
Специјалната обвинителка Катица Јанева се огласи: продолжуваат сите постапки и истраги кои беа запрени со аболициите.
Според последната анкета на американскиот институт ИРИ, поддршката на јавноста за пресметка со криминалот, за што се осомничени највисоки функционери, е огромна. Уште во април 63 отсто од граѓаните му веруваат на Специјалното јавно обвинителство и сакаат тоа успешно да си ја заврши својата работа. Сега по падот на срамната аболиција на претседателот Иванов, според динамиката на растот, се претпоставува дека веќе над 70 отсто од граѓаните стојат зад специјалните обвинители и очекуваат праведна судска разврска. Валканата кампања во која учествуваат медиумите на власта, но и осомничени политичари кои се под истрага не дава резултати. Војната за правда е посилна од пропагандата на власта. Јанева и нејзиниот тим продолжуваат со работа. Добра вест. Падна во вода милоста на претседателот Иванов за попречување на правдата.

Ете тоа е основната причина зошто власта сака изборите да бидат замена за вистинската судница. Секои предвремени избори Никола Груевски ги најавува на оригинален начин дека партијата и тој лично се против вонредни избори, за малку подоцна неговото мнозинство во парламентот да изгласа распуштање и да распише прекуредни избори. Демек, пораката е јасна, еве ние не сакаме секоја година да си ги мериме силите, да трошиме бадијала време, буџетски пари и енергија, ама во име на демократијата кога веќе запнала опозицијата која предизвикува нестабилност и криза, да одиме на мегдан.
Во надмудрувањето кој е за, а кој е против избори нема ништо невообичаено, тоа е дел од политичката борба и од тактиките да се придобива јавноста која за десет години се навикна да живее под пропагандна агресија на контролираните и корумпирани медиуми на власта, вклучувајќи ги и јавните сервиси на МРТ. Дури и кога би се проголтала таа ужасна агитпроповска медиумска превласт и нерамноправност до брутално уништување и деградација на новинарската професионалност и слобода како никогаш досега, има нешто многу пострашно зошто на Груевски му се омилени изборите како единствен суд на јавноста за сето она што го прави. Таа опасност по Груевски и неговите најблиски соработници е основаното сомневање кое произлегува ин флагранти од прислушуваните телефонски разговори на челниците на ВМРО-ДПМНЕ за двојните изборни штабови на ВМРО во МВР и за изборните нерегуларности што оваа власт подолго време ја прави сомничава дека е нелегитимна, поточно узурпаторска дојдена на криминален и незаконски начин. За тоа е покрената и постапка од Специјалното обвинителство според законот за злосторничко здружување за изборен криминал. Тоа е само една од главните причини за големата брука по угледот на државата и власта кои се разоткрија сосема со аболициите и пишман-амнестиите на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој со вчудовидувачка ароганција се обиде да ја спречи правдата без судски постапки против највисоките функционери во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ. Има уште еден куп истраги и правни постапки кои се водат во Специјалното обвинителство, од кои некои се веќе добро познати на јавноста. Ете затоа Груевски бара повторно легитимитет во нови избори и натаму безобѕирно инсистирајќи на стариот испробан рецепт за одмерувања на силите, без да се средат избирачките списоци, медиумската нерамноправност и нерамнотежа, со ново милионско задолжување во странски банки, како и пред секои избори. И конечно, најважно со такви избори да се оневозможи правдата бидејќи не помина ашиќере нарачаната аболиција.
Паниката во раководството на ВМРО-ДПМНЕ е поради натамошната непречена работа на Специјалното обвинителство и во јасните навестувања на Катица Јанева дека работата продолжува, но и од притисокот на Америка и ЕУ – разврската мора да биде во вистинскиот суд, или ако тој не функционира независно, ќе мора да се оди на специјален суд. Сега откако излезе на виделина причината зошто власта имала уплав од Специјалното обвинителство бидејќи ги насетиле уште во април-мај резултатите од направената анкета од ИРИ, или од некои други интерни истражувања на јавното мислење, се узна зошто била таа голема и груба сатанизација на Јавното обвинителство, на обвинителите лично и големата грижа за хонорарите на соработниците и советниците на СЈО и за буџетските трошоци. Ниту еднаш медиумските апологети не се нафатија со темата зошто се појави Специјално обвинителство како паралелно на редовното и зошто беше потребен посебен закон. Одговорот е многу едноставен и лесен. Затоа што редовното обвинителство се јави како заштитник на криминалот, што најверојатно ќе се случи и со судовите ако ја забошотуваат својата работа, или ако стравуваат да судат според законите и доказите. Граѓаните му веруваат на Специјалното обвинителство и имаат доверба дека не ќе работи непристрасно и професионално. И обратно, сите досегашни анкети направени во Македонија јасно ја искажуваат најголемата недоверба на граѓаните во судството. Во сите судски инстанци, почнувајќи од основните судови, па до Судскиот совет и Советот на обвинители, не веруваат дури ни приврзаниците на власта. И тоа ептен добро се виде во прислушуваните разговори, нарачаните апсења и пресуди на политичките противници, на новинари, на деловни луѓе и интелектуалци кои ги критикуваат злоупотребите на власта и владините политики.
Очајнички и дегутантни се обидите на власта со ангажирање на странски лобисти и за жал, некои домашни јавни личности кои изгледаат трагикомично со своите нарачани апологетски јавни проповеди дека единствен излез од кризата се избори, без да изустат ниту еден збор на какви избори мислат. Ваквите поддржувачи на режимот, всушност, се соучесници во историската неправда и еднодецениско одземање на иднината на граѓаните на Македонија.
Секако дека изборите треба да го означат крајот на кризата, но натпреварот мора да биде слободен и веродостоен. Луѓе за кои се покренати судски постапки со обвинување за тешки кривични дела не смеело да учествуваат на избори.
(Објавено во Утрински)

