Кога премиерот и Владата ни продаваат евтин малтер како најскап мермер, а ние тоа го плаќаме со воодушевување, додека немаме ни за леб, иднината ни е живот во ќерпич. Дали знаете што е ќерпич? Тоа е „Скопје 2014“, најскапиот политички проект во 21 век со парите на најсиромашниот народ во Европа. Се прави со мешање на песок, глина и вода со слама и со измет од стока. Потоа се прават цигли кои се сушат на сонце. Добар и евтин градежен материјал кој со векови може да ја покажува бедата на еден народ. И тогаш имало од бетер, побетер, па некои градежници-арамии ставале кал и измет од погрешни животни наместо добра глина и лепешки од крава. Затоа од тоа време е и поговорката: од секое г…о не се прави ќерпич. „Скопје 2014“ е токму тоа, однадвор барок, а внатре батак.
Нашата несреќа е во тоа што комплетната изградба на македонското современо општество е лош ќерпич. Кај ќе пипнеш, смрди и се распаѓа. Лажниот барок и рококо не се само во Потемкиновите кулиси во центарот на главниот град, туку во сите сфери на живеењето бидејќи прифаќаме евтина имитација со лажни материјали и неспособни алчни политичари кои успеваат цела деценија да ни продаваат рог за свеќа, прикажувајќи ни го тоа како големи успеси и голема среќа. И сега кога ги слушаме нивните признанија во секојдневните детонации на бомбите од скандалот „Пуч“ дека тие не’ есапеле за аморфна маса, за лош ќерпич, кога видовме како не’ меселе и печеле на сонце и од нас правеле цигли за нивната смрдлива слава, се’ уште ракоплескаме на трагедијата што си ја предизвикавме сами со возење во спротивен правец по еднонасочна улица.
Што се ако не ќерпич нашата демократија и слобода, нашето судство и владеење на правото, нашето новинарство и медиуми, нашите големи успеси во економијата, нашите патишта и пруги, гасоводи и нафтоводи, нашата внатрешна и надворешна политика, нашите односи со соседите, нашите евроатлантски интеграции, нашата европеизација, култура, здравство, образование, земјоделство, нашите синдикати, нашиот парламент… Се’ е тоа една мешавина на кал, песок, слама, лепешки и вода залепена на нашите сурати со наш амин и длабок наклон. Како може поинаку да се протолкува фактот што во втората декада од 21 век во земјата недојдија има политички затвореници, заточеници на совеста, има медиуми-куртони и новинари-лиценцирани патриоти и првоборци…
Се радуваме на највисок раст во економијата во Европа при живот во мизерија. Кога ќе успее човек да купи еден леб повеќе за гладното семејство, власта бележи раст од 33,3 отсто. Кога се гради девет километри автопат за девет години, наеднаш се ветува изградба на 200 километри, откако сите ја заобиколија Македонија. Кога се градат бронзени споменици најмногу по глава на жител, тоа е раст од сто отсто на годишно ниво. Кога има брзи пруги и возови со тројца патници кои од Скопје до Гевгелија некогаш патуваат цел ден, тоа е мотив да се купат вагони и локомотиви, пак за тројца патници. Какви се тие приказни за изградба на гасоводи и нафтоводи кога половина од населението не знае дека одамна имаме и гасовод и нафтовод кои стојат со години неискористени. Каква е таа надворешна политика кога кокетираме со големите сили намигнувајќи како евтини ороспии час на едните, час на другите, а сме потпишале единствени во регионот договор со Америка за стратегиско партнерство. И сега како паднат од Марс премиерот ни вели дека нашата ориентација е на Запад кон НАТО, Европа и слободниот свет, а неговите загари преку неговите телевизии лаат секој ден по сто пати против Америка и НАТО. На кој му кажува приказни премиерот дека тоа се нашите стратегиски определби, а девет години ништо не направи да ја приближи Македонија кон тој слободен свет, ослободувајќи не’ од неговата ќерпич-политика. Напротив, со неговата политичка стимулација за присвојување на пославно античко потекло не’ оддалечи од Запад илјадници километри.
Ако ние сме сервилни аминџии, тоа не се нашите стратегиски партнери и вистински пријатели. Таа политика со намигнување на сите страни одамна ја имаат прочитано и сместено во категоријата на политичка проституција својствена на банана-држави и корумпирани лидери. И сега дворските новинари тоа го прогласуваат како историско „НЕ“ на Груевски на Путин, небаре како Тито што му рекол на Сталин во 1948 година. Каква е таа надворешна политика произведена за домашни потреби кога со ниту еден сосед не се изградија односи како што доликува на први комшии и кога дење-ноќе новинарските камбани бијат тревога дека соседите се виновни за нашите несреќи, плашејќи ги граѓаните какво големо зло ќе не’ снајде ако нашите деца научат да зборуваат албански, турски, ромски, српски, бугарски… Да, тоа би било голема трагедија ако почнеме полесно да се разбираме меѓу себе, тогаш лошите влади бргу паѓаат. Не треба да се чека цела деценија.
Време е да се исфрлат ќерпичот и евтиниот малтер од секаде, а најмногу од нашите лица. Ни требаат нови цврсти темели врз кои ќе се гради демократско општество од гранит и од мермер, за да не потонеме во сопствениот бербатлак, оти веќе е дојдено до гуша.
Објавено во Утрински


