Banner
Мое ќоше

Тргнете прво од себе

ogledalo

Завршува уште една мачна и тешка година на очекувања и надежи. Ќе речете за кого како. Во право сте. Додека на едни им се стемнува, кај други се разденува. Секогаш било така откако е светот и векот.

Мојот татко, мудар човек, викаше, „бу дуња мердевен“, овој свет е како скала, едни се качуваат, други се симнуваат. Кога се качуваш не смееш да заборавиш дека еден ден ќе мора да се симнуваш. Горе на врвот е тесно и дува многу силно, не можеш долго да останеш. Ако заседнеш предолго, многу е опасно. На скалата од страната за качување ќе стане турканица, а на делот за симнување ќе нема никој, си го запрел и доаѓањето и заминувањето. Тие што чекаат на ред ќе те турнат од врвот право во бездна. Ако не направат така ќе падне скалата, ќе се урне светот. И уште нешто, запомни, ми велеше татко ми, симнувањето секогаш е побрзо од качувањето. Што си оставил зад себе ќе видиш откако ќе слегнеш на земјата. Кога си високо горе кај облаците не се гледа најдобро што има долу. Никогаш не ги заборавив татковите совети, ама во мојот убав и горчлив занает сега на симнување ми стануваат многу појасни и поприфатливи. Истото им го кажувам и на моите деца, а си дозволувам малку слобода и малку злоупотреба на „моето ќоше“ да го споделам и ова со вас како малку новогодишна мирудија во сармите.

Кога се прават годишните пресметки и резимеа, најдобро е тргнете од себе. Тоа е најважната оценка, особено ако сте реален, доволно самокритичен и подготвен да се соочите со фактите. Што е тоа што ве прави горд, среќен и успешен. Кое големо или мало добро направивте оваа 2015 година за себе и вашето семејство, за вашите најблиски. Дали покажавте хуманост кон бедните, болните и гладните, дарувавте ли крв, дали засадивте барем едно дрвце. Колку плативте данок за општо добро на сите граѓани, колку глоби ни криви ни должни плативте годинава и со тоа дадовте екстра придонес во државната каса. Колку и со што и’ помогнавте на татковината, дали исправивте некои неправди. Успеавте ли да најдете добра работа, отворивте ли свој дуќан, или свој приватен бизнис, им обезбдивте ли на децата услови да се школуваат. Дали заминавте на работа во странство. Или можеби едвај успевате да се прехраните вие и вашето семејство со чесна и тешка работа. Тоа е херојско дело.

Дали банкротиравте. Колку во сето тоа учествуваше државата и нејзините институции или колку ви олеснија да успеете на вашиот трнлив пат кон среќата. Имавте ли шанса да го остварите вашиот сон. Дадовте ли некому мито.

Откако ќе расчистите со себеси имате полно право да прашате што направи и државата за вас и вашето семејство. Дали ви врати нешто од тоа што вие дадовте за неа. Ако не е така, дали тоа им го соопштивте на луѓето кои ја водат државата и ги трошат вашите пари многу често без да ве прашаат. Ако не сте задоволен им кажавте ли да престанат да ги арчат недомаќински вашите пари. Им кажавте ли да престанат да ве задолжуваат со кредити во домашни и странски банки и вас и вашите деца и вашите внуци. Го кренавте ли гласот за тоа, се побунивте ли. Ги опоменавте ли, ги казнивите ли со нешто или одбравте да молчите на македонски. Традиционално и срамно.

Дали ви е доволна слободата што ја имате, се чуствувате ли слободен да зборувате гласно тоа што го мислите на вашето работно место, на јавни трибини, преку телевизиите. Ако се чуствувате цензурирани и задушени побаравте ли да се отвори малку пенџерчето да влезе свеж воздух. Ги запознавте ли народните пратеници за кои гласавте или не гласавте, сеедно, дали некогаш се сретнавте со нив, им кажавте ли нешто, ги прашавте дали знаат зошто се избрани. Се плашите ли и од кого, зошто не се потпишувате со цело име и презиме кога ја критикувате власта и центрите на моќ, а се фалите како полтрон со цело име и презиме кога се јавувате во ТВ-емисиите да кажете колку ни е добра Владата и премиерот.

Сте се прашале ли кој е виновен што секој ден ве трујат со политичка пропаганда, што не можете да ги остварите вашите права во судовите, во компанијата, во болниците, во државните фондови, на шалтерите, зошто во Македонија е најскап патот да дојдете до правда, зошто вашиот спор за една меѓа и еден ѕид трае две децении, зошто толку моќ добија извршителите, зошто вашиот комшија нема проблеми ни со судот, ни со полицијата, а не плаќа ни денар данок и не мора да докажува од каде му се парите да гради палати; кој е виновен што вашите деца мораа со бугарски пасоши да заминат во странство за да се спасат од беда и сиромаштија. Го треснавте ли некого по глава што не можете да одите кај вашиот специјалист кој ве лечел со години. Ќе прашате ли гласно зошто не’ застрашуваат дека ако се смени власта отиде Македонија јабана, ќе ја снема, дека некој се подготвува да го смениме името и идентитетот, да станеме безлична аморфна маса. Чуму тие лаги.

Ќе прашаме ли некого во уќуматот зошто останавме последни на Балканот, а сите наши комшии пред нас стасаа во европското семејство. Ќе ја бараме ли вистината дали „бомбите“ што ги откри Заев ја кажуваат вистината за тоа какви се луѓето што не’ водат кога не се сликаат пред камери. Дали е точно тоа што го слушавме со свои уши, ќе прашаме ли дали за тоа ќе има судска разврска, зошто власта со сите сили ја попречува истрагата на специјалното обвинителство оформено со закон токму за тоа да се утврди. Ќе стиснеме храбро заби или, пак, ќе тргнеме со историското наследство зошто баш јас. Ако ништо повеќе, време е да признаеме колку и самите сме виновни поради нашиот кукавичлак.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *