Ме прашуваат колегите новинари кој настан или личност во годинава што одминува ми оставил најсилен впечаток. Вообичаена новогодишна анкета во нормалниот свет каде што луѓето на ваквите прашања одговараат главно свртени кон големи успеси и достигнувања во науката, во културата, во спортот, во бизнисот, во заштита на човековата околина. Редовно се избираат силни личности, храбри луѓе кои направиле гоулеми дела, подвизи, хуманитарни акции и го задолжиле човештвото. Кого да одберам јас во мојата кутра земја на чудата како личност на годината, или кој грандиозен настан кој ги воодушевил преостанатите граѓани кои се несреќни што не можат да си заминат од татковината.
Ајде, помогнете ми и вие, почитувани читатели, да го одбереме вистинскиот човек и вистинскиот настан. Не бегам од мојата обврска да направам сам избор, но ќе ви го понудам вам на отчет, па и вие учествувајте со ваши предлози. Сега ваквата соработка со јавноста, да не речам со избирачите, е во тренд. Тоа се тие денови кога добиваат на значење и обичните луѓе кога се ракуваат и се прегрнуваат со политичари. Тоа се деновите кога со невидено лицемерство ги прашуваат за нивните идеи и предлози, тоа се деновите кога најмногу се лаже и се сее магла да не се видат црнилата. Навистина, не е лесно да се направи селекција кога во сите 365 дена има најмалку по три чуда на ден. Годината ни почна со бомбите на лидерот на опозицијата Зоран Заев. Човекот излезе на екраните и ни пет ни шест и’ соопшти на јавноста дека има веродостојни документи кои откако ќе му ги предочи на премиерот Никола Груевски, ќе мора засрамен и со наведната глава да си замине од политиката.
Зоран Заев бил шокиран од она што го видел на снимките и бил убеден дека откако ќе му ги покаже само еден дел на Груевски дека овој веднаш ќе поднесе оставка за доброто на граѓаните, на државата и на неговата политичка партија, веројатно со цел снимките да останат во архивите, бидејќи нивното обелоденување може да предизвика политичка, морална и безбедносна криза и нарушување на она малку што остана од угледот на државата. Премиерот Груевски ги погледнал снимките, пред тоа нарачал од тајната полиција да се сними и гласникот на лошите вести, Заев, во неговиот кабинет и веднаш прогласи дека тоа било уцена, обид за пуч и преврат. Потоа со месеци експлодираа една по една бомбите во кои ги следевме нашите главни јунаци како во возбудлив трилер како ги одредуваат судбините на луѓето кога пред нив нема камери и нема публика кога всушност се тоа што се’.
Слушнавме како, наводно, се нарачуваат апсења, затворање и судење на политички противници, на новинари, како се уништуваат деловни луѓе и нивните имоти, како се местат избори, како се земаат провизии и избираат плацови на Водно, како се збогатуваат едни, а други осиромашуваат преку ноќ, го видовме на дело деспотското владеење цели десет години. Слушнавме преку 30 бомби од која секоја за себе во нормални општества би требало да значи пад на премиерот и владата, итно разрешување на раководните структури во контраразузнавачките служби бидејќи во сите овие инстанции никој не знаел дека со години некој во Македонија прислушува илјадници јавни личности од врвот на владата и државата, па се’ до новинарите. Големиот скандал се’ уште остана нерасчистен, а власта произведува други афери за да го разводни. Секој ден букнуваат нови и нови откритија оркестрирани и пумпани од провладините медиуми. Последното чудо е како опозицијата фалсификувала лични карти во спрега со криминалци за да победи власта. Крунски доказ е сликата на Заев со еден од фалисификаторите. Ако се завртат фото-архивите кој со кого се’ се сликал овие години ќе имаме чудесна изложба на портрети на измамници и криминалци и политичари да не знае човек кој од кој е поголем.
Ако избирам личност за 2015 година, надвор од политиката, секако тоа е Катица Јанева, специјален јавен обвинител кој според посебен Закон донесен во парламентот во согласност на сите парламентарни партии и нивните лидери се нафати со свој тим да ги истражува кривичните дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Изборот на Јанева за личност на 2015 година е само поради издржувањето на силниот притисок со кој е соочена од власта и нејзините медиуми. Не паметам дека досега се случило во државата еден обвинител или судија да биде така жестоко напаѓан и сатанизиран, изложен на столбот на срамот за секоја своја постапка за секое обраќање до јавноста и до редовното обвинителство како што е тоа случајот со Катица Јанева. Се работи за тешки валкани опструкции и подметнувања, за монтирање на микробетон, во просториите во кои треба да работи, микробетон е кога има ред микрофони, ред бетон во ѕидовите. Јанева сето тоа го прифаќа воздржано и без драматизирање. Ако Катица Јанева успее да ја доведе оваа битка до крај, до судска разрешница, тогаш не само 2015, туку и наредните две-три години ќе бидат нејзини. Тоа би било големата победа на Македонија да се врати на вистинската патека кон Европа и прогресот. Помошта што ја има од домашната јавност и од Европската унија не за разнебитување на Македонија како што тоа го преставуваат гласноговорниците на власта, туку за стабилност на државата и враќање на демократијата и владеење на правото. Значи настан на годината се бомбите на Заев , а личност на 2015, 2016 и 2017 година е Катица Јанева.
(Објавено во Утрински)


