Banner
Мое ќоше

Меѓу два митинга во будалија

stafanson

Предизборен циркус е вообичаениот израз во светот кој кај нас може слободно да се замени со лудница, иако тој збор не е најсоодветен бидејќи луд и будала не е исто. Чинам дека сето она што го гледаме и доживуваме деновиве како кулминација на повеќегодишната агонија во која се’ уште битисуваме мирни како заморчиња можеби најсоодветен би бил изразот будалија. Пропагандите и стравот од Македонија направија земја будалија.

Тешко е да се остане при себе ако се следи целата оваа трагична претстава, а уште потешки се последиците ако дебилно и рамнодушно се одбегнува сопственото учеството во најзначајниот историски момент по прогласување на независноста на Македонија. Угоре високо, удолу длабоко, што би рекол нашиот народ. Атмосферата е толку закрвена, заматена и замаглена, полна со отрови, омраза и делби, што небото со замрачено сонце среде бел ден е потемно од подземјето раскошно осветлено со рефлекторите на мафијата. Таква илузија бесрамно и арогантно проектира големата медиумска превласт на власта.

Во какофонија и застрашувачка наезда на големи лаги и прелаги се случува и понешто нормално, одвреме-навреме да падне во калта и по некој бисер во кратките паузи меѓу митинзите и покрај целодневната и целовечерна медиумска агресија по сите сетила со ужасните пропагандни пораки. Два такви убави бисера деновиве ни подари шведскиот амбасадор во Македонија, Матс Стафансон, кој објави своја колумна во „Утрински весник“ посветена на 250-годишнината од слободата на печатот во Шведска и даде интервју за нашиот весник во кое го кажа своето мислење зошто изборите што ќе се одржат в недела се најважни во историјата на независна Македонија.

Во колумната шведскиот дипломат Стафансон напиша: „ Шведска денес прославува 250 години слобода на печатот. На 2 декември 1766 година шведскиот парламент донесе Закон за слобода на печатот. Тоа е прв таков закон во целиот свет. Со донесувањето на овој закон се забрани цензурата врз печатените објави и се обезбеди правото јавноста да има слободен пристап до документи од јавен карактер…“ Натаму амбасадорот вели дека слободата на изразување и на говорот добро и служеле на неговата земја бидејќи тоа не е само предуслов за демократија, туку е гаранција за развојот на општеството. Граѓаните во Шведска имаат слободен пристап до службени документи и имаат право на контрола и пристап до информации што ги имаат властите. На таков начин поединци и новинари можат да ги контролираат структурите на моќ и избраните политичари. Овој систем, пишува амбасадорот Стафансон, има придонесено кон тоа во Шведска да има ниско ниво на корупција и високо ниво на доверба во демократските институции. Не постои сомнеж во јавноста дека токму отвореното општество ги има поставено темелите на економскиот раст и просперитет на Шведска, заклучува Стафансон во својата колумна објавена во „Утрински“.

Почитуван амбасадоре, ни на крај памет не ми е да ги споредувам Шведска и Македонија. Сигурно знаете дека и нашите 25 години наспроти вашите 250 години слобода на печатот се заштитени со Уставот и законите на Република Македонија. Член 16 од македонскиот Устав ја забранува цензурата, ја гарантира независноста на медиумите, дури го гарантира и правото на новинарите пред судот да не го кажуваат изворот на информации, право кое малку земји го имаат. Исто така, и нашите закони гарантираат слободен пристап до информациите од јавен интерес. Така пишува во Уставот и во законите. И тука е разликата која не’ прави неспоредливи. Во Шведска законите се почитуваат и на никој не му паѓа на ум да го попречува нивното спроведување во практиката. Кај нас работата е сосема спротивна. Тие што ги критикуваат центрите на моќ, политиките на владите и злоупотребите на функциите на избраните политичари се прогласуваат за предавници, непријатели, странски платеници кои сакаат да ја дестабилизираат Македонија. Нашата медиумска слобода останува само меѓу кориците на Уставот.

Во интервјуто, господине амбасадоре, го соопштувате вашето мислење дека овие избори се најважните во историјата на Македонија од прогласување на независност и давате оценка дека нашата криза е целосно домашен производ и дека никој однадвор нема интерес да ја дестабилизира Македонија. Се согласувам целосно со вас дека изборите се историски, се разбира, историчноста е во тоа што треба определбата за демократијата да биде посилна од авторитарен режим. Во вакви моменти вреди човек да се бори за парламентарно општество со уставна поделба на власта против деспотска власт без контрола која го држи својот народ под надзор со масовно и повеќегодишно прислушување на комуникациите какво што немало во Европа по Втората светска војна. Не смее да има дилеми во изборот меѓу владеење на правото и носителите организиран криминал и на корупција, меѓу европеизација и балканштина, меѓу слободни и заробени медиуми… меѓу прогрес и враќање назад. Ќе се согласите дека овој избор би бил лесен за огромното мнозинство граѓани кога се избира меѓу цивилизациски определби и она што не ни дава да одиме напред ако предизборната кампања е во границите на нормална политичка борба. Но, наместо за тоа да се дебатира пред јавноста власта избега од јавен дијалог и преку своите медиуми и пропагандни пораки и митинзи наметнува популистичко заплашување со лажен аларм дека Македонија е во опасност од федерализација, кантонизација, читај албанизација, од двојазичност, од распродажба на националниот идентитет и името на државата и со инсталација на специјално обвинителство и специјален закон под диктат на големите сили.

Со вакви злоупотреби и валкани предизборни пораки тешко се остварливи слободни, фер и веродостојни избори. Ако со масовно излегување на избирачките места мнозинството граѓани гласа за крупни промени и покрај сите застрашувања и коруптивен клиентелизам, тогаш навистина тоа ќе биде голем ден и историска победа на демократијата.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *