Што би ги прашале премиерот Никола Груевски и неговите најблиски соработници во врска со скандалот прислушување да сте член на собраниската Анкетна комисија. Собранието не е суд, но е значајна институција каде што пред целата јавност треба сериозно и одговорно да се сослушаат клучните сведоци и да се води расправа за моралната одговорност на сите претпоставени учесници во големата афера за долгогодишно следење на телефонските комуникации на илјадници јавни личности и масовно нарушување на основните човекови права.
За жал, едно од суштинските правила на анкетните комисии во светот на демократијата, кај нас е целосно нарушенo, ќе биде оневозможена јавност во работењето на Комисијата и директно следење преку медиумите на сведоштвата на повиканите сведоци. Во таков амбиент на тајно сослушување во народно собрание граѓаните, изложени на жестока пропаганда, тешко ќе можат да донесат свој суд за моралната одговорност во скандалот на деценијата. Чинам ќе биде невозможно нешто да се разбере и од заклучоците на слепо послушната партизирана комисија, фаворизирана со побројно членство на власта. Се разбира, ако воопшто има заклучоци и ако сведоците се појават пред Анкетната комисија и одговорат на поставените прашања и ако комисијата успее да ја заврши работата во предвидените рокови.
Досегашните седници на комисијата не влеваат надеж дека нешто конкретно ќе излезе од Собранието во врска со прислушувањето и моралната одговорност. Да имаше чувство за тоа кај главните носители на аферата, веројатно оставките ќе уследеа уште по првите најави на бомбите на Заев. Тогаш беа арогантно отфрлени сите повици за морална одговорност. По објавата на бомбите на Заев, стана јасно дека покрај политичка и економска криза пропаѓаме во длабока морална и духовна дупка од која не може да се излезе преку деградираните и злоупотребени институции на системот, ни преку избори во кои граѓаните немаат доверба дека се фер и слободни и дека ДИК може да се справи со големиот број неправилности. Ова е децидно соопштено во последната анкета на ИРИ.
Нејсе, поставете ги вие вашите прашања до премиерот и еве јас ќе ги поставам моите. Одговори веројатно никогаш нема да добиеме, ама некогаш се случува и прашањата без одговор да бидат правилно прочитани и разбрани од јавноста.
1. Господине Груевски, дали како премиер и најодговорен човек според Уставот за вкупните состојби во државата не чувствувате морална одговорност што некој , за кој Вие велите дека работел по нарачка на странски служби, непречено од никого со години прислушувал илјадници јавни личности, политичари, новинари, дипломати…
Ве прислушувале и Вас и Вашите министри. Во светот има многу случаи на прислушување, ама олку долго следење на толку многу луѓе процентуално според бројот на жители досега немало никаде, ни за време на војни.
2. Дали имате претстава колкава е одговорноста на еден премиер и сите надлежни институции и нивните раководители ако масовно со години се нарушуваат човековите права, а никој во државата, вклучувајќи Ве и Вас, за тоа не знае ништо и не преземал ништо се’ додека лидерот на опозицијата не Ве извести дека такво нешто и’ се случува на Македонија.
3. Дали тоа што го слушнавме од снимените телефонски разговори со Вашите соработници е автентично и точно, дали сте тоа Вие лично или некој го позајмува Вашиот глас? Ако сте тоа Вие, дали снимените разговори се креирани, сечени и лепени, како што изјавувавте повеќе пати и дали ако е нешто скратено ја извртува суштината на разговорите што сте ги воделе?
4. Во Вашата прва изјава по повод бомбите на Заев, рековте дека нешто од тоа е точно, нешто е делумно точно, а нешто воопшто не е точно. Дали можете јавно да кажете што е точно, а што неточно и делумно точно?
5. Сте шетале низ Скопје со специјално возило со затемнети стакла и сте меркале погодни и убави плацови низ градот. За еден плац на Водно водите неколку пати разговор со Вашиот министер Јанакиески, зборувате за џабалак плацови, нарачувате што треба да направи министерот за да се земат плацовите. Чувствувате ли за тоа морална одговорност?
6. Нарачувате на Андреј Жерновски да му се инсценираат протести при што некој силеџија ќе влезе во улога на револтиран граѓанин и ќе му врзе неколку шлаканици. Дали вакво нешто приличи на еден македонски премиер?
7. Лицитирате со висината на износот на кинеските провизии околу изградбата на автопат во износ од 15 или 20 милиони евра. Дали ваквиот разговор меѓу министер и премиер не е доволен за експресна оставка?
8. Во меѓусебните разговори на Вашите министри Ве посочуваат како голем расипник на парите на граѓаните, дека фигуративно буџетот троши за чоколади а државата нема ни за леб. Вашиот министер за финансии е особено огорчен, вели дека му се повраќа. Дали сте размислувале колку овие карактеристики се вистинити и дали тоа не е доволно загрижувачки да мора да заминете од политиката засекогаш?
9. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во снимените разговори вели дека ВМРО-ДПМНЕ имал двојни изборни штабови, едни за пред посматрачите, а други тајни во МВР. Ја знаете ли тежината на овие зборови и целосната дискредитација на изборните циклуси во Македонија? Ако тоа го знаете, дали претпоставувате колкава е Вашата одговорност?
10. Шефот на службата на контраразузнавање се слуша во разговорите како раскажува за спектакуларно апсење на Љубе Бошковски и колку години ќе лежи в затвор. Ова ли е начинот на владеење што Вие го воведовте во Македонија?
11. Во сите триесетина објавени бомби во јавноста, во секоја од нив, има доволно експлозив за кој било одговорен европски, па и балкански политичар да поднесе неотповиклива оставка. Вие сето тоа го игнорирате, играте на картата дека народот ќе одлучи кој е корумпиран, а кој е чесен, кој е демократ, а кој не е, кој има доверба, а кој нема. Дали во Вашиот популизам не распознавате лоша иднина за Македонија и нејзините граѓани?
12. Ги сменивте Вашите најблиски соработници Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков. Дали тоа го направивте поради нивните снимени разговори или поради притисокот однадвор? Според Вашите јавни изјави дека сите тие добро ги извршувале своите обврски и според задолженијата што ги добија во партијата – дали тоа значи дека сте попуштиле пред надворешни притисоци?
(Објавено во Утрински)


