Banner
Мое ќоше

Тажната страна на карикатурата

colaz_pecko

Кога во една земја реалноста е посмешна од карикатурата и посатирична од сатирата, тогаш нацијата е на добар пат да го загуби духот. Кога, пак, карикатурата покажува тажна страна која ја гледаме со солза како да ни влегол песок во очите, наместо со смеење и радост, тогаш живееме во несреќно општество на исчезнување. Некни, на Задушница, бев меѓу десетина ужалени, на еден многу тажен парастос по повод смртта на карикатурата. Се вика Светска галерија на карикатурата на весникот „Остен“. Откако организаторите, чија упорност ме восхитува и ми влева надеж дека со слободата ќе воскреснат хуморот и сатирата и откако во неподносливата тишина за ваков настан истуривме малку вино на земјата за покој на душата, сите си заминавме со наведнати глави. Или можеби мене така ми се причини.

Долго ми ѕунеа во тврдите наглуви уши зборовите на нашиот познат карикатурист Драган Поповски кој со тивок глас приличен на ваков настан ни кажа колку е страшно што карикатурата ја снема од медиумите. Ме заболе до коска вистината што со малку зборови ја искажа еден извонреден автор. Поповски ја наслика гротеската на свој начин меко, а болно кога рече: со карикатура како дел од сатира може многу да се каже, а тоа изгледа на никого не му треба во Македонија. Да, во Македонија веќе не се смееме на карикатура, ама во светот за неа гинат. Ние се смееме на детонациите од „бомби“ кои експлодираат секој ден од монструозните разговори на нашите политичари, телефонски муабети со трагични последици од кои нормален човек би требало или да плаче, или да пука.

Светот уште ја гледа Македонија како место каде што се слави голем празник на една специфична уметност, една тешка дисциплина како да се насмеат и замислат луѓето и во тешки времиња на големи искушенија и неправди. На 46. Светска галерија на карикатурата стигнаа дела од над 200 карикатуристи од 50 земји. Ова чудо трае со децении кое го одржува големиот бренд на одамна погребаниот „Остен“ кој рамно 70 години, со мали прекини, уште живее, умира и воскреснува. Не е чудо, вели Мице Јанкуловски, еден од упорните карикатуристи кој е во екипата на „Остен“ за спасување на духот на нацијата, што „Остен“ уште зрачи и кога не излегува, можеби и затоа што неговите основачи Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов и Владо Малески, великани кои ја задолжија татковината, му вградиле нешто во темелот што не може да се откорне. А тие што денес управуваат со државата Блаже Конески, творецот на литературниот јазик, го нарекоа џуџето од Небрегово, или Коњевиќ, Славко Јаневски, кој го напиша првиот роман на македонски јазик, одамна покоен го лустрираа како кодош, за Владо Малески не знаат ништо големите патриоти дури и кога ја пеат химната „Денес над Македонија“ што тој и’ ја подарил на Македонија. Ацо Шопов е уште тука, за среќа.

И оваа година Светската галерија додели награди на познати светски карикатуристи. Со неа ќе се гордеат со право Мехмед Кахраман од Турција, Михаил Златковски од Русија и Павел Константин од Романија.

Наградата „Цицо“, која го носи името на еден од најголемите карикатуристи на сите времиња Елисие Поповиќ-Цицо, замина во вистински раце кај Дарко Марковиќ, нашиот најголем жив карикатурист, борец за слобода и демократија, писател и публицист, режисер на анимирани филмови со високи меѓународни признанија и награди. Нашиот Дар-Мар, кој уште неуморно работи секој ден, не дозволува да умре оваа дневна уметност, постојано одржувајќи ја на апарати и давајќи и’ трансфузија од својата крв. Вели дека тоа ќе го прави додека дише и додека му работи мозокот. Дарко, кој ретко излегува од дома поради нарушеното здравје, не знам колку ќе се радува на наградата „Цицо“ која Светската галерија на „Остен“ ни ја додели повеќе на сите нас кои го сакаме и почитуваме, но сигурен сум дека неговите јанѕи поради набрканиот хумор и сатира од земјата се многу поголеми од радоста за едно, би рекол, задоцнето признание. Дарко Марковиќ останува редок вистински патоказ во нашиот занает кој ја означува патеката која ја нема, која станала беспаќе. Мене ми требаат 5.500 зборови да го наполнам моето ќоше, а на Дарко ниеден збор да го наполни своето ќоше кое е секогаш пополно од моето. Деновиве тоа му го признав кога стигна на промоцијата на моите книги. Видов дека тоа му значи, мене сто пати повеќе оти растев и остарев со Пецко, неговиот главен јунак кој стана институција на системот во Македонија која се’ уште функционира.

Ах да, ќе заборавев за малку, кога излегов од Светската галерија на карикатурата и кога по знаменитата улица „Гоце Делчев“, не знам дали уште така се вика, тргнав накај плоштадот онака резигниран, ми текна зошто луѓето не ги интересира веќе карикатурата и зошто ги нема хуморот и сатирата во медиумите и зошто не им е до смеење. Пред мене беа исправени огромни бронзени карикатури како постојана поставка во живо.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Jordan

    Многу поетичен коментар за Светската галерија на карикатурата-Скопје,но не ми е јасно зошто токму Вие плачете над погребаната МАКЕДОНСКА КАРИКАТУРА.Имавте можност 40 години да ја воздигнете актуелната новинарска карикатура во НОВА МАКЕДОНИЈА,УТРИНСКИ ВЕСНИК,ВЕСТ,…а со тоа ќе ја афирмиравте македонската карикатура,…па нели е дел новинарската карикатура на вашето ЗНМ,…За Вас поважни се коментарите со најнедолични злобни плукања по актуелната власт(првите 30 години од Вашата новинарска кариера само викавте БРАВО и УРА!)…Затоа Вас спомениците за Гоце,Даме,Јане,…ќе во ви личат на КАРИКАТУРИ , а името на Василие Поповиќ-Цицо ќе го заменувате со Елисие Поповиќ-Марко…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *