Угледниот и светски влијателен весник „Фајнешел тајмс“ ја објави својата традиционална прогноза што ќе се случува во светот во Новата 2016 година. Проценките се конкретни и храбри со ризик да не се остварат, но досегашните искуства велат дека иако современите трустови на мозоци ги немаат натчовечките и натприродните можности на Нострадамус и на баба Ванѓа, сепак прилично точно предвидуваат што го чека светот во период од една година. Па така проценителите на Фајнешел велат дека најмоќната жена во светот, а богами и една и од најмоќните „мажи“ на дуњава, Ангела Меркел, ќе поднесе оставка и во текот на 2016 година и ќе се повлече од политиката.
На прв поглед ова изгледа како една од бомбите на Заев кога ги носеше во џеб пред да пукнат, ама ако се прочита образложението што ќе се случи кога ќе експлодира, фаќа дикиш дека е можно Меркел да замине и од функцијата и од политиката. Причина е бегалската криза и вратите што канцеларката ширум ги отвори за бегалците од Сирија. Тоа, велат познавачите на германските состојби, ќе предизвика голем проблем во повеќе региони во Германија поради што ќе падне драматично популарноста на Меркел. Ќе уследат сериозни критики во нејзината демохристијанска партија што неминовно кај големите државници завршува со неотповиклива и достоинствена оставка. Со тој чин десничарката Меркел влегува во историјата како голем хуманист и државник, спротивно на она за што ја обвинуваа најголемите современи германски филозофи и нобеловци дека ја одведе Германија кон егоизам, дека таа е како што напиша Гинтер Грас „срамот на Европа“. Живи биле па виделе што ќе се случува со Меркел и со Германија по бегалската криза.
Второто предвидување на „Фајнешел тајмс“ е дека Англичаните на историскиот референдум за збогување со Европа ќе гласаат Британија да остане во ЕУ. Категорични се во оценките дека интересите и разумот ќе надвладеат и дека Англичаните во такви моменти знаат да проценат што е од поголем интерес, па мнозинството ќе гласа Велика Британија да остане во европското семејство. Се разбира и натаму во една специфична улога, многу поразлична од Германија и од Франција. Тоа ќе биде уште еден пораз на евроскептиците кои развија цела една филозофија против европското обединување, но уште поголем пораз е на разни примитивни популисти и шовинисти кои се множат за домашни политички и партиски предизборни пресметки во Југоисточна и Централна Европа, особено на Балканот меѓу новите членки и кандидатите за влез во ЕУ. Главната манипулација во тие земји кои рипнаа векови со членството во ЕУ е дека ништо особено не се сменило во животот на луѓето. Многу бргу заборавија дека чекаа во долги опашки да купат леб, сладолед, вотка или книга од руските класици, заборавија и колку муви имаше на квадратен метар во нивните таверни каде што „Југословените“ беа главни гости. Фактот дека интересите се пресудни што ниту една земја што влегла во ЕУ, не побарала да излезе изгледа ќе влијае пресудно и на Англичаните.
И третата прогноза на „Фајнешел тајмс“, која ќе има влијание на светот е дека Хилари Клинтон ќе биде првата жена претседател на САД и најмоќен политичар во светот. Проценителите на американската и светската политичка сцена велат дека Хилари ќе има големи проблеми со контроверзниот милијардер Доналт Трамп, ама на крајот ќе го победи со големо олеснување на цел свет. Аналитичарите на „Фајнешел“ оставаат простор, како и секоја година, дека ќе се случат работи кои не можат да се предвидат.
По оваа иста аналогија дали може да се предвиди нешто конкретно што ја чека Македонија и нејзините граѓани во 2016 година. Бидејќи ги немаме футуристите на „Фајнешел тајмс“, туку домашните експерти кои се’ предвидоа и погодија уште пред десет години што ќе ни се случува, кој ќе победува постојано на избори, какви се’ успеси и достигнувања ќе направи Македонија во економијата, освојувајќи повеќе први места во светот, нашите „ванѓи“ предвидоа колку умешно и храбро ќе го сочуваме уставното име, како ќе ги откачиме Европа и НАТО, колку убаво и среќно ќе живеат тие што заминаа од Македонија и тие што останаа дома. Предвидоа до денар како можат да се потрошат за десет години 20 милијарди евра пари на граѓаните и згора уште неколку милијарди евра да се заборчат за доброто на сите кои се на врвот на власта. Погодија уште многу работи нашите бајачи на иднината, ама не погодија дека еден ден јавноста ќе дознае како погодувале, како местеле и фалсификувале, како гласале и победувале, како краделе и трошеле туѓо, како апселе и затворале… Не погодија само дека Македонија во 2015 година ќе стане банана држава многу полоша од протекторат, држава каде што премиерот ќе биде марионета и ќе прифаќа друг да му ги разрешува најблиските соработници, да му назначува министри без негова согласност, каде што премиерот во шок по нарачка ќе поднесе оставка три месеци пред избори, каде што специјално обвинителство и обвинител ќе истражува кривични дела и организиран криминал навестен во прислушуваните разговори, каде што медиумите ќе мора да бидат во служба на јавноста, а не на шака луѓе што ја узурпирале власта, каде ќе мора да се прочисти избирачкиот список од мртви души и живи луѓе кои гласаат со неколку лични карти на различни места и уште многу работи не погодија нашите експерти за гатање на иднината, бидејќи беа наумиле да владеат на ваков начин сто години.
Значи, не треба да се биде прогнозер во Македонија, туку само треба да се види дека победата е извојувана. Премиерот Никола Груевски веќе без поговор ги извршува сите барања и од надвор и од дома, освен што малку се тегави да не се сетат Власите. Човекот ќе станува демократ. И да биде нема да му личи. Во 2016 година работите ќе течат со иста динамика како и во 2015 година. Груевски ќе ги слуша наредбите до победата. Непредвидливо е што ќе се случува по неа. Или можеби вие знаете.


