Искусниот њујоршки адвокат Метју Нимиц со едно интервју, поточно со неколку реченици, ја врати во игра 20-годишната правна и политичка сапуница, вечните преговори, или попрецизно разговори, за името на Република Македонија. Стариот лисец кој секогаш бил внимателен во своите куси и куртоазни изјави за да не наштети на која било страна, за првпат даде јавно свое мислење кое изгледа прилично категорично за улогата на еден посредник на ОН во разговорите, по многумина меѓу најтешките преговори во светот, меѓу Македонија и Грција. За весникот „Катимерини“ Нимиц вели: Јасно е дека е дојдено времето да се најде решение“…„двете страни ќе мора да покажат разбирање и отстапки од црвените линии“…„треба да има договор за едно име за државата кое ќе го има терминот Македонија, но и една разумна одредница, а според мое мислење географска би била најдобра, кое ќе го гарантира достоинството на државата, но и ќе ја разграничи од големиот дел на Македонија кое е неделиво парче на Грција“…
Во политиката нема ништо случајно. Не може да се поверува дека Нимиц има само намера да ги оживее замрените преговори во еден исклучително неповолен период. Наивно е да се мисли дека по 20 години будно следење на состојбите во двете земји, во ЕУ и во Америка, се разбира и во ОН, Метју Нимиц ќе се истрча непромислено во грчки дневен весник да кажува предлози од типот дека е дојдено времето да се симне од дневен ред прашање на кое веќе се потрошени 20 години без никакви изгледи за решение во догледно време, а најмалку тоа да се случи спектакуларно во брзо време и тоа почнувајќи со прием на Македонија во НАТО, за што Нимиц вели дека тоа треба да се направи итно и веднаш да почнат преговорите на Македонија со ЕУ. Ова да го каже внимателниот Нимиц е шокантно, тој секогаш на кантар ги мери не само своите зборови, туку и објективната ситуација. За голема неверица е така да зборува медијатор на ОН и тоа баш сега кога во Македонија во ек е длабока политичка криза, кога веќе е одреден датумот за предвремени парламентарни избори, кога наредниот месец премиерот треба да се повлече од функцијата, кога специјалното јавно обвинителство ќе почне да работи по лекс специјалис за гонење на кривични дела кои произлегуваат од прислушувани разговори на илјадници граѓани и јавни личности меѓу кои политичари, новинари, а лично и премиерот, клучни министри во Владата, деловни луѓе…
Ваков предлог на Нимиц кога на повидок е нова техничка влада со друг премиер изгледа навистина, благо кажано, зимзелено, да не речам налудничаво. Во момент кога Македонија го очекува најнеповолниот Извештај од Брисел , седми по ред , за напредокот во реформите кој според многу оценки ако не биде одземена Препораката, таа ќе биде прилично условена да не речам ултимативна, а Нимиц, како да е од друга планета, предлага итно членство во НАТО и брз почеток на преговорите со ЕУ.
Да првиот впечаток е тој дека светско чудо е да се случи нешто спектакуларно поволно и брзо меѓу Македонија и Грција. Но, историјата е полна со примери кога и најтешките преговори завршуваат наеднаш преку ноќ кога во јавноста и најмалку се очекува решение. Метју Нимиц, блиску е до здравиот разум, за да излезе со такви предлози мора да има адути во рацете. Можеби Викторија Нуланд, помошник-секретар на Стејт департментот, при посетата на Грција минатиот месец поврзано со бегалската криза поставила некој американски патоказ во грчко-македонскиот лавиринт, па сега Нимиц само го покажува излезот. Но тоа не е доволно за разрешување на деценискиот наметнат спор. Ако ситуацијата и кризата во Македонија не дозволува сега да се бара компромисно решение од кое ќе бидат задоволни двете страни, или еднакво незадоволни, ако во ек е жестоката кампања за предвремени избори , ако премиерот е пред оставка, а Грција целосно свртена кон своите проблеми, кој е главниот адут на Нимиц. Мислам дека џокерите во ракав на лисецот од Њујорк, посредникот на ОН се премиерите Никола Груевски и Алексис Ципрас, особено по нивниот меѓусебен разговор во септември во ОН што предизвикало кај Бан Ки-мун прашањето да добие висок приоритет. Нимиц ги фали двајцата премиери за кои вели дека се лидери кои добро го знаат прашањето и знаат да преговараат. Двајцата уживаат доверба во своите држави. Секој од нив ќе ги заштити националните интереси, двајцата имаат стратегиска визија и политичка храброст да најдат решение, вели Нимиц и додава за Груевски дека е сериозен и фокусиран на тоа што го работи, интелигентен соговорник со силен карактер, функционален и искусен лидер. Вакво нешто немам слушнато за Груевски ни во врвот на ВМРО-ДПМНЕ кога беше избран за лидер на партијата и кога е устоличуван за премиер. Овие слаткоречиви зборови и фалби Нимиц ги позајмил од Византија.
Се разбира, Нимиц е доволно мудар да не спомнува уште еден адут, мислам најсилен кој многу помага да се каже дека е време да се реши проблемот со името, вклучувајќи негова промена со географска додавка. Тоа е специјалното обвинителство и обвинителката Јанева. Интелигентните, искусни и функционални лидери кога ќе се соочат со обвинение и со суд знаат да дојдат до компромисни решенија. Ако работата оди натаму, тогаш треба да се простиме од уставното име и од договорот од Пржино, од оставката на Груевски, од сериозни истраги на специјалното обвинителство, а веројатно и од законот, а најверојатно и од предвремени избори. Или можеби Нимиц бајаги остарел и станал премногу емотивен и глаголив. Ќе видиме набргу што е што.
(објавено во Утрински)



Повозрасните секако се сеќаваат на комплиментите што своевремено Р.Никсон ги упатуваше на ген. Мобуту Сесе Секо. Итрите лисици знаат на што паѓаат ситните души а за возврат да не дадат ништо. Знаеме како (неславно) заврши Мобуту, а земјата Конго (Киншаса) не може да си дојде на себе до ден денешен. Timeo danaos et dona ferentes!
Со почит,