Се наоѓам на посебни психолошки подготовки како да ја поднесам оставката на премиерот Никола Груевски. Ќе биде уште малку цели десет години како секој ден и делници и празници, најмалку по неколку часа, се дружиме и на работа и дома. На обострано незадоволство станавме неразделни, па сега има опасност од силен стрес како реакција кога со некој толку многу ќе се зближиш, па наеднаш доаѓа до разделба. Ми призна и нему му било многу жал што мора да си оди, повеќе сакал да го критикувам како премиер, отколку да го игнорирам, па дури и да го фалам како лидер на опозицијата. А, убаво го молев да не си оди. Ми рече утешително дека и тој не сака, ама мора. Не бери гајле, рече, се враќам по три месеци. Тоа ме загрижи ептен, си реков да не го лажат човекот, да не е ова збогување од тронот, што ќе правиме ако останеме без него сираци на Балканите. Ќе пропаднеме, ќе се обезличиме, ќе не’ снема како што мудро открија неговите медиумски советници.
Затоа и двајцата смисливме добра стратегија како и натаму да бидеме на линија и во постојана врска. Направивме феноменална доктрина, Груевски по оставката што му ја натурија зорле, да продолжи да работи на преродбата на Македонија како ништо да не се случило, а јас да ја следам неговата работа и да пишувам како да е премиер, или попрецизно како да е шеф на привремениот технички премиер. Се договоривме, по долги натегања, да го есапам како вистински премиер кој ја работи истата работа како и досега, само функцијата му е во мирување. Разликата ќе биде само во тоа што нема да го именувам како премиер, туку како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, или како премиер во оставка. Остана отворено само прашањето дали може по оставката да го тешиме народот како што замоли тој да не се секира премногу оти Груевски во април се враќа, или да ги предупредиме граѓаните, како што побарав јас, дека Груевски може во април вистина да им се врати назад ако не бидат мудри и храбри. Тоа прашање остана без разврска бидејќи се’ ќе зависи од тоа што ќе излезе на виделина до 24 април, а уште повеќе од тоа дали воопшто ќе има избори и ако има дали власта ќе се натпреварува сама со себе. Ако е така нема оставка, рече категорично Груевски. Тие сакаат избори во кои не се знае победникот, а уште помалку кој ќе формира влада и кој ќе биде премиер. Е, тоа не може, тоа не поминува, рече ептен лут Груевски.
Прифаќам, одговорив веднаш, така ќе продолжи нашето дружење како и досега се’ додека не дојде време за критика на новиот премиер и новата влада.
Правевме уште малку бош муабет. Се интересираше Груевски кога ќе заминам во пензија, рече со видлива загриженост дека не е добро за моето здравје толку долго и напорно да работам. Му возвратив пристојно, признавам дека многу е убаво молчењето и непишувањето. Тогаш ептен сум раат, никој не ме плука и не сум странски платеник, предавник и непријател на татковината. Се согласи и тој, додавајќи дека е многу поисплатливо да се пишува за големите успеси, за убавите работи отколку да се бара влакно во јајцето. Така е, премиере, реков, апсолутно сте во право само што не е влакно и не е во јајцето, туку цела греда збрцана во окото на Македонија. Или како што ми пишува еден мој читател: во овие десет години прво оќоревме, потоа онемевме и сега сме во фаза на целосно оглувување.
Туку да ве прашам јас, премиере, кога вие ќе поднесете оставка, барем малку да се порадува народот, па нека е и за неколку месеци. Тоа секогаш раѓа големи надежи. Сакав да обзнанам, рече Груевски, дека ја ставам во мирување премиерската функција на 10 јануари, ама се откажав од оваа идеја оти тоа го обелодени мојот верен партнер Али Ахмети. Не е баш згодно досегашниот втор премиер во сенка и со голем портофел да закажува датум за мојата абдикација. Па така ќе го помрднам за неколку дена датумот, додека не добијам од мојот пријател Јоханес Хан гаранција дека цврсто стојат сите на ставот да има избори на 24 април. Значи, мојата оставка е спакувана за 14 или евентуално за 15 јануари, веднаш по Стара нова година или обрежувањето Христово, а се враќам назад на Велигден и на 1 Мај по волјата на Господ и на народот, најголемите верски и работнички празници, кои годинава паѓаат на исти ден, со божји благослов и сенародна желба во моја чест.
Е, па убаво штом е така, си реков, по божја и народна заповед сите гревови се бришат. Не знаев дека имало таква можност и кај православните христијани како кај католиците. Работата е многу едноставна, прикажана е во антологискиот филм „Кум“ и уште попрецизно во истоимениот романот на Марио Пузо. Грешниците, дури и да се членови на мафијата, поднесуваат индулгенција до папата, во случајот до архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан , се разбира тоа има своја цена која се плаќа со овоземни блага наменети за црквата, потоа молбата се препраќа директно до Бога, каде што се бришат сите гревови до еден. Нема потреба веќе ниту од еден редовен, или специјален суд, разни обвинителства, сослушувања, судења, или каква било пресуда. Нема поголем суд од судот на Бога и поправедна пресуда од божјата. По одобрената индулгенција од Господ, од црквата и од народот на избори, стануваш чист и невин ѓоа бебенце, како ништо да не било, како да не си направил ниту еден грев. Се’ ти е простено ако можеш тоа да го поднесеш и платиш.
(Објавено во Утрински)


