
Често ме прашуваат зошто сметам дека политичката криза во која длабоко западна Македонија е нерешлива, или кажано попрецизно е трајна. Се разбира дека не станува збор за песимизам или нихилизам, уште помалку за апатија, страв или помирување со состојбите на распаѓање и исчезнување на државата. Фактите се неумоливи, кои јасно и научно емпириски и општествено и економски докажуваат дека политичките, интелектуалните, деловните елити и мнозинството граѓани не ја оправдаа независноста на Македонија.
За 25 години самостојност, што е повеќе од половината период од крајот на Втората светска војна и создавањето на првата македонска современа национална држава, не е реализирана ниту една стратегиска цел на државата, ниту пак е достигнато нивото на развој, квалитет на живеење и стандард на граѓаните, политичка, културна, економска и спортска афирмација на државата во натпревар со светот и соседите како што тоа беше во периодот пред прогласување на независноста. Се’ уште, ни по 25 години, не е совладана и разбрана докрај разликата меѓу тоа што значи да се има самостојна држава и што значи да се оправда таа независност. Нема силни најави дека се прифатени масовно аргументите што значи разликата меѓу вековен стремеж за своја држава со она каква држава изградивме во изминатите 25 години и што им оставивме во наследство на идните генерации. За 46 години нашите предци успеале по единствената голема победа низ историјата, се’ друго е пораз, да формираат своја држава во чии темели се вградени 25.000 жртви. Од најсиромашна и најзаостаната државно недефинирана територија, Вардарска бановина, речиси без учени луѓе, без елементарна инфраструктура, без километар асфалтирани патишта и просечен живот од околу 50 години да изградат за 46 години чудо кое мерено со тогашниот просек на развој на Европската заедница, во деведесеттите години од минатиот век изнесуваше над 50 отсто. Денес не сме ни 35 проценти од просекот на ЕУ.
По прогласувањето на независноста, 1991 година, без ниту една жртва и испукан куршум, при наследство на солидна и пристојна држава, за изминатите 25 години врз тие извонредно цврсти темели наследниците не направија речиси ништо позначајно што би можело да се оквалификува како голем историски чин. Напротив, по првичната еуфорија по стекнување на независноста, Македонија драматично назадува во вкупниот политички, општествен, културен и економски развој што за последица ја има длабоката политичка, економска и духовна криза. Притоа последниве десетина години се појавија повеќе елементи кои ја прават кризата нерешлива, односно трајна. Зошто? Прво, од авторитарната власт е наметнат нов општествен и економски поредок кој е противуставен, што значи спротивен на конститутивните закони. Живееме со години, речиси без никаков отпор, во недемократски и непазарен амбиент узурпиран од група луѓе кои ги блокираа сите институции на системот без одговорност, контрола и поделба на власта според Уставот.
Сите критериуми и мерила за успешноста на една власт се сведени на гласачките кутии, на клиентелизмот и популизмот, на анулирање на владеење на правото со негова селективна примена злоупотребена за груба пресметка со неистомислениците и политичките противници, на попречување на правдата и законитоста, на игнорирање на политичката, моралната и законската одговорност, на организиран криминал и корупција во сите пори на општеството. Отфрлени се перфидно политичките и економските критериуми за влез во Европската Унија поведувајќи ужасно штетна и агресивна пропаганда дека ниту ЕУ, ниту НАТО, иако декларативно и програмски се наши приоритети, веќе не се историски и стратегиски интерес, бидејќи наводно биле пред распаѓање, лажно претставувајќи ги најголемите политички, економски и воени сојузи во светот како безначајно и непристојно друштво за Македонија. Со ниту еден комшија не е изградена политика на добрососедство и пријателство кое е основен предуслов за успешни евроатлански интеграции и економски развој. Ниту во земјата, ниту со соседството не е изградена силна и квалитетна инфраструктура, што значи автостради, брзи пруги, нафтоводи, гасоводи, регулација на речни корита и канали и контрола на водотеците. Секоја година за тоа трпиме огромни материјални штети, но и со човечки жртви. Сето тоа се правда со катаклизми и несовладливи природни стихии, што е спротивно на аргументите на научни и стручни луѓе. И тука политиката над науката го презема конечниот суд и од несреќите и делење помош гради една од највалканите предизборни пропаганди.
Добрите односи, макотрпно изградени со големите сили Америка, Русија и Кина повеќе пати се доведувани во сомневање само поради потребите за популистички поени на домашен терен. Не научивме од мудрите Словенци, иако 73 години живеевме во иста држава, како е можно со сите големи сили да се има одлични политички и особено економски односи без притоа да се урива угледот, достоинството и самостојноста на една мала, но демократска држава. Менувањето на курсот кон велесилите, ЕУ и НАТО според критериумите на дневната политика и владините апологети обилно зачинети со безумна политичка интервенција во науката во потрагата по пославно и античко минато, прикажувајќи го заедничкото културно и историско наследство на големите антички империи само како свое минато и наследство, предизвика сомнеж за искреноста на Македонија на патот кон Европа и кај нашите најдобри пријатели, стратегиски партнери и поддржувачи. Од една мирољубива земја определена за Европа и демократија, станавме стар балкански проблем, кој длабоко загазил во корупција, криминал и инсталација на власт без контрола.
Ете тоа се основните причини за нерешливоста и трајноста на кризата бидејќи се условени една од друга без силна мотивација да се разреши по мирен и демократски пат. Уште помалку со револуции и протести.
(Објавено во Утрински)


Amazing analysis.Evolution of Macedonia after 1991 and prior of that year.
Somebody forget 25000 casualty in the world war 2.
Our contemporary democracy is false democracy as author described it meticulously.
I like this article and I would recommended it to my face book ftiends.