Banner
Мое ќоше

Граѓанската војна почна во Мариово

mariovo

На сретсело во Маково, Мариово, почна граѓанската војна меѓу патриотите и предавниците за спасување на Македонија, како што уредно и навреме најавија медиумските перјаници на власта. Падна и првата жртва, 83-годишниот Ристе Стојановски, кој е претепан до смрт со овчарски стап. Го уби на лице место пред неговиот син и пред повеќе соселани, новиот херој, 53-годишниот комшија Раде Р. Причината за убиството е поради тоа што Ристе ја фалел специјалната обвинителка Катица Јанева и ги напаѓал поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, а јунакот Раде тоа не можел да го поднесе. Пред тоа убиецот и жртвата во неговиот дом заедно ручале.

Омразата не го заобиколи ни еден од најпасивните и најсиромашни региони во државата Мариово, каде што од поодамна речиси и нема луѓе. Граѓанските војни се викаат и братоубиствени и секогаш почнуваат со едно убиство. А потоа следуваат крвавите драми кои со ужас до вчера ги гледавме во нашата поранешна татковина. Не верувам дека во Македонија е можна граѓанска војна како онаа при распадот на Југославија, но убиството во Маково не е обична „пијана кавга“ со трагичен крај пред селската кооперација. Ако немаме барут за братоубиствена војна, имаме сестринска, братска и комшиска пизма доволно силна и долго подгревана од говорите и пораките на политичките лидери кои во борбата за власт ни малку не водат грижа до каде стасува нивниот глас. Напротив, колку подраматичен е повикот против непријателот и предавниците за спасување на татковината, толку е повисока температурата која е најважниот предуслов за единство и хомогенизација во војната за престолот. Kај граѓаните на Македонија, изложени на агресивна и подбуцнувачка пропаганда, со години се таложи идеолошки талог полн со неподнослива омраза. Таа нетрпеливост е најстрашната хипотека ставена врз целата држава. Размислете малку колку блиски пријатели и роднини, колку браќа и сестри, братучеди, кумови, неразделни другари, познавте лично кои поради свои политички определби се закрвавени и со години не зборуваат меѓу себе, заслепени од омраза и политичка припадност.

Правото и законите каде што важат и се применуваат го регулираат делот на влијанието во поттикнување на убиство со воената реторика, со повиците и апели во јавни говори на политичките лидери во кои најавуваат дека се заканува дестабилизација на државата. На судска истрага подлежат и политичарите кога застрашуваат со лажна завера на големите сили во спрега со домашни предавници, странски платеници, кога јавно лиферуваат дезинформации дека разни Катици и Фатими се управувани од странски разузнавачки центри кои работат на уништувањето на Македонија. Овој атак и агресија врз нормално расудување е кривично дело ако некој убива за спас на татковината, верувајќи им на своите партиски лидери. Јавните повици на граѓанска војна е сериозно кршење и на кривичните и на моралните закони кога тоа го прават и новинари и други јавни личности, подгревајќи конфликтен амбиент. Јазик на омраза со пропаганда против идеолошките и политичките противници кое резултира со убиство е еден вид соучесништво бидејќи одговорноста на политичките лидери и новинари за јавно искажаниот збор е огромна.

Своевремено угледниот професор на правниот факултет во Скопје, Ѓорги Марјановиќ, подоцна основач на Лигата за демократија, покрена правна постапка за укинување на вербалниот деликт во Југославија и успеа во тоа. Тоа беше храбар потез на проф. Марјановиќ кој му обезбеди почит во сите југословенски републики, кај слободоумните луѓе, но и кај правната елита на цела Југославија. Често се прашувам дали денес има во Македонија, правници кои можат да покренат судски постапки за влијанието на пропагандите врз пустошењето на свеста кај луѓето до степен да го убијат својот сосед и пријател. Убиството на Ристе Стојановски би морало да стане предизвик и за правната елита и за психолозите, социолозите, психијатрите, новинарите и интелектуалната елита. Убиецот Раде Р. е извршител во улога на спасување на Македонија.

Претседателот Киро Глигоров кога заминуваше ЈНА од Македонија со конвои носејќи го себе оружјето ја даде познатата изјава дека „целото тоа железо не вреди колку еден човечки живот“. Се прашувам дали нашиот актуелен претседател ќе собере сила да предупреди дека ниту еден датум на избори поместен порано или подоцна не вреди колку животот на еден човек. Напротив Македонија низ историјата има дадено илјадници држави да може слободно да избира. Вреди да се даде животот за слобода, а не за датум кога ќе се одржуваат избори во чија веродостојност не веруваат 52 отсто од граѓаните во најфалената анкета за рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски. Ниту пак било која судска истрага против носители на криминал може да биде повод за држење на државата во заложништво и во опасен амбиент да се посегне по животот на комшијата. Веќе го слушам погребниот оркестар дека не треба да се политизира убиството во Маково, иако е извршено поради влијание на политиката.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *