Бати среќата, бати… кога дојде време едни да се радуваат и да честат што дочекале на 62-64 години да одат во пензија, а други да бидат среќни и весели ако останат уште некоја годинка повеќе, па од работното место да одат право на гробишта.
Најновиот предлог на Владата, кој предизвика големо внимание во јавноста, овозможува право на избор секој вработен да избира кога да замине во пензија. Тоа според најголемиот број вработени е добар чекор напред. Досегашниот модел да се оди во пензија само со еден услов е неправеден, а за некои категории вработени е и крајно нехуман, штетен и дискриминирачки. Доколку владата покаже поголем слух на добронамерните укажувања во ова фаза на итна постапка на одлучување кога нема практично дебата во Парламентот без опозиција, само тогаш предложените законски измени можат да добијат нов квалитет во својата конечна верзија.
Министерот за финансии Зоран Ставрески ги најави законските измени спектакуларно дека сите граѓани ќе бидат задоволни од предложените измени. Деновиве направив едно мало истражување меѓу моите другари и пријатели чии лични искуства се најразлични и мошне интересни. Заедничко за сите е дека е добар потегот на Владата со правото на избор, но има и сериозни забелешки кои Владата треба да ги разгледа со внимание, без вообичаената ароганција и игнорирање на се’ што доаѓа од критичарите на владините политики.
Прв случај: Станува збор за човек на 62 години кој од 18-годишна возраст работи во скопска Железарница, во постројките кои регулираат потрошувачка на течен амоњак. Резигнирано вели дека досега дали, еден, или двајца негови колеги дочекаа редовна пензија. Сите починаа или страдаат од разни тешки заболувања. Никој досега не истражи од што умираат луѓето. Сигурно дека амоњачните испарувања и отрови ни го скратија животот најмалку по 10 години. Да се оди со 45, 46, или 47 години во пензија со 200 – 250 евра месечна пензија, сметам дека е крајно нехумано. Се радувам, вели ако дочекам да заминам во пензија, веќе имам полни 44 години работен стаж кога ќе одам во пензија ќе имам 46 години работен стаж. Ќе бидам среќен ако дочекам на нозе 64 години, да поживеам уште некоја година иако ме чека поголема мизерија од оваа сегашната кога одвај врзувам крај со крај.
Втор случај: Станува збор за познат и ценет хирург и универзитетски професор во државниот клинички центар, кој е пред заминување во пензија. Неговото лично искуство е сосема поинакво. Вели завршив студии на 26 години, па потоа стажирање, специјализација, цел живот нешто учам, или некого учам. Веќе имам 35 години работен стаж и блиску сум до границата за пензија. Кога сум во најголема форма за тешки операции, предавања на факултетот и обучување на млади кадри треба да заминам во пензија со месечни примања на граница на опстанок, далеку од пристојна егзистенција. Пензијата, иако е меѓу највисоките ќе биде двапати помала од сегашните мои примања. Нескромно е, ама ќе кажам дека познатите универзитетски професори, доктори, научници, академици, уметници, писатели… работат додека можат на големо задоволство на сите. Тоа се недопирливи икони. Има случаи дури и над 80-годишна возраст мои колеги да држат предавања, да учествуваат на операции, а и лично да оперираат, да водат големи научни проекти и да бидат активни во јавниот живот. Определбата на Владата тие луѓе да можат да работат до 67 години е одличен чекор напред. Веќе имав неколку примамливи понуди да одам по пензионирањето на работа во познатите приватни клиники. Сега добро ќе размислам за тоа, не ми се остава професурата.
Случај трет: работодавец кој има мала приватна компанија, која работи со 15 вработени и остварува пристоен профит: Имам 60 години и не помислувам на пензија, јас сум приватник и ќе работам додека сакам и можам. Редовно плаќам по највисока можна стапка придонеси пензија, би давал многу повеќе за пензиско осигурување, ама државата ограничила до 36.000 денари максимална пензија, дури и ако имаш пријавено две, три или пет илјади евра месечна плата. Луѓето не се будали, па така ретко кој од сопствениците на малите приватни компании, па и на многу поголемите земаат плата над оваа граница. Ќарот го земаат како дивиденда каде што давачките се далеку помали. Мислам дека има само сто-двесте менаџери во државата кои пријавиле високи плати и на нив ги плаќаат сите придонеси. Владата не треба да ги лимитира пензиите, кој колку плаќа толку и треба да добие пензија. Солидарната основа не треба да се претвори во грабеж како што е кај нас, доволно е тој што 40 години издвојувал секој месец, а до крајот од животот дали ќе искористи една третина или една половина од парите што ги уплатил во Пензискиот фонд.
Во мојата фирма има двајца луѓе пред пензија. Едниот досега требаше десет пати да го отпуштам од работа поради неработење и сериозни грешки. Не го направив тоа од хумани причини, човекот е тука од првиот ден, има семејство. Другиот е одличен работник кој сакам да го задржам без оглед дали имало или немало закон. Меѓутоа, баш тој ми најави дека сака да си замине уште утре, а другиот кој го задржав од милосрдие сака да остане уште три години.
Четврт случај: Млада девојка штотуку дипломирана на светски познат универзитет во Англија. Таа е децидна: Иако знам дека проблемот на невработените не се решава со предвремено пензионирање, како што ни буџетот не се оправа со работа до 67 години, односно пред да заминат луѓето на оној свет, сепак, мислам дека шансите да се дојде до работно место со одложување на пензионирањето се намалуваат. Го поздравувам правото на избор на вработените, но што е со правото на работа на невработените. Она што денес им треба на младите образовани луѓе е да бидат дел од светската конкуренција на пазарот на трудот. Ние не можеме да бидеме рамноправни со младите од земјите-членки на ЕУ. Тие секогаш имаат предност, а на многу места ние немаме пристап за да можеме да конкурираме. Страшно сме хендикепирани. Сега и на она малку пари што ги заработувам со хонорарна повремена работа, ќе плаќам придонеси. Газдата веќе ми рече да не се надевам на прием на работа и дека најверојатно мојот единствен приход како малку поголема плата ќе им го подели на двајца вработени.
Случај петти. Невработен правник: Ќе биде десет години како сум дипломирала на Правниот факултет во Скопје, додека беше жив татко ми, познат обвинител и судија, професор, имав надеж дека ќе отворам адвокатска канцеларија. Долго време не ги прифатив советите да влезам во политичките партии како партиски активист. Мајка ми е веќе стара, а 70 проценти од татковата пензија од која живееме двете е недоволна, па одлучив конечно да се зачленам во партија. Ми ветија дека набргу ќе почнам со работа. Добро е што Владата дава право на избор, лошо е што невработените остареа без работа и без никакви можности да избираат освен партија.
Еве ова се само неколку случаи кои јасно покажуваат дека секој тргнува од своите интереси, но има доста места каде што и тие се поклопуваат со интересите и на Владата. Тука Владата треба да покаже кооперативност и ефикасно да ги разгледа сите можности и предлози почнувајќи од оној за сметање во стаж на времето поминато во ЈНА, како што е случај во Словенија, па до пофлексибилен третман на хонорарците и тие што имаат договори на дело.
Нема идеален пензиски систем и речиси нема држава каде што пензиските фондови не поминале низ драматични ситуации на банкротство. Успехот на едно општество се гледа и од пензиските реформи. Во Македонија повеќе од половината пензионери, поточно од вкупно 280.000 пензионери, 170.000 имаат пензии 100 до 150 евра месечно, што е тешка сиромаштија кога од тие пари треба да егзистира повеќечлено семејство, а тоа кај нас е чест случај. Во нормални држави им ги враќаат парите на вработените што ги издвојувале цел работен век. Доволно им е тоа што ги користеле и ги вртеле парите со децении. Тоа е дел од солидарноста, која кај нас прерасна во грабеж. Таму не е проблемот кога во пензија, туку како.

