Министерот за надворешни работи на Австрија само еден ден по извештајот на Европската комисија и условената препорака за Македонија во ексклузивно интервју за „Утрински весник“ објаснува дека единствен излез од кризата во Македонија е целосна имплементација на договорот од Пржино, а новата влада по изборите во април решително да се сврти кон реформите. Во тој синџир, според Курц, една од најважните алки е целосната независност на судството и на медиумите.
■ Господине Курц, Македонија ја доби седмата препорака за отпочнување преговори со ЕУ. По многу нешта препораката со таква условеност е единствена досега испратена од Брисел. Поради тоа многумина овде се прашуваат дали Македонија воопшто доби препорака или не. Можете ли да ги разјасните последните услови што ги постави ЕУ.
Во првата половина на годината во Македонија бевме сведоци на длабока внатрешнополитичка криза која доведе до силна поларизација меѓу власта и опозицијата. Но се надевам дека внатрешнополитичките спротивности ќе бидат надминати и дека по изборите во април брзо ќе биде составена нова влада која одлучно повторно ќе го придвижи реформскиот курс. Секако дека ЕУ-перспективата за Македонија и понатаму постои. Австрија во тоа целосно ја поддржува Македонија. Членството во ЕУ на сите земји од Западен Балкан е и во наш интерес.
■ Досега сите извештаи на ЕУ, владата и опозицијата ги читаа различно. Владата тврдеше дека извештајот е позитивен, ама грчкиот ултиматум не дозволува почеток на преговори, а опозицијата гледаше на негативните оцени и нереализирани реформи како главна причина за заостанувањето на Македонија. Дали можете да издвоите некои главни карактеристики од последниот извештај.
Мислам дека во извештајот за напредок јасно и сеопфатно се наведени сите силни, но и слаби страни на Македонија во врска со приближувањето кон ЕУ. Во првата половина на оваа година беа доминантни силните внатрешнополитички тензии и настаните во Куманово. Од таа причина комесарот Хан активно се вклучи како посредувач. Ме радува што е постигнат напредок и јасен договор меѓу четирите најважни партии во јуни и јули оваа година. Сега е потребна целосната имплементација на политичкиот договор, организирање избори според европски и меѓународни стандарди, за потоа во април, брзо и со елан, новоизбраната влада да продолжи со реформските процеси. Важно е, исто така, да биде загарантирана целосна независност на судството и медиумите. Новинарите мора да имаат можност да си ја вршат својата работа без никакви закани.
■ Во политичките критериуми од извештајот многу конкретно се наведени причините за длабоката политичка криза во Македонија. Отворено се укажува на индикациите за криминал и корупција кои произлегуваат од масовното прислушување. Дали и за сите други проблеми кои се наведени во извештајот Европа може пресудно да влијае само со отпочнување на преговорите.
Перспективата за членство во ЕУ и пред се’ отворањето и спроведувањето на пристапните преговори се значаен мотор за реформите. Процесот на приближување кон ЕУ, исто така, бара многу, но за возврат и дава многу. Нови закони и прописи само на хартија не се доволни, тие мора целосно да бидат спроведени. Тоа особено се однесува за основните столбови на процесот на проширувањето, пред се’ на владеењето на правото, вклучувајќи ја борбата против корупцијата и организираниот криминал и на тоа поле во земјите на Западен Балкан треба уште многу да се стори. Македонија сега е пред дополнителен предизвик, наводите во врска со записите од прислушувањето треба да бидат целосно расветлени. Со поставувањето на специјалната обвинителка и нејзиниот тим сега се создадени предусловите за тоа.
■ Владата секогаш кога е соочена со сериозна криза ги открива виновниците во светскиот заговор кон Македонија, во странските служби и домашните предавници и платеници. Каков е Вашиот впечаток – дали власта во Македонија успева да го одржува клиентелизмот со амин на Европа.
ЕУ никаде на Западен Балкан не поддржува клиентелизам. Напротив, ЕУ има одредени критериуми – познатите Копенхашки критериуми – и јасни очекувања од кандидатите за членство кои во извештаите за напредок повторно сеопфатно беа наведени. При тоа од голема важност се јакнењето на владеењето на правото, борбата против корупција и создавањето транспарентни и ефикасни државни структури.
■ Во Македонија е формирано специјално обвинителство за гонење кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Јавната обвинителка е соочена со сериозни опструкции. Дали во оваа институција е можно да се очекува разрешница на политичката криза.
Според договорот од Пржино, основањето на специјалното обвинителство за проверка на документи околу аферата „Прислушување“ е чекор напред во насока кон транспарентност и правна држава во Македонија. Ве уверувам дека ЕК и државите-членки на ЕУ внимателно ја следат работата и независноста на специјалната обвинителка Јанева и нејзиниот тим.
■ Вратите на ЕУ не се затворени, но по десет години кандидатура, почнува да се губи довербата кон Унијата која беше многу висока кај граѓаните. Се’ почесто може да се слушне дека Македонија го добива „турскиот синдром“ на вечен кандидат. Често, вината за ова луѓето ја гледаат во Брисел.
Сакам да нагласам дека Македонија има европска перспектива, која во значајна мера зависи од реформските напори во вашата земја. Во секој случај, Македонија во процесот на пристапувањето може да смета на наша поддршка. Но најважно е продолжувањето со реформите. Освен тоа, Австрија со својот ангажман во Берлинскиот процес и Виенскиот самит за Западен Балкан во август јасно стави до знаење дека ние и во иднина ќе бидеме силен адвокат за сите земји од регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Од наша перспектива европското семејство не е заокружено се’ додека сите земји од регионот не станат членки на ЕУ.
■ Политичките елити во власта и нивните следбеници се убедени дека само грчкото вето е пречка зошто Македонија не е членка на НАТО и на ЕУ. Колку има вистина во тоа, бидејќи во овој извештај проблемите главно се насочени кон домашните причини и последици.
Австрискиот став веќе години наназад е многу јасен – спорот за името не смее повеќе да го блокира почетокот на преговорите. Од исклучителна важност за почнување на преговорите би требало да биде постигнатиот напредок внатре во Македонија.
■ Каде го гледате излезот за Македонија да се врати на европскиот пат. Колкава е вината на Европа што не и’ помогна порешително на Македонија.
ЕУ сеопфатно и финансиски ја поддржува Македонија – на пример, во период од 2007 до 2013 на Македонија и’ беа ставени на располагање 622,4 милиони евра. Исто така, ЕУ со финансии и материјално и’ помага на Македонија во справувањето со актуелната бегалска криза. Неодамна комесарот Хан имаше важна посредничка улога. Но ние не можеме да бидеме тие што ќе гo преземат спроведувањето на реформите, туку тоа мора да го стори самата Македонија. Јасно е дека е потребна нова динамика и затоа треба да гледаме напред. Од таа причина Македонија би требало сега да се сконцентрира на спроведувањето на политичкиот договор, како и на итните реформи за да спроведе една таква нова динамика. Спроведувањето на реформите е и од интерес за самите Македонци.
■ Досега стабилна Македонија беше третирана како дел од решението за стабилен Балкан. Дали политичката криза и оддалечувањето од ЕУ и од НАТО ја ставаат Македонија во спротивна позиција – нејзиното исчезнување како Југославија да биде дел од решението.
Целта на Европската унија и на Австрија е стабилна Македонија, вклопена во еден простор на стабилност и просперитет на Западен Балкан. ЕУ постојано се развива и другите држави на Западниот Балкан преку реформи се доближуваат кон законодавството на ЕУ. Застојот и особено политичките кризи доведуваат до тоа една земја, доколку ситуацијата потрае повеќе години, се’ повеќе да се оддалечи од другите актери и да заостанува. Но одговорот секогаш е само еден: посветеност на реформите во сопствената земја, стабилизација и ориентација кон ЕУ. Македонија и понатаму има јасна ЕУ-перспектива и Австрија и понатаму целосно ќе ја поддржува Македонија во тие напори.
(објавено во Утрински)



Pingback: Свирцен курцен на митинг | erizaov