Лондонски „Гардијан“, еден од најугледните дневни весници, што се вели од светскиот врв, повеќе пати прави големи истражувања за спасување на последните македонски рисови. Критично загрозените видови животни и растенија, вклучувајќи ги и големите диви мачки што живеат во националниот парк „Маврово“ е силен мотив на европските еколози да се спречи изградбата на браната „Бошков мост“. Импресивна е грижата за целиот екосистем, кој се протега на 730 квадратни километри, особено за последните 50 риса во поширокиот балкански регион. Кога ќе прочитате какви грандиозни димензии зафаќа „војната“ за заштита на ретките видови жив свет, просто ви излетува од уста прашањето зошто оваа чудесно убава и благородна акција не се пошири на спасување и на луѓето бидејќи во Македонија само за десет години исчезна една четвртина од населението, 470.000 млади луѓе заминаа легално од својата татковина, според податоци на Светската банка.
И луѓето се дел од живиот свет, ама екологистите сметаат дека човекот може да се заштити како интелигентно суштество и сам и преку цел еден државен систем, а нивната работа е сосема обратна како да ги спасат загрозените видови и природата токму од човекот. Откако прочитав каков е планот да се сочува автентичноста на националниот парк „Маврово“, си реков добро е што не не’ спасуваат и нас и што се уште не есапат за човечки суштества. За да се спречи изградбата на брана на Мала Река што може да ги загрози рисовите, орлите, растенијата и други ретки видови од живиот свет, но и природните извори и потоци кои се дел од исклучително значајна природна убавина, европските еколози откриле дека треба да се сопрат сите финансирања на градежните работи за изградба на браната. Логиката е едноставна нема пари, нема брана.
Ако се примени истата доктрина и за спасување на луѓето да не исчезнат сосема, тоа ќе значи запирање на сите славини за помош и финансирање на Македонија, која се мери во стотици милиони евра годишно. Разликата е што се работи за две различни брани. Едната е „Бошков мост“, која чини сто милиони евра, а без неа се спасуваат недопрената природа и живиот свет, вклучувајќи ги и 50-те рисови, а другата брана, всушност, е одамна поставената блокада на целата држава кон Европа која нема цена. Нејзиното уривање ќе значи спасување на преостанатиот милион и пол редок и загрозен вид Македонци и други народи што живеат во Македонија . Оваа брана како невидлив берлински ѕид ја изградија грчките шовинисти и националисти, македонските неспособни политичари на кои им е поважно освојувањето на власта отколку на Европа и европеизацијата на Балканот. На ова кумува европската себичност.
Последиците од ваквите политики не е еколошка, туку човечка трагедија на граница на геноцид само затоа што Европа срамно стои зад национализмот на своето галениче Грција. Воедно, Европа толерантно се однесува и кон авторитарниот режим воспоставен во Македонија, практично поддржувајќи еден идиотски инцидент на историјата, со што се оневозможуваат граѓаните на една мала и мирољубива земја да го остварат својот европски сон да бидат дел од европското семејство – рамноправна членка на ЕУ и на НАТО. Загрозениот човечки вид во Македонија ако се заштитува на истиот начин како балканските рисови може да се спречи само со секнување на парите со кои се изгради браната кон Европа. Прилично депресивно за иднината на преостанатите милион и пол луѓе што се’ уште живеат изолирани во европскиот резерват наречен „Западен Балкан“, нова географска одредница која не постои како термин во науката, ниту во практиката. На тој начин миграцијата од Балканот кон Европа е незапирлива иако не е толку видлива како драматичните збегови на луѓето од Сирија, од Ирак, од Авганистан и од Пакистан. Балканскиот бран на иселување кој тече со години кон Европа, Америка, Канада, Австралија, Турција, Дубаи нема веќе да биде како плитките брзаци на Мала Река, туку како Тихиот Дон. Таа мирна и длабока река луѓе ќе стане незапирлива делта која со сиот нанос ќе се влее најмногу во Европа. Тоа ќе биде конечниот трагичен резултат на Европската лоша политика која упорно и натаму се насочува кон поддршка на национализмот на своите членки и авторитарните режими, а се спроведува делумно успешно само во сиромашните земји со прекин на финансирање и кредитирање на градежните работи при изградба на брани и деградирање на природата за да се заштитат загрозените видови животни и растенија.
Екосистемите ги сочинуваат и луѓе, пред се’ луѓе. Ако се спасат загрозените видови луѓе, да се ослободат од стегите на режими и од европската себичност, ако се создаваат услови да живеат во слободна и демократска држава со шанси за просперитет и извесна иднина со примена на европските вредности и стандарди, можат да се сочуваат и луѓето и чистата природа и човекова околина. Вака Европа за извесен кус историски период можеби ќе добие чиста околина и во Маврово и во цела Македонија и поголемиот дел на Балканот – ама без луѓе. Тоа ќе биде чиста човекова околина без човеци. Човеците ќе бидат иселени во Европа.
Сега мајката му е како што Бернската конвенција успева со спречување на кредитите да го заштити екосистемот на националниот парк „Маврово“, така Брисел треба да го дозволи основно демократско право на избор на граѓаните во Македонија. Преговорите за членство во ЕУ се дел од заштита на загрозениот вид луѓе. За да се спасат луѓето преговорите со ЕУ за членство конечно треба да почнат. Пред тоа треба да се урнат блокадите и да се отстранат луѓето што ги поставија и во Македонија и во Грција и во Брисел.
(објавено во Утрински)


