
Викендов почувствував голема потреба јавно да го замолам претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски да не презема никакви казнени мерки против своите носечки партиски кадри Владимир Пешевски и Диме Спасов поради некакви банални скандали во кои се најдоа ни криви, ни должни овие две големи перјаници на партијата. Не знам зошто се крена толку прав што Пешевски најучтиво ја прашал една новинарка: дали нејзините знаат дека е проститутка, или што Спасов млад и темпераментен час министер, час заменик, направил само две сообраќајки без жртви возејќи полноќен слалом со службен џип ептен расположен и весел низ центарот на Скопје. За вакви мали наивни детски игри не се жртвуваат големи играчи еден месец пред избори. Нека види цел народ колку е моќна и омилена ВМРО-ДПМНЕ и дека партискиот врв може да прави што сака.
Знам дека Груевски е страшно лут што бадијала набедените момци му ја девалвираа последната голема маркетиншка инвестиција и тоа баш кога стасаа вестите дека Македонија се вивна во светската и во европската економска елита. Во моментите кога сите бевме во транс од среќа што сме меѓу европските прваци по успешноста на економските реформи со рајска бизнис-клима овие двајца реформатори сосема неправедно се најдоа на ударните вести и ги погребаа светските успеси и достигнувања. Не верувам дека Пешевски можел да каже на кој било, а не на новинарка такви погрдни зборови затоа што нешто прашала што не му се допаѓа. Па и да ја прашал дали нејзините знаат дека е проститутка, на човекот тоа му излетало не сакајќи. Боже мој се случува, па познавајќи го, за неколку дена ќе му текне дека згрешил и длабоко ќе се извини. Гарант. Пешевски најдобро во Владата и во партијата знае колку скапо се платени и тешко обработени сите овие признанија и достигнувања со угледните и влијателни институции како што се „Дуинг бизнис“ и магазинот „Форбс“ и некојаси елитна лондонска агенција.
А, оној Диме Спасов, кутро дете, задолжено во партијата за социјална политика да се грижи за сиромаштијата токму кога цела Европска Унија падна на газ од изненадување за економското чудо од Балканот, се најде на ударните вести правејќи невидена балканштина, да не речам свињарија. Во моментот кога со уживање ја читав пораката од Лондон до македонските гласачи дека Груевски е современ прозападен лидер кој ќе победи на изборите бидејќи постигнал извонредни резултати во време на тешка политичка криза во државата која ја наметнала опозицијата, детулево со своите автомобилски карамболи и трки низ скопските улици ми го расипа расположението. Наеднаш му ја презеде главната улога на Груевски и влезе во филм дека го бркале шиптари криминалци, опасни дилери на дрога да го фатат. Не разбрав зошто го бркале баш него, ама не е ни важно кога се Албанци криминалци. Добро е што партиските курири направија брзо и квалитетно новинарско истражување и ја разјаснија работата за обидот за атентат врз младиот час министер, час заменик. Ем го гонеле криминалци, ем не бил тој во колата, туку неговиот возач, а и немало други патници во колата. Во тоа време на полноќ Спасов си спиел дома како и сите добри деца.
Ете затоа јавно го молам Никола Груевски да не се однесува прозападно по најновата титула што му ја дадоа во Лондон, да си остане тоа што е и да ги прифати информациите на куририте како веродостојни и да ги поштеди двајцата докажани играчи во неговиот тим. Не смее да ја направи истата грешка како неговиот колега Александар Вучиќ, кој веднаш го смени својот министер за одбрана Братислав Гашиќ затоа што и’ кажал на некоја безобразна новинарка дека најмногу ги сака жените во клекната состојба. Гашиќ сто пати се извини, ама тоа ништо не му помогна, мораше да си замине.
Груевски треба да го охрабри и Спасов да не повлече погрешен потез како неодамна најмладата прозападна министерка на Шведска Аида Хаџиалиќ, која испила чаша вино и полицијата во рутинска проверка открила дека вози автомобил со 0,2 отсто алкохол во себе. Во многу европски земји, па и кај нас е дозволено до 0,5, но во Шведска не смее од 0,0 да има ништо повеќе алкохол кога сте зад воланот, па дури јаделе и грозје. Па кутрата најмлада министерка во историјата на Шведска, која стасала таму како бегалец од Босна и направила извонредна кариера да стаса до министер за образование на Шведска, експресно свика конференција за печат и си поднесе оставка извинувајќи се дека многу погрешила и дека тоа не смее да му се случи на министер за образование.
Тоа важи за Шведска. Кај нас ќе биде добро да се остави работата да се разводени како и многу пати досега. Секое чудо за три часа. А и онака на изборите Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, како што ни кажаа и во Лондон и дома, ќе победат, па сите овие афери и скандали што ја тресат Македонија како „бомбите“ на Зоран Заев, „шок-бомбите“ на Слободан Богоевски и оние нарачани истраги од Америка и од ЕУ од Специјалното обвинителство за големите криминали и корупција… сето тоа ќе го покрие судот на народот на 11 декември кој ќе ги прости сите гревови на власта. Ете затоа го молам Груевски да не ги чепка ни Пешевски, ни Спасов оти ќе се види дека имаат уплав од изборите, а може и овој народ по 11 години да рече доста беше. Потоа што правиме.
(Објавено во Утрински)

