да ни го кажува и натура бидејќи добро знаеме што самите треба да направиме, а не го правиме само поради една премиерска фотелја и одбегнување на одговорноста што треба да ја истражува и процесуира Специјалното јавно обвинителство. Сите овие стекнати позиции на Македонија се доведени во прашање заедно со најчувствителните и најголеми стратегиски интереси на државата не само за нејзина европеизација и просперитет, туку за конечно одбегнување на опасноста од распаѓање на државата и нејзино исчезнување. Па така 19 февруари нема да биде причина да ја снема Македонија. Но затоа може навистина да исчезне во иднина ако нејзините водачи и нивните погрешни политики доведат до губењето на стратегиските пријатели и поддржувачи меѓу големите сили. Голема опасност од распад на Македонија е поради наметнатата изолација од меѓународната заедница и запирањето на процесите на евроатлантските интеграции. Да не се залажуваме, никој во светот нема да признае избори без учество на опозицијата. Катастрофално за стабилноста на државата ќе биде натамошното задушување на демократијата и држење на медиумите под цензура, игнорирање на реформите за независно судство и владеење на правото, замолчување на Специјалното обвинителство, забошотување на Извештајот на Рајнхард Прибе кој граѓаните треба да инсистираат да влезе во сите предизборни програми како задолжителна обврска на сите политички партии.

Патот да ја снема Македонија го трасира власта, а не меѓународната заедница и опозицијата само поради бегање од одговорноста за основани сомневања за големи коруптивни скандали, организиран криминал, нерегуларни избори, пресметка со политичките противници со нарачани спектакуларни апсења и затворски пресуди… Сите ги видовме паничните отпори и опструкции од спроведување на дело на едногласно прифатениот Закон за расчистување на кривичните дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори.

Што е тоа што владејачките партии треба да направат за да ја сочуваат стабилноста на државата. Прво да ги почитуваат Уставот и законите бидејќи најголема одговорност за тоа имаат Владата, премиерот и претседателот на државата. Одлагањето на изборите за подготовка на веродостојни избори кои никој нема да ги оспорува е единствениот излез за да се оствари се’ што е договорено за надминување на кризата, без тоа кредибилни и слободни избори нема ни да се одржат. Јасно и гласно да се каже дека тоа не е поради странците, туку поради граѓаните на Македонија и поради најголемиот интерес во моментот на државата. За да почне тој процес, прво што треба да направи власта е да престане со јазикот на омраза и делби, да ги ослободи медиумите и судовите и да овозможи непристрасна и професионална истрага на Специјалното обвинителство според Законот. Се’ друго се веќе познати и прочитани трикови за нерегуларни избори.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *