Banner
Мое ќоше

Пази, се снима …

akcija

Алал му вера на тој што му текнало да го изнајми едниот од двата автопата колку што ги имаме и единствената обиколница околу Скопје за странците да снимаат филм во Македонија. Не знам дали се работи за комедија или за гангстерски трилер ама мислам дека и двата жанра одлично се вклопуваат во амбиентот. По она што можев да го видам некни патувајќи по стариот пат од Велес до Неготино се работи за акциски филм. Типот обесен на хеликоптерска сајла леташе над вардарската долина, ама не можев убаво да видам дали снимаше со камера или пукаше со „калашников“. Во секој случај, сцената беше спектакуларна. Горе хеликоптер, долу брканица на автопатот „Александар Велики“. Ептен филмски, нема што.

Разбрав од прва рака зошто режисерот го одбрал баш нашиот автопат. На ниту еден автопат во Европа и цела Азија не можел да биде запрен сообраќајот со часови и денови. Таму автопатиштата служеле за движење на возила и имало таков сообраќај на автострадите што за еден час прекин се правел таков метеж и блокада која предизвикувала милионски штети. И, замислете, нигде не се изнајмувале автопатишта, дури ниту еден закон не предвидувал таква можност. И, уште нешто многу важно, ова бил единствениот автопат на кој има такви нерамнини и дупки што колите при побрзо возење рипаат како коњи и не се потребни никакви филмски трикови и каскадери. Толку бил добар нашиот автопат за снимање криминални филмови што кај „Дуинг бизнис“ на Светска банка бил повисоко рангиран од познатата филмска улица во Сан Франциско. И, конечно најважно, автопатот низ Македонија со изнајмување за филмови почнал повеќе да заработува отколку по него да возат автомобили и камиони, а и еколошки е многу поисплатливо.

Обиколницата околу Скопје е уште порентабилна. Таков ринг роуд нема нигде. Одлично автопатско решение за одбегнување на главниот град, на кој од време на време поминува по некоја кола и камион. Обиколницата зјапа празна и просто плаче за издавање под наем. Колку подолго, толку подобро.

Ако ги издаваме рудниците под кирија, езерата, реките, потоците, планините и шумите со најбистри извори, плодните полиња и атрактивното градежно земјиште, аеродромите… зошто тогаш не би ги издавале и автострадите, мостовите и локалните патишта и патеки. Имам една генијална идеја да ја издадеме цела држава топтан под наем на Холивуд. Ќе биде тоа најмасовната филмска сага за преживување на два милиони луѓе. Стотици илјади камери би биле вклучени во секое домаќинство, на сите јавни места, на плоштадите, улиците и патиштата, во фабриките, во парламентот, на факултетите, во училиштата и градинките, во болниците, на пазарите и во маркетите, по селата и планините насекаде каде што има жив човек.

Во Владата би бил главниот штаб од каде што господарот ќе јавува кој е исклучен од играта. Тоа би бил идеалниот начин за спасување на Македонија од сиромаштија и од исчезнување. Цела држава, сите граѓани ќе бидат вработени, дури и малите деца, бебињата и изнемоштените стари луѓе. Сите ќе добиваат одличен надомест за она што им се прави. Цел свет може да ги гледа сцените во живо како пијани анестезиолози задушуваат родилка заедно со бебето или како на митинг полицаец од обезбедување на водачот во негова близина претепува на смрт момче. Или како умира девојче додека здравствената администрација одлучува со месеци дали да се лечи во странство.

Или, да речеме, како би изгледал возбудливо пренос во живо од масовна сцена како во една европска држава умираат повеќе луѓе од лекарска грешка, отколку од природна смрт. Или, замислете, каква напнатост би предизвикало нарачано апсење на домашен непријател и монтиран судски процес со пресуда од десет години затвор колку што шепнало длабокото грло преку телефон. Колку би била оригинална филмската сцена како водачите на фармата го обиколуваат главниот град со специјално возило и избираат атрактивни плацови за џабалак. Или колку во суштина би била реална сцената кога водачот оди на работа рано попладне околу 13 часот со црн блиндиран „мерцедес“ со темни прозорци, кој чини околу 600.000 евра, придружуван од неколку мотори и автомобили и едно 30 ’рмпајлии со избричени тркалезни глави и специјалци полицајци. Таа глетка би била автентична до болка ако сопственикот на фармата по влегување во својот кабинет ги вклучи сите камери да види што му прави народот. Кога потоа ќе ги исклучи сите неподобни од стадото би соопштил: овде одлучува народот, решаваат граѓаните на избори.

Ова се двете најомилени реченици на водачот во паузите меѓу отворањето на две фабрики и приемот на 800 и плус, нешто подоцна, на уште 500 нововработени во јавната администрација, јавните паркинзи и „Македонски шуми“ и планини. Се’ се тоа добредојдени статисти за филмскиот потфат цела држава да биде ставена под наем на странски инвеститори. На тој начин најдобро ќе ја зачуваме и самостојноста и независноста и националната гордост, воедно тоа ќе биде и најголем дострел на демократијата и слободата. Народот ќе одлучува за се’ на избори, а волјата на граѓаните ќе ја спроведува еден човек во периодот меѓу изборите. Така се добива идеална рамнотежа, народот одлучува цели десет дена во период од десет години, бидејќи секоја година има избори, а вождот ќе ги спроведува народните одлуки десет години, а ако така одлучи народот и доживотно…

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *