
Во среда на 24 август ми стаса писмо од Државната изборна комисија. Каква радост и среќа ме облеа – што да ви кажам. Милина една. Ме известуваат членовите на ДИК дека во тек е пријавување на граѓани кои се спорни во избирачкиот список и дека и јас сум меѓу тие каде што констатирале дека има „несовпаѓање“ со податоците. Понатаму ме подучуваат членовите на ДИК што да направам за да бидам уредно запишан во избирачкиот список за предвремените избори за пратеници во Собранието. Ми велат потребно е во периодот од 26 јули до 19 август 2016 лично да се пријавам во просториите на Државната изборна комисија или во дополнителните канцеларии на ДИК во седиштата на општините, или тоа да го направам по електронски пат. Потоа следуваат упатства кои документи треба да ги понесам со себе итн…
Исто такво писмо доби и мојот син и уште илјадници граѓани на Македонија. Читам, читам, препрочитувам и одново препрочитувам и не можам да верувам дали овие од ДИК кога не’ канат на свадба по тапани навистина си играат мајтап со граѓаните, имаат посебни потреби или се во тотален хаос, па не знаат што прават, или пак свесно или несвесно се соучесници во катастрофални изборни нерегуларности уште пред да се одржат изборите.
Еве и зошто. Писмото што ни го упатиле од ДИК мене и на синот има печат дека е предадено во пошта на 16 август, а ни е врачено на 24 август за да завршиме работа во периодот од 26 јули до 19 август. Значи писмата патувале од Скопје до Скопје цели осум дена, или уште попрецизно ДИК ги испратила писмата 21 ден подоцна откако почнува пријавувањето за спорните гласачи и само два дена пред крајниот рок за да стасаат пет дена по истекот на рокот. Нејсе, ова не е најстрашната работа.
Уште во април годинава, кога се објави избирачкиот список на интернет, видов дека по сите основи уредно сме запишани и јас и синот на истото место каде што гласам 25 години, а синот откако е полнолетен. Се’ е во најдобар ред и по основ на адреса и по основ на лична карта и по основ на матичен број. Од медиумите разбрав дека и јас и синот сме некакви фантоми и дека сме спорни гласачи. Во април не’ посети комисија на ДИК да ги утврди фактите, поточно да утврди дали постоиме. И откако се’ убаво запишале што виделе, ни соопштија дека во станот на истата адреса има пријавено уште осум лица чиј идентитет не ни го кажаа. Тие најверојатно се вистинските фантоми бидејќи во станот пред мене никој не живеел. По оваа проверка на комисија на ДИК на самото место во мојот стан мислев дека работите ќе се исправат за да се идентификуваат фантомите кои најверојатно си гласаат на повеќе места и си имаат повеќе адреси.
За мене и за синот не требаше ништо да се утврдува бидејќи и натаму сме уредно запишани по сите основи во избирачкиот список каде што сме сите овие години. Но, во јули се појави таканаречениот спорен фантомски избирачки список од 39.502 граѓани каде што повторно од медиумите разбравме дека пак сме спорни гласачи и фантоми со име и презиме, а од вистинските фантоми и духови во мојот стан ни трага ни глас. Тие, изгледа, излегуваат само на избори. Ништо од домашната посета на ДИК не е реализирано.
Рашомонот продолжува натаму. Видовме – не видовме, иако и натаму сме уредно запишани во избирачкиот список, ги испративме по електронски пат потребните документи. Синот веднаш беше известен дека апликацијата е прифатена и дека веќе не е спорен, може слободно да гласа. На 12 август се пријавив и јас по електронски пат со копија од лична картата како што налагаат правилата и веднаш бев известен од ДИК дека мојата апликација е примена и дека дополнително ќе бидам информиран по имејл за моето право на глас, поточно за отстранување на „несовпаѓањата“ како што ги крстиле во ДИК спорните гласачи. И сега, додека уште го чекам имејлот, стаса писмото на 24 август, пет дена по истекот на рокот во кое ме известуваат дека треба да се пријавам во канцелариите на ДИК и натаму следи познатата приказна што да правам, што да чинам, иако тоа го направив уште на 12 август по електронски пат. Што да ви кажам, вистински бирократско-партиски лавиринт, кој е тешко да се утврди дали е направен од незнаење или сосема намерно за да не се видат вистинските фантоми и да не се откријат големите нерегуларностои за што се води и истрага во Специјалното обвинителство со основано сомнение дека на претходни избори имало и непријателско здружување за местење на изборните резултати.
Не знам дали ДИК провери дали 30.000 лични карти што ги откри Оливер Спасовски неодамна во депоата на МВР имаат некакво совпаѓање со луѓето кои се наоѓаат на фантомскиот список од 39.502 гласа или таа работа ќе му се препушти на Специјалното обвинителство.
Е, сега кажете што треба човек да мисли кога на илјадници граѓани во Македонија им се случува ова истото – уредно да бидат запишани во избирачкиот список со години и години, за наеднаш да бидат објавени во друг избирачки список како спорни и како фантоми. За да се исправи какофонијата сите тие граѓани требаше да се пријават според упатствата дадени од ДИК. И откако се пријавија една четвртина од спорните гласачи пак да добијат писмо пет дена по истекот на рокот дека треба да се пријават. Па ова го нема ни во Занзибар, им се извинувам на граѓаните на Занзибар за навредата. За оваа голема лудост товарот паѓа на ДИК затоа што таму седат повеќето партиски луѓе, а другите се исплашени зајаци и не смеат да кажат гласно ни една буква зошто е хаос во избирачките списоци и кој е виновен што мнозинството граѓани на Македонија не верува дека се можни слободни и регуларни избори.
(Објавено во Утрински)

