Banner
Мое ќоше

Трите лаги со опашки

hear-no-evil-see-no-evil-speak-no-evil

Трите најактуелни и најголеми лаги со опашки што 24 часа во едно деноноќие агресивно ги вртат телевизиите и порталите на власта е како раководството на ВМРО-ДПМНЕ да се прикаже невино јагне во големата корупциска афера „Телеком“ кога дебело се подмитени високи функционери и трите најголеми политички партии во државата СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Втората лага е драмата што бесрамно ја буткаат подопашниците на власта дека опозицијата сака да им го одземе правото на глас на иселениците во странство. И третата лага е најголемиот успех на Владата, како што вели министерот за финансии Зоран Ставрески, зголемувањето на пензиите за 621 денари месечно на секој пензионер линеарно.

Кратки се нозете на лагите, но во Македонија се’ уште вистината бавно патува поради воената цензура во најголемиот број медиуми, особено телевизиите и нивната целодневна и целовечерна пискотница „држете го крадецот“ и поради стравот и молчењето на надлежните институции и личности. Во целиот овој десетгодишен период во провладините медиуми темата за аферата Телеком беше забранета. Иако и во обвинителството се водеше некаква истрага, која уште 2008 ја почна сега актуелниот јавен обвинител Марко Зврлевски, јасно видливи беа обидите за нејзино заташкување, а обвинителот Зврлевски, кој го водеше предметот веќе наредната 2009 година, беше унапреден во прв човек на Обвинителството.

Цели десет години еден невиден скандал се тркала од Скопје преку Будимпешта и Берлин до Њујорк. Сегашниот епилог е дури и филмски неверојатен. Познати се тие што давале мито, а се’ уште непознати тие што примиле мито. Американскиот суд поради корупција на функционери во Македонија што предизвикало нереална слика за Дојче телеком на Њујоршката берза експресно го казни германскиот комуникациски гигант со 95 милиони долари. Германите платија како попчиња и молчат како риби. И кога се мислеше дека по таа казна брзо ќе се откријат сите учесници во аферата, работите застанаа во Македонија. Секогаш кога власта стои зад криминалците, тешко се откриваат работите.

Деновиве професионалните новинари потсетија дека во 2008 година Управата за спречување на перење пари притиснала за тревога. Директорот Ване Цветанов доставил предлог до Јавното обвинителство да се замрзнат сите сметки на компанијата „Камени мост“, каде што се префрлаа милиони и милиони евра од Телеком и кои одлетуваа од земјата во странство. Судот ја прифати оваа препорака на Управата за спречување на перење пари и ги замрзнува сметките на компанијата „Камени мост“, но после тоа се активираат организираниот криминал и мафијата, работите попримаат текови на забошотување и одолговлекување со спречување на разни истражувачки активности, особено до тоа како дојде до договор меѓу „Камени мост,“ со тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ преку фирмата „Аналитико“ и други компании блиски до ВММРО-ДПМНЕ.

Во Скопје се заташка работата, ама Њујоршкиот адвокат и суд си ја работат својата работа. По сведоштвото на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, исплашената власт ја активира својата новинарска бригада во три смени. Секои половина час една по една телевизиите и некои партиски весници се цитираат меѓу себе, обидувајќи се со соопштенија и пропагандни трикови на партискиот штаб да создадат јавно мислење дека ВМРО-ДПМНЕ е чисто како солза, а корумпираните функционери се од СДСМ и од ДУИ. Таква претстава можеби и ќе постигнат во Македонија, ама тешко во Њујорк ќе поминат евтините спинови и лаги на партиски активисти, платеници и измамници кои за себе мислат дека се новинари.

Притоа, пак, молчат како глувонеми за иста таква ако не и поголема афера која се тркала повеќе од една година низ Македонија, а најверојатно ќе заврши во Виена, или во некој друг дел на светот каде што владее правото. Либерализацијата на увоз и продажбата на електрична енергија е укината во Македонија, овозможувајќи монополска позиција на ЕВН и на ЕЛЕМ. Истото што и беше со Телеком, а митото беше дадено да се задржи уште некоја година монополската позиција на Телеком, оштетувајќи ги граѓаните на Македонија со монополски повисоки цени во милионски износи. Што е разликата сега со заштита на монополот ЕВН и ЕЛЕМ со цената на струјата на штета на целото стопанство и на сите граѓани. Власта не дозволува да поевтини струјата во интерес на монополите. Смрди, труе на корупција Дури се чини дека овој рушвет е поголем од оној во Телеком. Е, за тоа владините медиумски апологети сега молчат како што молчеа за Телеком.

Вресокот за одземените права на иселениците да не гласаат е втората ординарна лага. Никој тоа не го побарал. Станува збор за флагрантно нарушување на основното демократско правило еден човек – еден глас. Не може за граѓаните кои живеат во Македонија да важи правилото еден човек – еден глас, а за граѓаните со потекло од Македонија кои живеат во странство, гласот на еден човек да вреди колку на десет души во Македонија. Тоа го нема нигде. Тие сакаат со 500 гласа да имаат пратеник, а во татковината им за тоа треба најмалку 5.000 гласа. Епа браќа, колку и да сте ни мили, вакво понижување не е во ред. А башка тие што ги избравте ништо не сработија, не ги ни видовме.

За најголемиот успех на ВМРО-ДПМНЕ да ги качи пензиите на сите пензионери за 621 денар месечно, негде околу 10 евра, или колку пакет тоалетна хартија и неколку апчиња за глава е измама без преседан со лажно претставување на Владата како спасител . Вистината е на спротивна страна: сиромашните и испокрадени пензионери ја помагаат оваа власт со нивни тешко заработени пари да остане уште во своите фотелји како награда бидејќи досега од сите најдобро лаже и… краде.

(објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Aleksandar

    Pochituvani,za 24 godini Tito od Jugoslavija napravi sovremena drzava od edna polufeudalna monarhija,najzaostanata vo Evropa/posle Albanija/.Ovie gospoda ja vratija Makedonija i takvite slichni vo drugite drzavi tamu kade Tito zapochna 1945.Ima tolku nepravdi i kriminal i se vo imeto na narodot.Imaa edna ideja koja trebeshe da bide kako osuda i sprechuvanje na nedemokratskoto odnesuvanje vo prethodniot period “Lustracija” se vikashe,nas ni fali Lustracija na lugjeto od 1992 navaka,a onie od prethodniot period se Istorija,toa e rabota na istoricharite ama ovie treba da se rabota na Istraznite organi.Ako ne se ischstat Augievite shtali/a se znae kako Herkul gi ischistil/ tie ke trujat i ponataka.Crnata chuma se zadade,ama ima li junak ?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *