Секогаш кога ќе го видам на екраните министерот за финансии Зоран Ставрески како крајно сериозен потпишува банкарски договори за ново задолжување на идните генерации ми доаѓаат на ум неговите историски реченици од „бомбите“ кога вели: Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Тоа треба да го разбереме дека е ненормално. Ние трошиме на чоколада, а немаме леб дома, тоа правиме ние. Деновиве нашата Влада пак нарача тони и тони чоколада. Продолжува немилосрдното задолжување на Македонија, овој пат ќе се делат предизборни чоколатца во износ од околу 500 милиони евра. Чудесно.
Брзината со која се задолжува некогаш најмалку задолжената земја во регионот е драматична. Владата од државата направи тежок зависник, кој ако три пати на ден не добие финансиски допинг, ќе колабира. Прашање на денот е кога со ваква динамика на задолжување ќе се предозира целиот економско-политички систем, целото општество. Изгледа тогаш ќе ги сфатиме предупредувањата дека сите наши успешни економски реформи и големи достигнувања се потпираат на милијарди евра странски долгови. Голема заблуда е дека е можен брз развој на сметка на странски долгови, кога парите одат за изградба на нова историја, наместо за изградба на неопходната инфраструктура без која не е можен одржлив развој.
До пред неполни две години оваа влада огромниот дел од заемите и парите на граѓаните ги насочуваше во скапи објекти кои немаат допирна точка ниту со економијата, ниту со стратегиските приоритети на државата, или со интересите и потребите на граѓаните. Цели осум години Владата беше концентрирана главно на проектот „Скопје 2014“, кој се’ уште трае и веќе може да се преименува во „Скопје 2018“ ако не настапи пред тоа период на крупни промени да се запре ова налудничаво расфрлање со пари за да некој се чувствува поубаво со откривање на пославно минато и со сопствено величање. Разликата со споменикоманијата и сегашното задолжување е што Владата на Груевски на нејзин својствен начин ја призна грешката дека претерала со непродуктивните инвестиции кои не ги оправдуваат и не ги оплодуваат вложувањата, туку само продуцираат уште поголеми оптоварувања на државната каса за нивно одржување и финансирање.
Се разбира, од владата не рекоа дека изградиле бели слонови, синоним за промашени инвестиции, немаа доблест да речат згрешивме како кога носат пиштоли во чантите преку граница. Напротив, безгрешната влада храбро најави дека нема повеќе да гради со народни пари споменици, гаражи и барокни фасади, карусели и кораби на Вардар и Скадар на Бојана… туку издаде директива за нагло свртување лево со изградба на дури неколку автопати наеднаш, брзи пруги и нарача нови возови и вагони, ќе се градат и неизградените брани и централи, ќе се гасифицира цела Македонија, ќе се чистат речните водотеци и канали, ќе се градат пречистителни станици, водоводи и нафтоводи… касно стигна Јанко на Косово Поле. Она што требаше да се изгради во првите години од мандатот ќе се почне во последните години. Затоа грешката е стратегиска која ја уназади Македонија цели 20 години. Заблудата е голема бидејќи оваа власт не може да препознае дека секое владеење без контрола од институциите на системот и од јавноста не може да испорача брз развој. Не се гради куќа од покривот надолу, туку од темели. Тоа во историјата и во литературата одамна е опишано како Потемкинови села.
Историјата кажува дека заедно со банкротот почнува и револуцијата. Сиромаштијата последна ја открива измамата. И уште една голема заблуда во врска со кредитите. Последните денови често го слушам наменското прашање зошто светските познати комерцијални банки ни даваат кредити ако не ни е добра економијата и ако сме веќе презадолжени. Дали тоа не е сериозна поддршка на владата и на економските реформи кои успешно се одвиваат. Одговорот е многу едноставен. Парите како и секоја стока си има цена според понудата и побарувачката. Банкарските договори се толку цврсти што тие важат и по банкротирање на државите, па дури и по нивното исчезнување и делби. Позајмените пари мора да се вратат, ако не од позајмувачот или покојниот, тогаш од наследниците. Најдобар пример за тоа е нашата поранешна држава Југославија. Таа исчезна и не постои со децении, ама кредитите наследниците ги плаќаат уредно, или ако доцнат земат нови заеми, а со нив и нови камати. Неодамна прочитав дека последната рата на кредитите до кралството Југославија е платена лани. Ова значи дека нашите дечиња, внуци, па дури и неродени генерации ќе ги плаќаат долговите и ќе живеат посиромашно само затоа што некој се расфрлал трошејќи пари за кули од карти.
Можете ли да ја замислите сцената во македонската влада 2026 – 2030 година кога премиерот ќе бара ново задолжување на државата да се вратат старите долгови потрошени за изградба на големата некропола на споменици. Ако тој премиер има смисла за црн хумор може своите министри да ги качи на Панорамското тркало и во директен пренос со велелепната глетка да каже дека ова е најскапата панорама во историјата на најсиромашната држава во Европа оставена како наследство од претходниците. Ова може да биде и добра вест. Лошата е ако дотогаш останеме и без држава и без влада, а парите мора да се вратат.
(објавено во Утрински)


