Banner
Мое ќоше

Не помага ни далечинско

remote-control

За време на новогодишните и божикните празници вообичаено Македонија најмногу мириса на сарми и расолница. Годинава се појави многу поостар мирис кој ги покри традиционалните ароми на кои сме навикнати. Не се работи за смогот и маглата. Овој пат станува збор за едно друго еднакво опасно загадување за човековата околина што ни го приредија партиите на власт, не не’ поштедија ни на семејните празници. Распалија со тешка пропаганда, не’ отруа со агресивна предизборна кампања. Не може да помогне ни далечинското за менување на ТВ-каналите, најдобриот изум за заштита од примитивци.

Во еден момент, вртејќи ги каналите на сите наши домашни телевизии, ми се случи нешто што навистина може да предизвика цивилизациски шок ако немате смисла за хумор и убаво да се изнасмеете. На сите канали беше премиерот Никола Груевски. На неколку канали по стоти пат одеше неговото новогодишно обраќање, на два други канала даваше изјави уште колку инвеститори ќе доаѓаат да градат фабрики и да вработуваат луѓе, на еден канал зборуваше за фалсификатите на опозицијата, колку биле опасни и дека тој тежок криминал треба да се расчисти до крај, на „злогласните“ опозициски канали Груевски даваше изјави за изградба на нови патишта и железницата до Бугарија и од Кичево за Албанија, кажа дека и во новата година ќе бидат зголемени пензиите, ќе има субвенции и клик, на следниот канал јавија дека Груевски и семејството се прошетале на скопскиот плоштад да се порадуваат децата на снегот.

Не знам како се чувствувал Груевски за Нова година и сега пред Божик кога е прва вест на сите македонски телевизии, ама мислам дека ако и нему му се смачува од ова полтронство без мерка, тогаш веројатно не се подизгубил сосема. Ако пак тоа му причинува задоволство да се гледа себеси на сите телевизии и ако ужива во таа своја опсесија, тогаш тука не помага новинарска критика.

Случајот е многу потежок од идолатријата дури и во еднопартиските системи. Паметам од поодамна, кога вестите почнуваа со активностите на Јосип Броз Тито, но никогаш, ама баш никогаш не се случило тоа да се прави со таква неодмереност и агресивност како што тече сегашната предизборна кампања со месеци однапред, без грам усул барем за празниците кога луѓето во кругот на семејството во празничен амбиент сакаат малку мир и спокојство. Не знам зошто Груевски толку навалил на таква жестока кампања кога вели дека е сигурен колку и Тито дека ќе победи на сите избори оти народот стои зад него и го сака. Ако е така, тогаш нека не’ поштеди и нас и државната каса.

Особено е дегутантна апологетската објава дека премиерот со семејството прошетал на скопскиот плоштад да се порадуваат децата на снегот. Се разбира дека е добро што премиерот нашол време да прошета на плоштадот со своите најблиски како добар татко и сопруг. Тие среќници што го сретнале ќе кажат дека нашиот премиер не шета само да бара локации за џабалак, туку еве води сметка и за семејството. Но, прашањето е што бараат таму камери, кој ги повикал и со која цел. Ние што долго работиме во новинарството знаме како оди тоа. Алоооо, одете веднаш на плоштадот и ќе имате ексклузивна снимка. Не мислам дека приватниот живот на највисоките државни функционери треба да биде бауч и забранета зона, но од тоа да се прави политичка пропаганда, кажува само до каде се дојдени работите во Македонија.

Пред нашите очи се води гладијаторска борба на живот и смрт. Во пресметката се’ е дозволено, дури и највалканите и најподмолните удари не сакаат да ги препознаваат контролираните медиуми, а ни голем дел јавноста како мериторни судии до каде може да се оди во партиската кампања и каде е границата на добриот вкус на еден премиер кој претендира дека Владата и тој лично се сервис на сите граѓани на Република Македонија. Сосема друга работа е меѓупартиската пресметка. Политичката култура и изборни правила налагаат да се прави голема разлика од настапите на премиер и партиски лидер.

Оставката што ја најави и прифати самиот Груевски како правило тоа да го прават сите премиери три месеци пред изборите ја има смислата токму ако јасно се разграничи што е работата на премиерот и на владата, а што на партиските лидери во предизборните кампањи. Како тргнала работата чинам и по оставката на Груевски најважна функција во државата ќе биде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Не верувам дека нешто ќе се промени во поглед на агресивноста на кампањата. Напротив, очекувајте дека таа уште повеќе ќе се засили. Допрва не’ очекуваат нови изненадувања.

Постои ли начин да се заштитиме од кампањата. Има еден добар пристап кој дава резултат. Определете се што побрзо дали сте за радикални промени или за нов мандат на Груевски и уште една деценија живот покрај големите успеси и достигнувања. Откако ќе ја донесете таа одлука престанете да избирате медиум, туку избирајте автор и одредена емисија. Гледајте, слушате и читајте го тоа што ви се допаѓа и што ви причинува задоволство. Бидете поупорни со далечинскиот управувач. Голем ќеф прави кога некој ве дави, да го угаснете со едно притискање на копчето. Не дозволувајте на Божик да ви проповедаат дека во Македонија има поголем Господ од Исус Христос.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *