По 42 години во оваа професија и 30 години пишување за неопходноста Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ, како гаранција за побезбедна и побогата, послободна, почиста држава и подобар живот на граѓаните, убаво е да се доживее тој чин како еден вид признание дека не било сè залудно. Неповторливо животно и професионално искуство е да се биде непосреден сведок и хроничар на историски настани како се урива последното прибежиште на криминалците маскирани во патриоти и како Македонија станува земја на здравиот разум, на владеење на правото, европска земја на прогресот, да се види како заостанатоста, примитивизмот и провинционализмот се повлекуваат пред образованието, науката и слободните луѓе.
Првите текстови за влез во ЕУ и во НАТО ги објавив како единствен излез за спас на Југославија од граѓанска војна и крваво распаѓање. Се разбира, тоа не беше мое откритие, туку на една импресивна група познати интелектуалци, деловни луѓе и политичари од просторите на Југославија и голем број новинари и медиуми кои силно ја поддржуваа таа ориентација. Нивните аргументи се чинеа несоборливи во прилог на западната определба на Југославија, која беше полиберална од сите централно и источноевропски комунистички држави. Надежите дека и во некаква асиметрична федерација, или конфедерација, сите југословенски републики можат да влезат први од земјите зад „железната завеса“ во состав на Европската Унија и на НАТО беа големи и не без причина.
Премиер на Југославија стана Анте Марковиќ, либерално и прозападно ориентиран бизнисмен кој состави влада која требаше да ја внесе Југославија во Европа, цела, или конфедеративна, сеедно. За кусо време Марковиќ стекна големи симпатии во јавноста во сите републики. Економските реформи почнаа да даваат резултати, граѓаните на Југославија ги видоа благодатите од либералната економија, платите и куповната моќ само за една година пораснаа како никогаш. Премиерот Анте Марковиќ и во земјата и надвор од неа доби огромна поддршка. Но сето тоа траеше многу кратко време. Уште со првите успеси и зголемена популарност почнаа да работат националистичките фабрики, кои исто така се нарекуваа патриотски. Српските политичари предводени од Слободан Милошевиќ и ЈНА и нејзините генерали поставија црвени линии кои ја обезбедуваа позицијата на Србија како хегемон, што предизвика голем револт кај сите други. Асиметричната федерација, или конфедерација прифатлива од ЕУ, многу бргу изгасна пред националистичкото цунами на Милошевиќ. Не помина ни формулата за мирно разединување.
Што повеќе аргументи дека потрошениот историски модел на Југославија треба да се замени со повеќе самостојни држави кои по мирен пат ќе се приклучат кон евроатлантските интеграции не даде резултати. Бадијала беа сите тие светски државници, премиери, претседатели и кралеви кои доаѓаа во Белград и го молеа Милошевиќ да ја прифати мирната разврска на Југославија и да овозможи без крвопролевање новите држави да се интегрираат во ЕУ. Колку беа молбите и аргументите посилни, толку се заоструваше јазикот на омраза по медиумите, толку посилно се слушаа заканите за крвавата разврска. Тоа и се случи. На европска почва крвавиот распад на Југославија беше најголемата воена трагедија по Втората светска војна. Шовинизмот и национализмот направија пустош од една убава, просперитетна држава, лидер во регионот и пошироко. Беше тоа голема трагедија со илјадници жртви, уништени огништа, цели градови и села, големи преселби и наталожена омраза која не стивнува и ден-денес, 26 години по распадот.
Македонија ја имаше среќата нејзин прв претседател да биде Киро Глигоров, искусен политичар, личност на континуитет од АСНОМ до независна Македонија, кој успеа со потпишан договор со ЈНА, без ниту еден испукан куршум на територијата на Македонија, да ја спаси земјата од крвопролевање. Македонците никогаш не му ја признаа во целост оваа голема заслуга на својот прв претседател. Ќе помине уште извесно време кога непристрасните историчари ќе го сместат претседателот Глигоров таму кај што му припаѓа местото. На одеонот. Татковината кога-тогаш ги препознава своите луѓе.
Зошто го кажувам сега ова како аргумент за неопходноста за определба на Македонија кон ЕУ и НАТО и можноста да се биде современа европска држава, земја на слободни граѓани, кои и географски, и политички, и економски, и културно ѝ припаѓаат на Европа. Затоа што сето ова што се случува денес во Македонија опасно ми мириса на последните години на Југославија. Затоа што има милион докази дека ако 1990 година Југославија влезеше во НАТО и во ЕУ како конфедерација тоа ќе беше грандиозен чин, а Македонија ќе беше една прекрасна држава со квалитетен живот на граѓаните и со веќе освоени европски вредности. Никој немаше да го доведува во прашање опстанокот на државата или, пак, со нешто да ја условува.
Деновиве со големи јанѕи ги гледам европските политичари и државници кои доаѓаат во Македонија, како некогаш во Југославија, образложувајќи ја неопходноста и предноста Македонија да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО, а во догледно време и на ЕУ. Како стануваат посилни и повидливи аргументите дека единствената алтернатива за опстанок и развој на Македонија се евроатлантските интеграции, така стануваат посилни и поопасни манипулациите и пропагандите на шовинистите и националистите кои ги палат меѓуетничките огнови во Македонија, повикуваат на некакви гордост и достоинство, иако Македонија со договорот и покрај болните отстапки не губи ништо што задира во идентитетските обележја на една нација. Поточно, Договорот од Преспа, членството во НАТО и преговорите со ЕУ задираат длабоко и во едни други наши идентитетски балкански обележја, како што се наследната корупција и клептоманија, склоноста кон криминал на политичарите, примитивизмот и провинционализмот, омразата на сè што е различно од нас… сето тоа ќе биде опасно загрозено со отворањето и особено со затворањето на секое поглавје кое е предуслов за членство во ЕУ.
Мојот совет е: прво мислете на себе и на своето семејство, на своите деца и внуци, на своите идни поколенија. Ако мислите за нив што е најдобро, тоа е најдобро и за државата. Историската шанса не смее да се испушти. Не верувајте им на тие што проповедаат дека имаат подобро решение. Лажат, како што лажеа сиве 27 години. Уште повеќе лажат тие што зборуваат за достоинство и национална гордост. Никогаш, за време на целата независност, не најдоа решение. Нудеа само оправдувања дека другите се единствени виновници, како сиот свет да се заверил против нас. Достоинството и гордоста најлесно се губат во беда и во сиромаштија, особено ако сите во соседството ве претркале и живеат подобро. Договорот со Грција е предуслов да влеземе во Европа. Отстапките што се направени за да биде одржлив и прифатлив договорот се многу помало зло отколку да се остане уште 27 години во балканската чекална, изложени на сериозна закана од распаѓање на Македонија.
Денеска ништо не им значи на тие што биле во право кога предупредувале дека членството во НАТО и во ЕУ на Југославија, било цела, било конфедеративна, може да го одбегне крвавото распаѓање на една прекрасна држава. Така може да биде и со Македонија. И тогаш малкумина веруваа во тоа, ама се случи трагедијата.
(Објавено во Независен весник)





Ете, никогаш луѓево кои трубат меинстрим стории не успеаа да ми објаснат како оној Милошевиќ кој беше единствениот од сите претседатели на социјалистичките републики со чие залагање се донесе Устав во кој Република Србија стана „држава на сите нејзини граѓани кои во неа живеат, заснована на слободите и правата на човекот и граѓанинот, на владеење на правото и на социјалната правда“ без споменување на националното и кој единствениот се залагаше за сочувување на СФРЈ, или Југославија како федеративна и со било кое друго општествено уредување, беше стигматизиран како националист и хегемонист, а оние кои се залагаа за сецесија од Југославија, за чисти републики со устави во кои како во Хрватска под раководство на Туѓман се впиша дека „Хрватска је дом Хрвата и других националних мањина“, или како Изетбеговиќ во БиХ (поранешен осуденик за екстремен исламизам) според кој само муслиманите имаат право на живот, и истовремено се вооружуваа од антикомунистички германски и американски групации станаа „борци за човекови права“!? Македонскиот Устав ги впиша сите, освен Србите и повторно „ние не бевме националисти“!? Да сакаше ЈНА да војува во Македонија, таа ќе војуваше. Имаше средства и луѓе за тоа, иако на другата страна беа единици на МВР и ТО под инструкции на ЦИА (*забелешка од изјава на П. Трајанов за ДВ), спремни да војуваат. Факт е дека мирната разврска ја сакаа тие ЈНА, Србија и раководството што се залагаше за Југославија, а не нашата страна која тогаш беше во транс на тазе започнатото масовно национално лудило и трубеше дека ќе држела конгреси во Солун. Анте Марковиќ само послужи за трансфер на девизите од другите републики и од федерацијата во Словенија и во Хрватска, ништо повеќе. Зад брзото збогатување на хохштаплери се криеше пустошење на Југославија! По негов совет и налог започна суровата криминална приватизација на општествениот капитал. По негова наредба беа испратени млади војници (деца од неполни 19 години) да гинат во Словенија! Според Уставот на СФРЈ сите тогашни функционери треба да одговараат за своите злодела и за уривање на СФРЈ, особено Кучан, Тупурковски, Гошев, Јанша, Туѓман и Изетбеговиќ. Секако, полесно е еден да е виновникот, да има кому да му ја утрапиме вината, па ќе речеме дека Милошевиќ е виновен за сè!
Што се однесува до Киро Глигоров, нема еден ден учество во некоја борба во НОБ. Се придружува кон НОБ дури на крајот на март 1944 година, као и сите оние што вмровциве ги прогласија за хероји (Брашнаров оснивачот на Б’лгарските комитети, Шатев, Ченто и сл.), дури откога станало јасно дека Германија, а со неа и Бугарија, ќе ја изгуби војната. Дотогаш си биле во служба на бугарскиот фашистички режим. Мудреци, Итарпејовци!
Наместо совет – мислете на државата, на општеството и на сите граѓани кои живеат во Република Македонија, да успееме заедно во напорите да станеме луѓе за почит, ти како и останатите, ни даваш совет „прво мислете на себе и на своето семејство, на своите деца и внуци, на своите идни поколенија“.
Доста мислевте само на (и за) себе, мислете за промена малку и на другите! Другите се поинакви, имаат различни потреби од вас, други поинакви грижи и проблеми, но и тие треба да си ги остварат своите соништа!