Banner
Мое ќоше

Штрајк со глад во Штип

Кога штрајкуваат со глад 50-ина универзитетски професори, наставници и синдикалци, тоа е силен аларм да се разбуди од длабок сон македонската универзитетска елита и образовните институции на системот. Не верувам дека тројцата професори од штипскиот универзитет сакаат научни титули со штрајкови, наместо со научни трудови. Тоа го кажуваат и позитивните рецензии на надлежните комисии. Не верувам, исто така, дека е во прашање само банален технички проблем и лична нетрпеливост што Наставно научниот совет не ги прифаќа рецензиите за повисоки звања на професорите Крсте Шајновски, Маргарита Матлиевска и Александар Костадиновски, кои веќе 13 дена штрајкуваат со глад.

Тешко е да се каже дека ваков чекор на самоубистевен протест на универзитетски професори е само поради стравот да не ја загубат работата и егзистенцијата. Повеќе верувам на нивните искази дека е во прашање длабока навреда и понижување да не се признаат наодите на релевантна и стручна комисија за нивните работа. А, велат дека работите смрдат и на политика.

Секогаш така почнува, прво тројцата професори одлучија поради чувство на неправда и понижување да штрајкуваат со глад, а потоа топката почна да се тркала за да стаса до 50 луѓе. Кон штрајкувачите се приклучија и раководствата на еснафските синдикати и сега државата има сложен и мачен случај кој ректорот на Универзитетот во Штип, Сашо Митрев, сака да го реши со итроштина и бирократски трикови. Демек ако не приумре ниту еден од штрајкувачите додека решава наставничкиот совет, случајот ќе биде решен сам од себе. Ректорот игра на картата време, тешко дека ќе можат толку долго да гладуваат штрајкувачите колку што можат да растегнат во недоглед со одлучување комисиите. А, еве како ја срочи својата итроштина ректорот Митрев: ако сегашните доценти ги исполнуваат условите за избор во вонредни професори, јас како ректор јавно ќе им се извинам за направените грешки во името на Економскиот факултет и ќе го разрешам деканот. Ако пак тие не ги исполнуваат условите според законот, сами нека се повлечат од сегашната претстава за да го задржат достоинството, дигнитетот и угледот на универзитетот, на другите универзитети и на целото образование во Македонија. Ректорот Митрев предлага независна арбитража на рецензиите на тројцата наставници. Притоа, ректорот заборави да каже две мали работи, што ќе направи со луѓето што веќе дале позитивни стручни оценки во рецензиите и дали е тоа законскиот пат што го применува редовно универзитетот во Штип кога ги прифаќа или отфрла рецензиите за научни звања и второ уште една маленкост поврзана со биологијата, медицината и политиката. Што ако навистина им се случи нешто на штрајкувачите со глад додека одлучуваат комисиите на ректорот. Или пак Митрев сака да престане нарушувањето на угледот на Универзитетот, штрајкувачите да си заминат дома, па да им се поделат отказни решенија на професорите дека не ги исполнуваат условите да добијат повисоки научни звања.

Добро смислил ректорот, но домашниот есап не излегува на пазар. Штрајкот на 50 универзитетски професори и синдикалци солидаризирајќи се со тројца колеги кој добива се’ поголеми димензии ќе стаса до портите на политиката, ако веќе не е тргнат од таму, па сето тоа ќе му се врати како поголема срамота и за Универзитетот и за институциите на системот и угледот на државата. Оградувањето на надлежниот министер дека не сака да се меша во автономијата на Универзитетот убаво звучи, ама ако навистина македонските универзитети имаат некаква автономија. Таа работа одамна е урната, па кај нас универзитетите како и се’ друго се длабоко инволвирани во политиката и партиските интереси. Независноста на Универзитетите, свето правило во демократскиот свет, во Македонија е драматично нарушена во повеќе клучни сегменти на универзитетската слобода тргнувајќи од изборот на хигиеничарки, асистенти, наставници, професори, декани и ректори, па се’ до студентските организации, мензи и домови. Се’ на се’ универзитетите сосе професорите и студентите и студентските организации се партиски депанданси кои смрдат на политика уште на скалите пред да влезете во училниците. Секоја чест на исклучоците, но тоа е малку да се покрие големиот срам. Погледајте ги јавните настапи на универзитетските професори ќе ја видите целата карикатуралност на македонската партизација и политизација и на науката и на личностите кои треба да предводат во својата определба за независност и слобода на највисоките научни и образовни институции во земјата. Погледнете го нивниот учинок врз студентите. Поголеми бајчиња нема, а само пред два месеца, лондонски „Индипендент“ објави дека свињите во ЕУ имаат подобри услови за живот од студентите во Македонија.

Затоа министерот за образование не треба многу да биде загрижен во овој случај за нарушување на автономијата на Универзитетот во Штип. Нема да биде страшно ако побара брза непристрасна истрага на инспекциските наоди и комисиски рецензии, се разбира пред се’ на законските надлежности за праведно и правно одлучување во овој случај кој од ден во ден добива се позагрижувачки димензии. Штрајковите со глад не се решаваат со итроштини и надмудрувања, туку со сериозен пристап, меѓусебно уважување и почит како што доликува на носители на високи научни звања и на научна средина како што е Универзитетот, па макар тој бил и во Штип.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *