Banner
Мое ќоше

Кај и да се свртиш брука невидена

makedonija

Скандал до скандал, афера до афера. Кај и да се свртиш брука невидена, да пропадне човек во земја од срам. Се разбира, ако има образ, домашно воспитување и ако вистински си ја сака татковината и е загрижен за иднината на своите деца и поколенија. Историјата вели секогаш таков е амбиентот кога почнува и завршува демонтажата на еден режим.

Година и пол слушавме бомби човек да оглуви од срамотилаци, таман рековме од ова не може да биде бетер, кога излезе на ТВ поранешен шеф на тајната полиција и приреди вистински политички земјотрес, објасни нагледно како професор на ученици како е криминализирана власта, парламентот, полицијата и судството, како е направен целиот драматичен дисконтинуитет на системот и како ни е инсталиран режимот со поддршка на соседите кои не ни го признаваат името. Не успеавме да дојдеме на себе од шокот од откритијата на Слободан Богоевски кога еве ти го на сцената Диме Спасов, она голобрадо момче што претпладне е заменик-министер, а попладне поголем и од премиер, аздисан удирал со службен џип коли по скопските улици. Му се може кога е заштитен со закон.

Клучниот, пак, министер во Владата Владимир Пешевски, креатор на економските реформи, веројатно во мигови на вознес од големиот успех што станавме економска велесила во светски рамки му поставиле глупаво прашање кое нема врска со успесите, па и’ одговорил на новинарката само за нејзина лична употреба, што би рекле големите журналисти, оф де рекорд: дали нејзините знаат дека е проститутка. Браво. Тоа ти се вика министер со трагична смисла за хумор. Човекот се извинил на многу интересен и оригинален начин дошол во редакцијата на „Вест“, па се пардонирал едно дава-три пати, ама со услов се’ да помине со премолчување бидејќи сега не е убаво тоа да се објавува оти идат избори, а тој сакал само да се пошегува. Всушност, Пешевски и’ кажувал виц на новинарката. Така објаснија тие што го прашале министерот што сакал да каже писателот. Се разбира, не е убаво, ниту професионално да се праша колешката што и’ се случува деновиве и како се чувствува таа.

Слушам нови скандалозни идеи Специјалното јавно обвинителство да не работи, односно да не поведува постапки за време на предизборната кампања. Тоа може да наштети на изборите. Значи и Специјалното да биде како редовното обвинителство бидејќи постојано сме пред избори ништо да не работат бидејќи тоа може да влијае на изборите. Така како во изминатите 11 години врвот на власта да биде без никаква контрола, добро заштитена и вознемирувана од истраги, од обвинители, од судии и од судови. А и зошто има потреба од тоа кога единствен суд што го признава оваа власт е гласот на народот.

Има ли поголем скандал кога судии и обвинители со месеци ја попречуваат работата на своите колеги од Специјалното обвинителство во истрагите за тешки кривични дела за што има основани сомневања дека ги направиле високи функционери. Тие што треба најсилно да ја бранат независноста на судството со јавни изјави и соопштенија учествуваат во сатанизација на Специјалното обвинителство кое е воспоставено единствено поради целосната партиска злоупотреба и деградација на вкупниот правосуден систем.

Ако се спречува правдата со соучесништво на судии и обвинители, зошто тогаш еден претседател на кривичен суд Владимир Панчевски, како што јавува ТВ Алсат, не би си дозволил да ѕида среде Скопје два-три ката дивоградба. Ако пак се најде инспектор тоа да го санкционира, ќе се донесе експресно одлука дека не може да го работи тој предмет. Си велам, знае ли некој од Правниот факултет да каже со разбирливи зборови што се случува со држава во која претседател на суд бесправно гради и никој не му може ништо. Па да го сонува тоа би бил страшен кошмар, а не да го прави тоа судија, згора претседател на кривичен суд. И сега оди ти и барај правда во судот. Ја слушам повеќе пати претседателката на Врховен суд, Лидија Неделкова, како ги брани независноста и угледот на судството. Па посакувам јавно да ја прашам може ли ова да се одбрани, за која доверба зборувате, за онаа што ја слушнавме во бомбите за нарачани пресуди на политички противници, или за онаа при местење и унапредување судии и поставување претседатели на судови, или онаа за избирање на судии и обвинители, или можеби мислите на соопштенијата на судовите и обвинителите насочени против истрагите за гонење сторители на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори, или пак мислите на угледот на судството и вербата во владеење на правото кога претседателот на кривичниот суд гради тешка дивоградба. Што мислите, кој може да биде прогласен за виновен во неговиот судски систем.

Што може разумен човек да мисли за нашиот правосуден систем кога директорот на Бирото за јавна безбедност и повремен министер за внатрешни работи дава јавна опомена до судовите дека „никој не може да ги доведе во прашање доказите против обвинетите во аферата „Пуч“. Значи нема потреба од судење, само треба да се изрече казната, кога началник на јавна безбедност вели дека целиот доказен материјал е прибавен со научни методологии со што е утврдено дека групата која ја предводел Верушевски го злоупотребила системот за следење на телекомуникациите. Абе овој Верушевски бил голем ербап, како ли успеал едно пет-шест години да го злоупотребува системот за прислушување, а да не е вработен во УБК. Што систем за безбедност и контраразузнавање ќе беше со години некој да го силува. Ако е и од Чавков, премногу е.

Историска неминовност е ако ја сочуваме државата дека еден ден претседателот, не овој што ја попречува правдата со аболиции и пишман-аболиции, туку некој друг, на општо одобрување на јавноста ќе ги одликува сите што снимиле и ни покажаа кој и каде ја води државата. Тоа се храбри луѓе и вистински патриоти.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *