Banner
Мое ќоше

Пак се правиме „Енглези“

Johannes Hahn Foto: Clemens Fabry

Ништо ново на Запад. Тие нам најлош Извештај досега. Ние ним благодариме, задоволни сме од Препораката. Се правиме „Енглези“, едно време така ги викавме мороните што се прават наудрени кога ќе ги фатат во будалштина. Си го переа срамот со тоа што глумеа лудило дека бербатлакот што го направиле пред очите на сите не е нивен. И сега се случува познатата балканска тактика на ем шуто, ем боде и со овој седми по ред Извештај на ЕУ, кој е многу поразличен од претходните шест, бидејќи ја соопштува, додуша, многу суптилно најважната порака досега: европската иднина на Македонија ќе се одлучува по изборите во април во зависност од големината и тежината на промените.

Додека ова го пишувам, штабовите на власта се’ уште заседаваа и немаа јасно дефиниран став дали преку нивните медиумски труби ќе го слават Извештајот како позитивен со добиена Препорака за преговори со ЕУ, или ќе распалат по Запад и остатокот од светот што се заверил против Македонија. Се’ ми се чини дека и овој пат ќе одат со комбинирана артилерија. Прво рафали со фалба за реален Извештај, а потоа откривање и жигосување на странските и домашните непријатели. Стар рецепт, одамна прочитан. Дејствува само кај хронично партизирани пациенти.

Навистина, дали добивме препорака за почнување на преговорите со ЕУ, или не добивме. Еврокомесарот Јоханес Хан вели дека сме добиле препорака, но веднаш додава дека, всушност, Европската комисија е подготвена да ја продолжи важноста на препораката за отворање на пристапни преговори за Македонија, но тие се условени со спроведување во дело на политичкиот Договор од јуни/јули во Пржино и итно спроведување на реформите. И сега, ајде погоди има или нема Препорака и ако има што таа значи, особено фактот што во секој случај повторно ќе биде актуализирана по изборите на 24 април 2016 година. Ако, дури и набрзина се прочитаат цели 80 страници колку што има Извештајот од Брисел, неколку работи се клучни за натамошната иднина на Македонија и нејзините граѓани. Прво, во Извештајот нема дилеми дека прислушуваните разговори кажуваат сосема јасно дека Владата и високи функционери се до гуша влезени во корупција и криминал, дека одделни високи политичари се дебело замешани во функционирање на институциите на системот, на нарушување на човековите права, дека медиумските слободи се срамно погазени и дека судството и покрај доброто законодавство се дави во политички нарачки и замешателства.

Извештајот посочува и на нергуларностите во досегашните избори во контекст на прислушуваните разговори Брисел директно ја прозива Владата да обезбеди целосна независност на судската власт, вклучувајќи го и специјалното обвинителство и обвинителката Катица Јанева, што посебно се потенцира. Истрагата на кривичните дела кои произлегуваат од прислушувањето мора да тече без никакви пречки и опструкции. Се мисли на последните обновени закани за испитување на уставноста на специјалното обвинителство и посебниот закон. По ова веројатно Уставниот суд во интерес на иднината на државата ќе испрати соодветна порака дали со нешто е загрозена уставноста и дали во Законот за јавни обвинителства е регулирано формирањето на посебни јавни обвинителства.

Што мислите што значи пораката од Извештајот дека прашањето за Препораката за пристапни преговори со ЕУ повторно ќе биде адресирано по изборите. Дали Брисел покрај фер и слободни избори, покрај разрешување на сите забелешки и судска постапка, која ќе произлезе од истрагата на специјалното обвинителство, очекува и некои други радикални промени во односот кон демократијата и особено кон евидентно нарушените човекови права или се работи само за рутинска административна забелешка. Повеќе ми личи на тоа што Брисел по изборите очекува нова многу појасна ситуација за да донесе конечна одлука дали ќе и’ се одзема на Македонија Препораката, а со тоа индиректно и кандидатскиот статус, или дефинитивно ќе се одблокира европскиот пат. Епилогот, убеден сум, ќе зависи од нивото на промени по изборите и враќањето на демократијата.

И, конечно, дали Грците барем за овој Извештај можат да си ја накриват капата дека тие не се пречка за заостанувањето на Македонија и дека политичката криза кај северниот сосед е автентична домашна работа. Тоа така може да се толкува само навидум. Грчката блокада и ултиматум и покрај големите грешки на македонските политичари, кои им одат на рака, само ги покажува тешките последици кои предизвикаа страшни ломови во изминатите десет години во македонското општество. Реакциите со прифаќањето на грчкиот тројански коњ и неговото внесување на плоштадите низ Македонија и скапата потрагата по пославно античко минато, предизвика радикален пресврт во политиката на ЕУ и на Америка во корист на Грција. Македонската влада со своите грешки овозможи грчкиот шовинизам и национализам да се скријат зад византискиот плашт што ја спаси Грција од осуда на целиот напреден свет што оневозможува во развојот една мала земја која не претставува никаква опасност и за неа и за сите соседи.

Не случајно и овој пат во Извештајот прецизно стои констатацијата дека останува клучен проблем за напредокот на Македонија да се реши проблемот со името. Разликата е само во тоа дали може Европа во недоглед да црвенее поради Грција ако проблемот е само во името, а се’ друго е добро, или Македонија со своите погрешни политики ќе и’ помага и на Европа и на Грција со тоа што ќе остане последна на Балканот како нерешлив тежок случај.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *