Дали завршува времето на апсолутни победници на изборите во стилот кој победува добива се’. Велат, таков бил изборниот систем. Да, математичката формула е таква, но гласањето на последните избори покажува дека во политиката има и други равенки со една, со две, со три непознати… чиј збир може да биде многу поголем од онаа што се чини на прв поглед како најголема бројка, па така егзактната наука и правилната политика со почитување на мнозинската граѓанска поддршка велат дека 49 +Х +Y +Z е рамно на нова влада.
Деновиве оваа математика која се учи во осмолетките им задава голема главоболка на тие што сакаат со 51+0 = апсолутна власт без контрола и одговорност. Задачата е лесно решлива ако во бројките препознавате демократија, слобода, владеење на правото, независни судови и медиуми, целосно ослободување на „заробената држава“ и уривање на режимот, поделба на власта според Уставот. Или ако во бројките гледате и праведна судска разврска за кривични дела кои произлегуваат од најголемото нарушување на човековите права и слободи во Македонија по Втората светска војна со повеќегодишно држење под надзор и следење на комуникациите на над 20.00 граѓани и јавни личности. И се разбира ако равенката ви значи воспоставување на општествено-политички систем кој цврсто се потпира на законите во борба против организираниот криминал и корупција и на определбите за остварување на стратегиските приоритети на државата со прифаќање на европските вредности на живеење и работење што се вели за европеизација на Македонија и нејзино членство во големите светски воени и економски сојузи ЕУ и НАТО, тогаш тоа не е само математика.
Тоа се историски закономерности. Нивното непочитување и наметнување на нови четири години, 11+4 = 15 или деценија и пол на груевизам, лет во место и примитивен популизам, пропагандна агресија, страховлада и селективна правда би бил нов инцидент на историјата и пат кон исчезнување на државата, што и во поновата историја се случува кога снемува многу поголеми и помоќни земји, па и регионални и светски велесили. Нешто на што бевме непосредни сведоци. Распадот и делбите се случуваат многу почесто отколку што се претпоставува. Тоа треба да се има постојано на ум.
Значи, равенката е каква влада сакаме, или кажано попрецизно каква влада ни треба да излеземе од пештерата поголема од онаа на Матка, спелеолозите велат меѓу најдлабоките во светот. Изборите не дадоа апсолутен победник да прави што сака, туку решението е во заедничкиот збир за изградба на слободна и граѓанска држава во која неминовно со евроатланските интеграции ќе се воспостават повисоките стандарди на демократија и на правна држава кои сега во коалициски и популистички натегања и условувања се најризични да не се испушти последната шанса Македонија да почне да се движи во правилна насока. Треба многу мудрост и знаење, демократски капацитет, толеранција, подготвеност на компромиси и државнички дострели, да се биде во влада и во парламент, да се управува со држава во ваков однос на силите. Ако определбите се искрени и одлуките праведни и храбри, поголемиот дел од јавноста тоа брзо ќе го препознае. Ваквите историски периоди исфрлаат на јавната сцена политички лидери и државници кои успеваат да ги најдат вистинските решенија за просперитет на државата и за подобар живот на граѓаните. Граѓаните на Македонија деновиве се во очекување на трговијата со нивните гласови дали ќе тргнат по европскиот пат на демократија и развој или ќе останат и натаму изолирани и заробени во балканската крчма.
Последна шанса да направи барем еден потег во интерес на демократијата има и поранешниот професор на правниот факултет Ѓорге Иванов, кој веќе осум години е најпартискиот претседател на Република Македонија. Неговата улога може да биде пресудна за одбегнување на евентуалните тензии кои произлегоа од видените срамни закани дека владејачката партија не признава ниту еден друг резултат освен победа, таа ароганција може да прерасне во насилие и конфликти ако ВМРО-ДПМНЕ и Груевски не признаваат ниту една друга коалиција и влада во која таа не е главна и го нема престолот. Тоа претседателот Ѓорге Иванов е должен да го спречи ако го почитува Уставот, да го даде мандатот за состав на владата на партиите кои ќе приложат докази дека имаат 61 пратеник, односно мнозинство во парламентот. Давањето мандат на политичка партија која нема обезбедено мнозинство во парламентот може да предизвика одолжување на постапките и нови огнови и огнени националистички говори пред барокниот дворец на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Грди постизборни слики од темниот вилает кои го обиколија светот. Тешко е да се надеваме дека се и последни, освен ако претседателот Иванов не се сети дека нема трет мандат.
(Објавено во Утрински)

