Banner
Мое ќоше

Највалканата војна за власт

david

Премиерот Никола Груевски ги турка граѓаните во највалканата војна за власт откако Македонија е независна држава. Стратегијата е провидна. Сеење омраза и делби со повикување на единство под чадорот на ВМРО-ДПМНЕ против светскиот заговор на големите сили и една шака домашни предавници и непријатели против храбриот лидер и голем патриот. Груевски е Давид со големо и храбро срце зад кој стои народот, а сите други се грозниот Голијат кој ќе падне на 24 април од каменот што ќе го фрли Груевски од праќата право во главата на светскиот џин. Така Македонија една недела пред Велигден ќе биде спасена да не ја завладеат белосветските арамии и домашните душмани.

Штета што изборите не се одржуваат на Први мај , кога се паѓа и Велигден и големиот меѓународен празник на работниците. Во тоа ќе има голема симболика, ама очигледно кога Први мај и Велигден се паѓаат во исти ден, не може да има и избори. Тоа може да се доживее погрешно, особено сега кога треба да се прогласат

сите за непријатели, и Америка и Германија и Англија и цела Европска унија. Нивните тајни агенти и шпиони нашле свои јатаци кај нас и сакаат насилно и со подметнувања да ја земат власта за после да ја уништат и да ја поделат државата, да го сменат името, да го избришат идентитетот на македонскиот народ, да ни го откорнат јазикот, да ги уништат сите големи достигнувања и успеси кои ја направија земјата светски првак во реформи и Елдорадо за инвестиции. Се’ лага до лага, а во суштина нема ништо поздраво за демократијата и развојот на државата од промена на власта која залегнала на ловорики цела деценија.

Груевски ја почна епската битка за спас на државата јавнат на Розинант како Дон Кихот , а умислен дека е Александар Македонски, качен на Букефал, влегува во Скопје, македонски Гордион, испратен од Господ да го исече со меч јазолот во кој е сардисана Македонија. Покрај јажето ќе и исече и една рака и една нога на Македонија и ќе ја остави осакатена. Толку чини задржувањето на престолот. До април непрекинато ќе ечат сите камбани за спротивставување на непријателот во последната решавачка битка. Затоа треба да се збијат редовите, за големиот бој. Единството ја чини силата. Претходно мора да се наелектризира амбиентот, да се прогласи дека се’ е лага, дека не треба никому да се верува освен на еден човек. Само Груевски е големиот патриот и месија кој ќе не’ спаси од злото што надвиснало над татковината.

Зошто ни требаат извештаи од европски бирократи кога вистинскиот извештај како што вели Груевски ќе го напише народот на 24 април. Зошто ни требаат истраги за откривање на криминал и корупција, чуму ни се специјални обвинители и обвинителства кога на 24 април народот ќе каже дали има криминал и корупција. Зошто ни требаат чесни судии и праведни судови кога народот ќе пресуди на 24 април. Зошто ни треба владеење на правото кога Груевски владее праведно. Зошто ни требаат слободни медиуми кога дворјаните од белата куќа ќе ги напишат најубавите текстови и извештаи секој ден и ноќ до 24 април вклучувајќи го и последниот за големата победа на преродбениците и патриотите и за срамниот пораз на предавниците и странските платеници. Зошто некој би требало да проверува колкави се долговите на државата, да се сомнева во веродостојноста на успесите и на ефектите од реформите, да ги проблематизира нарушувањата на човековите права, да бара кривични дела од прислушуваните разговори кога народот тоа ќе го оцени дали е вистина или лага на 24 април.

Во еден таков амбиент, Груевски со воени повици, со фанфари и барабани и бајраци ќе оди да ја освојува власта и да докаже дека со добро осмислена пропаганда, со малку ќотек и страв и многу пари може да се придобива и лаже народот и повеќе од десет години, а таму кај што не може да се заврши работа со ќотек и пари, може со многу пари. За почеток од јануари до април во буџетот само од странски заеми ќе се слеат повеќе од 500 милиони евра, ако на тоа се додадат и уште нешто повеќе од домашните приливи на даночните обврзници Груевски тргнува во поход со полна каса предизборен буџет и добра позиција за пазарење со своите клиенти. За неполни десет години владеење без контрола Груевски располагаше и потроши над 20 милијарди евра буџетски пари. Предмет на трговија беше и дел од непроценливото национално богатство плодна земја, руда, извори, реки, езера, планини и други природни ресурси. Тоа го направи Груевски моќен како фараон, но тоа ќе го уништи бидејќи му ја одзема можноста да ја препознае слободата и демократијата, владеењето на правото и отчетноста за направеното, но и за ненаправеното. Преголемата моќ не дозволува да се види закономерноста дека кога некои луѓе од државниот врв брзо стекнуваат богатства и имоти за џабалак, истовремено илјадници луѓе брзо осиромашуваат и живеат во беда.

Груевски бара преки суд од народот на 24 април, сакајќи да ја отфрли работата на еден друг суд составен од обвинители, судии и правни експерти. Неговиот народен суд не ќе може да му пресуди на другиот суд, а и тоа да се случи делата не застаруваат така брзо, а има и дела за нарушување на човековите права и слободи кои никогаш не застаруваат. Еден ден ќе мора да се седне на обвинителна клупа. Може долго да се лаже народот, ама правдата стасува кога тогаш.

Груевски не сакаше, а многу веројатно не ни можеше да се повлече од премиерската функција под силен притисок на грешниците околу себе. Најбезболниот и државнички потег ќе беше неговата неотповиклива оставка која му го отвораше патот на ВМРО- ДПМНЕ да владее до крајот на мандатот 2018 со изгледност ако е невин Груевски да се врати на голема врата повторно на политичката сцена. Тоа ги ослободуваше од притисок и обвинителите и судиите. Во тој случај немаше никаква потреба да се формираат специјални закони и обвинтелства. Но стравот што ќе биде по изгубената власт и кај Груевски и кај неговите следбеници беше поголем. Тој страв е оправдан. И за уплав е работата.

Оставката на Груевски ќе означеше крај на политичката и моралната криза во Македонија, ослободување на институциите на системот и враќање на медиумските слободи и професионализмот во новинарството. Груевски избра да се спасува со популизам и со извештаите што ќе ги пишува народот, препуштајќи се на пропагандната машинерија и на парите на граѓаните да докаже дека и покрај големите грешки и промашувања, покрај криминалот и прислушувањата, покрај бомбите и фрлените пари во споменици и непродуктивни инвестиции може уште еднаш да го придобие народот и со тоа да ги запре сите процеси на истрага. Ова е веројатно најголемата погрешна проценка дека може да се случи на фер и слободни избори да победи Груевски, или пак адут во ракавот повторно е изборите да бидат штелувани овој пат ако не од МВР тогаш од некои други упоришта.

Она што е најстрашно од ваквата битка за власт по секоја цена е што последиците се трагични. Покрај огромните народни пари фрлени за коруптивни избори преку разни форми божем за субвенции и самовработувања, вештачки отворање на непостојни и непродуктивни работни места, разни привилегии и други форми на тврда и мека митоманија она што останува за век и веков во свеста на луѓето се делбите и омразата. Таа вековна хипотека над Македонија Груевски успешно ја разгорува и во 21 век. Само затоа може уште да се зборува дека извештаите на ЕУ ќе ги оценува и пишува народот, дека наместо судовите ќе суди народот и дека наместо новинарите ќе пишуваат апологетите и така со ред… до крај.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Petar Anastasov

    Да знае, Груевски би го парафразирал кардиналот Пјер д’Аји кој бранејки ја порочноста на папата (во почетокот на 16 век), извикнал: „само ѓаволот може да ја спаси Католичката црква (пандан- Македонија) а вие барате ангели“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *