Banner
Мое ќоше

И бол и бес

anger1

Откако ни го фалсификуваа минатото и ни ги уништија сегашноста и иднината, откако ни ги испраа спомените и сеќавањата и ги сменија имињата на загинатите народни херои со имиња на македоноубијци, предавници, фашисти и туѓинци, откако една полуписмена и примитивна збирштина збрана во некаква инквизициско- лустрациска комисија ги испоплукаа и испоганија големите дејци, живи и починати, откако ни измислија нова и туѓа историја и ги избербатија сите домашни вредности, одлучија да ги избришат своите гревови, сопствениот срам и поганштија, својот арамилак. Политичките олигарси кои владеат цела деценија деспотски без никаква контрола предложија до оние кукавици и полтрони што се собираат да јадат, да пијат и да дигаат раце за дебели народни пари во Собранието на Македонија да донесат Обзнана со која ќе се озакони диктатурата на Никола Први и Последни и неговата булумента.

Е, не ќе може. Не можете да не’ задушите. Човека со здрав разум го опфаќа и бол и бес од ваквата тиранија да се озакони заштитата на грабежот, криминалот, срамот, расипништвото, подлоста и алчноста на узурпаторите на власта. Властодршците одлучиле со ОБЗНАНА да воведат диктатура и да прогласат вонредна состојба во државата кога не смее ништо да се пишува, поседува, чува во архив, во книги, во компјутер и во главите на луѓето само ако има еден збор кој е содржан во бомбите на Заев и кој може да прозвучи грдо и непримерно за безгрешната и чесна власт. Доаѓаат потешки времиња од волнени кога ќе мора сами да ги палиме книгите на клади, да ги чистиме библиотеките од опасни текстови кои можат да ја загрозат власта, да ги чистиме компјутерите од текстови кои можат да не’ однесат четири години во затвор, да си ги испереме меморијата и нашите спомени и сеќавања.

Власта во Обзнаната прогласува општа амнезија на се’ што може да и’ наштети на диктатурата и на владетелот и неговите дворјани. Македонија е на прагот на инсталирање на целосна воена цензура. Таа досега беше присутна во највлијателните телевизии и во јавниот сервис МРТВ во повеќе дневни и неделни весници, но на власта тоа не и’ е доволно, сега сите медиуми, секој граѓанин, секое јавно место, на сите плоштади и пазари, во сите кафеани каде што има повеќе луѓе и каде што секој јавен настап може да се судри со Обзнаната, можете да бидете уапсени и експресно осудени на четири години затвор. Ете тоа е последната одбрана на ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ на Никола Груевски и Али Ахмети.

Груевски и неговиот „посилни“ Ахмети го најдоа начинот како да ги стопираат сите договори и преговори кои можат да ја решат длабоката политичка, економска, морална и духовна криза во која тоне Македонија. Таа разврска може да ги доведе до обвинителна клупа и до нивно соочување со правдата и со специјалниот тим обвинители, со криминалот кој сите го слушнавме, со узурпирање на власта и блокирање на институциите на системот, со избор на подобни судии и обвинители во кафулиња, со стратегиите меѓу владата и новинарите, за начинот на корумпирање на медиуми и уредници кои работат на повик како да разнесуваат пици. Мудрата власт измисли закон да се забрани да се пишува за тоа како се бираа и освојуваа плацови на Водно, како се сместија изборните штабови во МВР, како се местат избори, како се прават милиони евра преку ноќ, како се купуваат и возат мерцедеси за 675.000 евра, како се уништуваат и затвораат луѓе поради нивните политички определби. Не смеат да се цитираат неговите најблиски соработници дека премиерот забегал и почнал да троши ненормално пари за чоколади, а луѓето немаат за леб, владата не смее да се нарекува лудница како што ја нарекуваат министрите во меѓусебните разговори, не смее да се пишува за перверзиите на владетелите и на царскиот двор. Сето ова со предложената Обзнана е да се одбегне соочувањето со правдата и со граѓаните на Македонија. Немојте ни да помислите дека ова е највисоката точка на лудоста на оваа власт. Не, допрва ќе ги почувствуваме ударите на грогираните боксери.

Убеден сум дека бомбите на Заев и тие што веќе експлодираа и тие што не се, сега посилно ќе грмат низ Македонија и низ светот бидејќи политичката олигархија одлучи да го забрани тоа што сите го знаеме. По забраната на слободен говор и слободна мисла, ова е прв пат во светот една власт да го забрани законот поврзан со Земјината тежа. Паѓањето на оваа расипничка и насилна власт не може да се запре ако се поништи законот, туку само ако се стопира Земјината тежа. А може на уплашените владетели, за да не ја загубат власта, и тоа ќе им текне да го забранат.

Ви кажав, завршува ерата на Груевски, но груевизмот и лично Груевски се’ уште се тука. Трагичните последици од еднодецениското деспотско владеење ќе траат уште цели 50 години. Законот, Обзнана, за замолчување и задушување на основните човекови права дефинитивно го става целото општество на кантар. Драги мои, од денес се мерат зрелоста и капацитетот на граѓаните на Македонија. Конечно, ќе мора да се определиме дали сакаме слобода, демократија и Европа или деспотија и темен вилает. Граѓаните кои не можат да си ја препознаат својата иднина и иднината на своите деца и внуци не треба ни да имаат држава. Време е да кажеме што сакаме, доволно гласно да чуе светот и да и’ замрзнат жилите од страв на инквизицијата, која пали книги, сеќавања и вештерки. Доста е…

(објавено во Утрински)

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *