Banner
Мое ќоше

Груевски како Робин Худ

Многу ми се бендиса одговорот на премиерот Никола Груевски кога им појасни на новинарите и на граѓаните зошто на секој дополнителен денар како хонорар, или договор на дело, над минималната плата, треба да се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, и покрај тоа што веќе се платени. Беше тоа една прекрасна аргументација која јасно покажува дека и прeмиерот и Владата се на вистинскиот пат за брза европеизација на Македонија. Груевски изнесе само еден, ама вреден и несоборлив аргумент зошто треба да се плаќа повеќе пати за една иста работа. Вели: „Проверивме како е во другите држави во Европа и констатиравме дека во 95 проценти од земјите имаме ситуација во која им се плаќаат придонеси на хонорарците“. Точка, крај. Што може по ваква брилијантна елаборација да се додаде. Од сега натаму Владата ќе работи по европски стандарди, како што тие ги решаваат проблемите во 95 отсто од земјите, така и ние ќе ги решаваме. Има ли од тоа поубаво.

Ќе им земе Груевски од приходите на аздисаните од пари хонорарци, а ќе им ги даде на добрите и бедни земјоделци. Како Робин Худ ќе им закинува од примањата на „богатите и алчните“, да плаќаат дупли, трипати и петпати поголеми давачки на државата за истите лоши услуги, а ќе им ги укинува даноците и придонесите на сиромашните. Несреќата е што најголем број и од едните и од другите се далеку од Европејци во примањата, жива беда која одвај составува крај со крај. Дебелите европски приходи од хонорари и разни договори и услуги, исто како и приходите на новите олигарси, чорбаџии и бегови од стотици хектари државна земја земена беспари со тапија и благослов на власта, не само што не плаќаат даноци, туку трупаат и милиони од субвенции и екстрапрофити поради привилегираната монополска позиција која им ја обезбедува власта на своите следбеници.

Казната на Груевски за хонорарците и на тие што земаат по некоја трошка од дополнителна работа, бајаги мириса дека е политички мотивирана. Хонорарците се стационирани по разни невладини организации и редакции, граѓански здруженија и асоцијации, главно скромно донирани и помагани од странски фондации. Немаат исти погледи со власта што е тоа демократија и слободно општество. Тоа е доволно да бидат прогласени за непријатели на државата. Тоа се малубројните непартиски писатели, професори, новинари, уметници… остатоци од македонската некорумпирана интелегенција и една мала армија напатени души кои работат на две-три работни места со договори на дело за да преживеат. Помошта и поддршката што ја добиваат овие луѓе со малите хонорари и надоместоци од хуманитарни фондации, апологетите на власта ја опишаа како завера за уривање на Владата. Демек, нашите многубројни душмани низ светот имале голема потреба да фрлаат пари за да ги уриваат сите влади во Македонија. За последната Влада на Груевски потрошиле најмногу пари, ама еве девет години никако да ја урнат. Топ не ја бие, ама предавници и опасност од непријатели мора да има постојано. Без нив нема народот кого да пцуе, а може и да му текне кој е виновен за мизеријата во која живее мнозинството.

Македонија е вистински европски шампион. За три дена е завршена најсложената реформска операција на пензискиот систем, од која во 95 отсто држави на Запад со години се тресат владите и политички лидери.

Ги молам советниците на Груевски кога премиерот сака како аргумент да употреби како некои работи се решени во Европа, да не го изложуваат на тенок мраз среде лето како во случајот со хонорарците и придонесите за пензија и здравствено осигурување. Прво треба да му кажат отворено оти ич не оди да се споредува со Европа. Никој не пие нафта, ниту пак „сиса“ весла. Секој што ја знае даночната политика на европските држави, освен ако не сака да манипулира, никогаш не би изустил ниту еден збор како споредба со Европа, ниту со пензиските, ниту за здравствените фондови, ниту за хонорарите, ниту за договорите на дело, ниту за висината на даноците, ниту пак за квалитетот на услугите од парите на даночните обврзници, ниту за што било. И Груевски знае и врапците знаат дека на високите заработувачки на Запад одамна се плаќаат високи даноци. На секој луксуз се плаќаат големи давачки. Во 95 отсто од Европа нема рамни даноци кои ги штитат најбогатите. Даночната основа е фер и’ овозможува праведно оданочување со најмал процент за најмалите заработувачки. Најбогатите плаќаат најмногу и процентуално и во апсолутен износ. Разликата е само во тоа што примањата во Европа за кој се плаќаат мали даноци кај нас за 95 отсто од луѓето се недостижно богатство. Тоа што кај нив е скромно и неоданочено, кај нас е луксуз.

Пензиските издвојувања на граѓаните при зминување во пензија во Европа им се враќаат до последен денар за сите години поминати на работа. Секој вработен при пензионирање добива од пензискиот фонд една убава сума пари за поспокоен живот во трето доба. Притоа не ги есапиме испратнините за кои се избориле синдикатите. Социјалната и здравствената заштита е на незамисливо ниво за нас кајшто се умира од зарази типични за најсиромашните региони на Африка. Ако се споредуваме со 95 отсто од земјите на Европа, како што милува да компарира премиерот, тогаш 95 отсто од населението во Македонија за овие примања и квалитет на услуги не треба да и’ плаќа ниту еден денар на државата.

(Објавено во Утрински весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *