Banner
Мое ќоше

Ноќта на долгите пили

drva

Додека вистинскиот Мухамед Али, алијас Касиус Клеј, е закован за кревет од тешката болест, неговиот најголем фан е во одлична кондиција. Владее на рингот „Македонија“ како крунисан крал на боксот во политиката и ги урива сите рекорди. Ги нокаутира своите противници еден по еден кои паѓаат како покосени пред фајтерот. Последниот тежок удар, од кој во кома падна Универзитетот „Кирил и Методиј“, се случи прексиноќа во 2,30 часот по полноќ кога заедно со булдожерите се исечени и откорнати 50 дрвја пред комплексот факултети за да се отвори простор за изградба на два барокни факултети.

Денес, пред да го напишам текстот, поминав покрај местото на злосторството и малку прошетав по патеките на младоста и студентските денови. Ги видов големите метални огради и булдожерите кои забрзано работат иако е недела. Ги расчистуваа трагите од доказите и закланите дрва кои имаа поголема кубикажа од сите дрвца во акциите за пошумување во Скопје. Мојот стар пријател, познат сликар, се обидуваше да ѕирне од еден мал процеп меѓу две двометарски челични табли, ми вели требаше да ги земеме заедно со студентите и професорите овие дрва и да направиме една клада пред Владата, тоа би бил споменик на нашата реалност.

Ова не е урбанистичка интервенција или некаква неопходност, се работи за смислен проект за да се затскрие и покрие да не се гледа се’ што е направено и изградено пред него. Во целиот овој комплекс од Автокоманда па преку Гази Баба до тука има идеални места за најразлични универзитетски институции и факултети, но идејата е овој квази барок, овој кич да се насади очебијно на виделина карши судот и карши барокните гаражи единствени во светот. Не знам дали некој видел негде барокна гаража за автомобили, освен во Скопје. Го обиколив трипати светот, ама не сум видел такво чудо рече, резигнирано сликарот и замина видно огорчен.

Студентите и да беа тука заедно со нивните професори не можеа да припарат, му дофрлив, па продолжив сам себе да се дообјаснувам дека тајната полноќна операција се изведувала најверојатно како онаа во центарот на Скопје кај Железничката станица кога луѓето кои го чуваа својот парк беа насилно отстранети за да влезат политичките булдожери. Таму е сега онаа грдотија од барокна зграда во која заседава регулаторното тело за дисциплинирање на медиумите. Кич зграда која им го загорчи животот на станарите од градскиот ѕид, одземајќи им ја дневната светлина и уништувајќи извонреден проект на светски познатиот архитект Кензо Танге. Кога поминувате таму погледнете ја таа нехумана деградација на животниот простор.

Ете, така нашиот Касиус Клеј реди победи дење-ноќе додека народот му мирно спие. Но има и будење и тоа лошо будење со мамурлак и главоболка. Ароганцијата на Клеј од нашето маало дека ќе го нокаутира својот противник од Струмица како Џорџ Формен во Заир 1974 година, помалку ми заличи на еден друг наш политички фајтер кој сега спие по 24/7 часа, кога вети дека на избори ќе ја прегази опозицијата како „шлепер жаба“. Шлеперот беше толку засилен што на првата кривина 1998 година се преврте откако му скокна жабата на шофершајбна. Потоа се колнеше пред разбудените граѓани дека не видел оти е лизгаво и не знаел дека жабите можат толку високо да скокаат. И 2002 и 2004 година му простија, ама за последен пат.

Сега оваа промислена и свесно искажана закана на нашето боксерче, кое умислува дека е Клеј кој ќе ја нокаутира опозицијата, ечи уште поарогантно од приказната за шлеперот и жабата. По десетгодишно неконтролирано владеење со приспивните песни за големите успеси, најновиот удар по Универзитетот може да одекне како будење на мечката среде зима. Клеј од нашиот сокак ја осети на своја кожа силата на студентите и професорите. Сигурно нема никогаш да заборави како брзо среде рунда се повлече во своето ќоше од рингот, фрлајќи бел пешкир и ветувајќи дека ќе исполни се’ што бараат студентите и професорите во врска со високото образование. Масата од над десет илјади студенти пред Владата не може да ја нокаутира никој, ни вистинскиот Клеј, а не боксер-аматер кој немал ниту еден професионален меч во животот.

Некогаш големите историски настани почнуваат со арогантна полноќна сеча на дрвја во центарот на градот.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *