Banner
Мое ќоше

Војна со „бомби“ и митинзи

gru

Најголем губитник од одбегнувањето на премиерот Груевски да се соочи со реалноста ќе бидат граѓаните на Македонија

Дали експлозиите на „бомбите“ што ги фрла лидерот на опозицијата Зоран Заев ќе бидат погласни од митинзите на премиерот Никола Груевски? Ќе победат ли „бомбите“ или митинзите? Дали Македонија ќе се соочи со реалноста и вистината или ќе продолжи да тоне во политичка, морална, духовна и економска криза? Дали, конечно, ќе се формира критична маса која ќе не’ ослободи од стравот за да тргнеме по патот кон европеизација на земјата или уплашени и кукавички молкум ќе станеме соучесници во исчезнување на државата? Ова се клучните прашања за иднината на Македонија која подолго време го измачува секој здраворазумски човек кој не се удира по гради кога си ја сака татковината, туку загрижено ги гледа последиците од едно долго и режимско владеење без демократска и правна контрола.

Војната против измислените непријатели на татковината, премиерот Никола Груевски и неговите следбеници, како што најавија на првиот митинг, што го нарекоа не знам зошто „Трибина“, а имаше само еден говорник и една предгрупа за загревање пред настапот на главната ѕвезда, ќе ја водат со народни собири, а најверојатно и со народни пари, низ цела Македонија. Партиските стратези оцениле дека војна со измислени непријатели дава најдобри резултати за зачувување на власта. Кога им се виде дека зборот борба за власт е пресилен, Груевски доби силна потреба да каже дека неговата борба нема да биде со вистински куршуми, нема да биде граѓанска војна туку тоа ќе биде политичка борба, во која неговите успеси ќе бидат пресудни за довербата на граѓаните. Но, за секој случај, да не се олабават многу луѓето од стравот, медиумските труби на власта пак ечат воинствено и повикуваат на крв, велат дека ќе има опасни гумени куршуми, гледаме секоја вечер специјалци на вежби за одбрана на власта од безредија, демонстрации и обиди за пуч или преврат. Ако овие застрашувања на јавноста не помагаат, ќе продолжат новите апсења и држење во притвор на политичките противници се’ до конечната победа. Груевски на митинзите, како сенароден, доживотен водач, ќе зборува со својот познат популистички јазик за големите успеси за време на своето владеење, еве ќе биде уште малку една деценија. Груевски ќе продолжи да го спасува името на државата од тие што ги набедува дека сакаат да го продадат, ќе отвора нови фабрики, ќе гради нови споменици во чест на славното владеење и новото античко минато… Се’ е така, само што нема одговор на прашањето зошто граѓаните од година во година живеат се’ полошо.

Тој филм веќе го гледаме девет години, познато сценарио како со години се создава привид на големи успеси и резултати. Тоа што им недостасуваше како верба на граѓаните при соопштување на овие волшебни успеси, се надоместуваше со фалсификување на народната волја на изборите. Тоа беше една од најголемите измами во мачната и тешка транзиција. Овие изборни лаги можеме слободно да ги наречеме „продон псеудос“, што значи татко на сите лаги. Во ерата на груевизмот граѓаните беа, мора да се признае, успешно излажани за големите достигнувања и за изборните резултати. Време е за соочување со вистината, доаѓа време кога мора да се плати сметката за измамите. Како што велат – може долго време да се лаже, ама не може цело време да се лаже. Еден ден ќе те фатат.

Зоран Заев, лидерот на опозицијата, битките за демократија и слобода ќе ги води и натаму со фрлање „бомби“ за вистината, со снимени прислушувања кои кажуваат автентично што и’ се случуваше на Македонија и нејзините граѓани во изминатите десет години. Како што најави самиот Заев, од прислушување илјадници граѓани и јавни личности имал материјал за четири години ако фрла по две „бомби“ неделно, односно ако одржува по две конференции за печат. Ако некој мене ме прашува, доволно ми е она што и досега го слушнав, дури и премногу е за да ми биде вклопен целосно мозаикот кој го пополнувам и редам од првиот ден од доаѓањето на Никола Груевски на власт. Со мирна совест можам да кажам дека Македонија изгуби цела деценија од својата иднина и се врати назад. Изгубија и граѓаните десет години од животот без перспектива, освен ако не станат поданици на режимот.

Што ќе се случи кога ќе завршат митинзите на Груевски и бомбите на Заев, се разбира, ако пред тоа не дојде шумарот и не ги избрка сите. Македонија најверојатно уште извесен период ќе остане да чмае осамена на Балканот и дефинитивно ќе стане дел од проблемот за стабилен и мирен Балкан. Од држава која цели 70 години беше фактор на стабилноста и мирот на Балканот, сега може да се најде во обратна ситуација. Предозирана со омраза, делби и сиромаштија, лесно може да влезе во позиција на распаѓање. Нешто слично веќе видовме со распаѓањето на Југославија. Историјата вели дека и во 21 век можат да исчезнат цели држави и народи, што и денес се случува. Првата дијагноза на тој пат кон исчезнување се бедата и сиромаштијата, таканаречената бела чума, бегството на младите, потоа следуваат немирите и меѓуетничките судири. Потоа доаѓаат последиците од налудничавата потрага по нов идентитет и по пославно историско минато и конфузијата што таа опасна интервенција на политиката во науката ја остави во свеста на голем број луѓе. Одговорноста на политичарите во вакви бурни историски времиња на тектонски промени е огромна. Или ќе ги забрзаат процесите кон европеизација на својот народ или ќе ја одведат земјата на патот кон исчезнување.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *