Примитивната популистичка политика на Владата кон армијата од 300.000 пензионери е еден од главните столбови на премиерот Никола Груевски за непречено и неконтролирано владеење цели десет години. Груевски успеа уравниловката при покачување на пензиите да и’ ја прикаже на јавноста како грижа за пензионерите. Исто така, успеа да создаде лажна претстава дека некој нешто им раздава на пензионерите што не е нивно и што не им припаѓа, што не е заслужено и дека таа милостина е добра волја на Владата и лично на премиерот, а не законска обврска. Владата покачувањето на пензиите го нарекува исполнување на најголемото ветување. Во суштина станува збор за една од најголемите лаги. Нема ништо понормално луѓето што со децении работеле и издвојувале од своите пари барем еден мал дел од тоа пред крајот на животот да си го земат назад. Тоа се нивни пари крваво заработени, одвојувајќи од своја уста цел работен век за еден голем дел од нивните пари да заврши во таканаречениот солидарен пензиски Фонд кој откако е формиран никогаш не бил ни солидарен ни праведен.
Ајде да ја видиме ујдурмата со зголемувањето на пензиите и како пензионерите станаа грижа на Владата и буџетот, а не на самиот Фонд кој требаше да биде еден од најбогатите фондови во државата со парите на сите вработени кои по сила на закон со години секој месец одвојуваат висок процент за пензиско и инвалидско осигурување. Еве на пример, и вчера како и во последните две години, Владата ги покачи пензиите за 621 денар подеднакво на секој пензионер. На сите исто по 621 денар, нешто што го немало ни кај Николау Чаушеску, ни кај Енвер Оџа. Ако е толку добра оваа весела математика, зошто тогаш Груевски својата плата и на министрите и на сите државни функционери, на армијата од 185.000 луѓе државна администрација и на вработените во јавните претпријатија не им ја покачи еднакво на сите за 600 денари, туку за одреден процент, па секој добива во зависност од висината на платата. Овој комунистички потфат од 621 денар линеарно зголемување важи само за пензионерите, при што покачувањето на малите пензии изнесува скоро 10 проценти и е на сметка на тие што земаат повисоки пензии бидејќи за нив покачувањето е само околу 2 до 3 отсто. Значи, Груевски им зема од парите на помал број пензионери за кои прогласи божем дека им се високи пензиите, а со тоа и незаслужени, па нивните пари им ги дава на тие со ниски пензии. Патем, највисоките пензии во Македонија кои се ограничени, без оглед колку сте издвојувале во фондот, е колку социјалната помош во Словенија. Нивелирањето на пензиите со реалните трошоци на живот е законска обврска.
Владата на Никола Груевски не излезе пред јавноста со објаснување зошто Пензискиот фонд стана голем буџетски потрошувач кога секој што добива пензија користи пари кои осигуреникот ги издвојувал од своите примања. Никогаш ниту една влада не разјасни каде отиде имотот на Пензискиот фонд, на пример, парите од приватизацијата на голем број компании кога беше законска обврска одреден висок процент, близу десет отсто од акциите и уделите, да припаднат на ПИОМ. Што се случи со тие акции, кој ги продаде, а кој ги купи и по која цена. Кажано едноставно, кој го осиромаши пензискиот фонд. Тоа е една од темите што треба да бидат разјаснети во јавноста за да се види дали буџетот и државата му помагаат на Фондот и на пензионерите, или сосема спротивно, пензионерите и сите вработени ја финансираат бескаматно и неповратно државата и служат како параван за популистички игри и предизборни активности. Бесплатните автобуси во градскиот сообраќај двапати или трипати неделно, бањите и слични буџетски оптоварувања се сосема непотребни ако пензиите изнесуваат колку што издвојувале вработените како што е во целиот свет. А ако Владата сака да ја примени солидарната категорија како што е Македонија и според Уставот, тогаш нека донесе закон за социјални пензии без да го оптоварува Фондот, при што ќе ја одреди најмалата пензија во износ што го гарантира човековото достоинство и што ќе му овозможи на секој пензионер без проблем со свои пари да се вози во автобус кога сака и ќе му овозможи да си купи и лекови и да оди неколку дена на бања годишно, а не тоа да го прави на сметка на сите граѓани, посегнувајќи во државната каса како да е на Владата, или лично на премиерот. Раководството на Пензискиот фонд изразува задоволство од ваквиот начин на зголемување на пензиите и директно ја покажува својата партизација, земајќи учество во коруптивната предизборна кампања.
Игрите со пензионерите и нивната сиромаштија е една од најперфидните лаги кои се директно на штета на сите кои со децении чесно работеле и си ги плаќале давачките кон државата. Нивниот труд никогаш не е праведно зголемуван по пензионирањето во согласност со вистинските трошоци за живот. Доказ за тоа е што просечната пензија денес со најновото зголемување изнесува одвај 13.000 денари, а најилустративен податок за еден од најголемите грабежи на парите на граѓаните е фактот што над 100.000 пензионери не земаат повеќе од десет илјади денари пензија што е на прагот на гладување. Обидете се да пресметате што можел да купи еден пензионер во 2006 година за 7.600 денари просечна пензија, а што може денес со 13.000 денари. Дали е тоа 70 отсто зголемување, или 30 отсто осиромашување?
(објавено во Утрински)


