Banner
Мое ќоше

Планетата се врти во главата на Урдин

kiro urdin

Планетата Земја заедно со сета вселена се вртат во главата на Киро Урдин откако се осознал. А и тој упорно ја гази Земјината топка и по суво и по вода, а некогаш и лебди над неа. Така настанува движењето планетаризам, оригинално дело на Киро Урдин. Наш убав човек. Космополит.

Денешнава колумна му ја посветувам на нашиот светски патник, сликар, писател, поет, сценограф, режисер, фотограф… една посебна личност, еден исклучителен уметник кој го освојува светот со уметност творејќи по најчудесните и најегзотични, најхаотични и најопасни ќошиња, најурбани, најрурални, најпознатите историски точки, рајски места кај што природата е со волшебна убавина, но и на места кај што е најсурова на планетата Земја. Таму на самото место на злосторството, на историските настани што го смениле светот, во прашумите, но и во џунглите на асфалтот во мегаполисите, во пространствата на Сахара и во сенката на пирамидите, на Берлинскиот ѕид, во градините на светската културна оставина, меѓу сиромашните и милионерите, Урдин ги работи своите грандиозни дела кои не се тоа само поради големите димензии на сликите, туку поради боите кои му ги замешале светците, но и поради посебноста на личноста на творецот. Кога ќе го запознаете Киро Урдин, по првата реченица знаете дека човекот и не можел да биде нешто друго освен уметник.

 

Еве ви крунски доказ за тоа. Киро Урдин (71) завршил Правен факултет во Белград. Постарите колеги во „Нова Македонија“ ми кажуваа дека еден период работел како известувач од судот во Скопје кога се случил еден настан кој мислев дека е повеќе анегдота измислена во култната меана „Букет“. Имено, на едно судење кога паднала пресудата две години затвор за обвинетиот, Урдин рипнал од местото и извикал гласно: „шо направи бе судија, човеко не е крив за ништо“. Така Урдин навреме ја осознал драстичната разлика меѓу правото и правдата и видел дека таа работа ама ич не е за него. Подоцна кога станавме пријатели, при нашите долги седенки со покојниот заеднички другар Владо Мокров, Урдин ми потврди дека тоа не е легенда, туку гола вистина. Во тие години пред да замине таму кај што припаѓа, во Париз, се случи уште еден настан кој длабоко ми остана во сеќавање, а кој уште ден-денес не е разјаснет.

Еден ден Урдин влета избезумен во „Букет“ со „НИН“ и со нашиот „Екран“ во рацете. „Дојди да видиш нешто“, ми рече листајќи ги страниците на „НИН“. Ми покажа една карикатура на тогашниот, веројатно покрај Зуко Џумхур, најголем карикатурист во Југославија, Југослав Влаховиќ, која добила некоја голема награда. Карикатурата беше без зборови, а претставуваше еден мермерен блок од кој се издигнуваат две раце со чекан и со длето и како некој си прави сам на себе споменик. Алузијата беше генијална за тоа време, а богами уште повеќе и за нашава денешница на споменикоманија кога власта се велича сама себе. Добро бе Киро, му велам, што и’ фали, одлична е карикатурата. А тој ми го отвора „Екран“, каде што е објавена неговата карикатура многу порано и која се состои од три мермерни блока, еден без ништо на него, вториот каде што се појавуваат двете раце со чекан и длето и третиот каде што веќе е оформен споменикот подигнат сам на себе. Види го ова, рече како мало дете, овој Југо ми ја украл не само идејата, туку и целата карикатура. Не знам како заврши оваа работа, ама галиба тоа остана меѓу ѕидовите на „Букет“, или ако не се лажам, со еден текст во „Екран“. Знаејќи го Урдин, најверојатно по експлозијата на емоции, му станало задоволство што познатиот Влаховиќ му ја позајмил идејата.

Потоа Киро Урдин замина да студира на Академијата за ликовни уметности во Париз, од каде што доаѓаа вести за неговите успеси во кои во Македонија ретко кој веруваше се’ додека неговите слики не осамнаа по големите галерии со солени откупни цени за наши прилики. Кога сликите на Урдин се појавија на кориците на книгите на познати писатели, на насловните страници на угледни списанија за уметност, кога неговите сценографии влегоа во театрите во планетарно популарните балетски претстави, кога неговите дела влегоа во музеите и во енциклопедиите и кога почна да добива меѓународни признанија и награди веќе немаше каде да се бега, Урдин влезе во редот на уметниците кои прво го освоија светот, па потоа својата татковина. Многу честа и вистинска работа во светот на вистинската уметност.

Поводот во ова време на невреме да му ја посветам колумната, е неговата најнова монографија во издание на „Магор“. Тоа е една луксузна книга, тешка безмалку два килограми распослана на 280 страници со над 1000 фотографии, илустрации, текстови и афоризми. Нејзината тежина значително расте ако ја отворите оти веднаш ќе откриете како љубопитството што овој пат замесил Урдин прераснува во одушевување за на крајот да ве натера да размислувате за овој наш уметник и исклучителна личност, кој својот живот го посветува на човештвото трагајќи по големата дилема „кои сме, од каде доаѓаме и каде одиме“. Урдин за себе вели: „Јас сум просечен во се’: просечна висина, просечна тежина, просечни години, просечна боја на очите. Дури и мајка ми и татко ми беа просечни. За моите тројца браќа и сестра тоа се подразбира… Така од просечен станав точка. Затоа никој не ме забележува. Сега судбината ми зависи од местото на кое ќе ме стават во пишуваниот текст. Но, ако некој ме праша за мислење, мојот одговор е: бидејќи сум точка, не сакам да останам на едно место, туку да се движам. Ако си различен, јас сум ист како тебе“.

Својата идеја за планетаризмот Урдин ја објаснува со вечното движење и потрага по одговорите што го мачат човештвото. Но, има и една дистанца. Урдин претставата за светот не ја идеализира. Тој вели: „Во овој сегашен свет, веќе ништо не е нормално, освен ако не си луд, а за уметноста и уметниците велат дека тие се најблиски сестри на лудоста“.

Земете ја најновата монографија на Киро Урдин, има што да видите и прочитате.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *