Денес четворицата лидери на најголемите политички партии во земјата Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи пак ќе се состанат да им дадат малку надеж на граѓаните кои се’ уште веруваат дека е можно нешто да се намали од балканскиот инает и омраза, но и од опсесијата за власт, за да може оваа кутра земја да пркне. Велат дека овој пат лидерите немаат друг излез освен да се договорат здраво, оти отиде во неврат договорот од Пржино. Жими договорот и жими лидерите ни и жими мајка, така ќе биде се’ ќе се договорат, бидете без гајле, додека да излезат од состанокот, а ако некому му откажат нервите, или ако така налага тактиката, може и порано да пукне тиквата.
Наивните и добронамерните уште велат за да ги чукнат малку по глава дека ова било последна шанса политичката криза да не влезе во една нова димензија, многу пострашна од досегашната, која ја тресе цели три години државата, почнувајќи од 24 декември 2012 година, од денот кога насилно е суспендирано Собранието на Република Македонија со измислен државен удар. Ако денес не падне договор, бостанските плашила на лидерите тврдат дека Македонија ќе се соочи со целосна неизвесност за иднината и на државата и на нејзините граѓани. Тоа ќе значело збогум Европо и збогум НАТО. Не знам зошто ги плашиме кога можеби некој и тоа го посакува за да владее ептен раат без контрола уживајќи во самостојноста, независноста и патриотизмот како херој и спасител на уставното име, националниот идентитет и јазикот насушен македонски.
Одамна не верувам во апели за некаква грижа на совест кај нашите политички водачи, не верувам ни дека оваа средба е на нивна иницијатива, напротив убеден сум дека пак некој ги истегнал за уши да седнат на маса. Не верувам ни дека имаат волја нешто да направат. Тие функционираат само кога мораат, кога имаат уплав дека можат да ја загубат власта, или своите позиции. Обично тоа трае додека се излезе од железните порти од Клубот на пратеници, за веднаш потоа да биде миниран прво преку своите медиуми, а потоа и со директна пропаганда.
Од договорот во Пржино малку работи се остварија, иако некои мислат дека уште малку остана да се дореализира, односно да се дозаврши. Преговарачите тоа го нарекуваат неколку отворени прашања. Меѓутоа, ако се погледне колку од определбите од договорот во Пржино се’ уште не се прифатени и колку тие се поврзани меѓу себе и колку се важни роковите за да има регуларни предвремени избори, испаѓа дека и тоа што е договорено се’ уште виси во воздух. Еве само неколку логични согледби на ситуацијата како тоа изгледа во практиката. Дали се можни регуларни избори ако Државната изборна комисија не е составена од искусни и стручни луѓе во согласност на сите партии и ако ДИК нема механизми да ги отстранува сите предизборни и зборни неправилности. Дали можат да се одржат фер избори ако опозицијата нема пристап до ниту една од најгледаните телевизии во земјата, а власта има пристап во сите медиуми. Во медиумскиот простор на Македонија таква е поделбата, владејачките партии ги имаат под контрола најгледаните телевизии сосе јавниот сервис МРТ, а имаат и пристап до сите медиуми без исклучок, бидејќи преостанатите не се под контрола и држат до својата професионалност и етички норми. Власта може да ја соопшти секоја своја активност во сите медиуми, да учествува во дебати каде што сака. Од друга страна, сите јавни личности без оглед дали припаѓаат на која било партија, или пак се блиски до левицата или десницата, а не се согласуваат со политиките на владата, немаат никаков пристап во контролираните медиуми. Тоа се вика строга цензура.
Како ќе се реализира активноста на специјалното обвинителство кога се’ уште се тактизира со рокови и со евидентни притисоци на кои е изложена и специјалната обвинителка и обвинителството. Како ќе се реализира работата на анкетната комисија ако крунските сведоци не можат да сведочат јавно. Барем да им се оставеше право на избор дали сакаат да сведочат јавно или тајно. И тој избор многу кажува. Баш сакав да го слушнам премиерот Груевски во директен ТВ пренос како одговара на прашањата на пратениците. Ќе беше тоа храбар гест. Откако тој сведочеше, веројатно сега ќе сведочат сите сведоци.
Сите нереализирани договорени работи со договорот од Пржино ги засегаат и преостанатите веќе „затворени“ прашања. Секој од овие предуслови ако не се оствари го анулира договорот од Пржино, било да се работи за реформите во медиумите, било за составот на ДИК, било за работата на обвинителството и анкетната комисија, за оставката на премиерот и функционирањето на новата влада со технички премиер и технички министри и заменици која треба да ги спроведе изборите. Се’ уште сме далеку од чист терен за фер избори. За тоа покрај договори и стоење на зборот треба да се има демократски капацитет, државнички авторитет и вистински да се сака татковината и сите граѓани.
(Објавено во Утрински)


