
Како Никола Груевски ќе ја разреши длабоката криза по 5 јуни е иновација која заслужува нобелова награда за генијален изум невиден и нечуен досега. Утредента на 6 јуни по големата победа на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ заедно со нивните коалициони партнери ќе добиеме нов политички карикатурален поредок без опозиција. Се разбира, тоа ќе се случи ако двете страни и власта и опозицијата останат на своите сегашни ставови.
Практично избори без опозиција и не се избори, бидејќи правото на слободно бирање не е остварено без оглед кои се причините да се формира едноумен парламент само на владеачки партии. Такви избори никој нема да признае.Тоа веќе не е плурален парламентарен општествено политички систем што е спротивно на најзначајната конститутивна определба на Уставот дека Македонија е демократска парламентарна држва. Сите слични ситуации порано кај нас, во регионот и во Европа само означувале дека земјите кои немаат опозиција се во длабока политичка криза бидејќи не може да се управува држава без конкуренција и фер натпревар на партии, идеи, луѓе и интереси. Тоа раѓа режим, тиранија, криминал, омраза, страв, делби…
Излезот е секогаш во еволутивни или насилни револуции, во масовни демонстрации и со силен притисок на граѓаните нелегитимно избраната власт да замине од политичката сцена и да се организираат слободни избори. Без слободни и веродостојни избори и без заминување од политичката сцена на Гуевски не е можно разрешување на кризата во Македонија. Човекот органски не поднесува демократија, ниту има капацитет да владее во слободно општество. Се работи за судир на два концепти: изградба на уште потврд тоталитарен режим, или освојување на слободата, демократијата, владеење на правото и слободни и незвисни институции и медиуми.
Всушност, постои само еден начин да се реши барем привидно кризата за еден краток период, а тоа е по петти јуни, откако ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ќе ја поделат власта според тоа на кој колку му припаѓа по една од најсрамните победи досега во кусата парламентарна историја на Македонија, да се воведе и да завладее целосен страв и мрак. Така, по мирните и најтивки избори досега во независна Македонија ќе се изврши чистка на сите што на било кој начин се спротивставуваат, или го критикуваат Груевски и неговите политики. Медиумските туби на власта веќе упатија сериозни критики за големата толеранција што ја има Груевски кон непријателите, предавниците и странските платеници и разни други изроди.
Според последните јавни изјави и лутата реторика на вождот, веќе е прифатена конструктивната критика на медиумските перјаници на власта и од 6 јуни ќе се гонат и спалуваат вештерките. Откако ќе се очисти пирејот и сè што и пречи на власта за владеење никој нема да смее ни да писне, ни уста да отвори, ни збор критика и несогласување да изусти. Македонија по 5 јуни ќе биде најтивката и најмирна поранешна држава на планетата каде ќе се објавуваат во слободните медиуми само големите мудрости и успеси на Никола Груевски. Опозицијта заедно со познатите комуњари и предавници ќе биде ликвидирана, или во длабока изолација, а власта и дворјаните ќе можат да здивнат и да живеат спокојно без никој да им фаќа кусур за ништо. ВМРО ДПМНЕ со своите безмалку 100 места, или како што се предвидува околу 94 -95 пратенички фотељи, ќе може да ги оствари непречено сите свои програми, а ДУИ со 28- 29 пратенички места ќе биде измеќар соучесник во исчезнување на државата и воспоставување на апсолутна деспотска власт.
Нема друг начин Македонија да се врати на европскиот пат кон ЕУ и кон НАТО освен брз избор на привремена експертска влада и праведен судски епилог по истрагите за кривичните дела од прислушуваните разговори во врска со обвинението за злосторничкото здружување за изборен криминал. Не може да се оди на какви било избори со луѓе кои се под истрага за фалсификувани избори и узурпација на власта и на парламентот. Тоа е тешко кривично дело рамно на државен удар кога изборите се нерегуларни и наместени со кршење на законите и преземање на власта на нелегитимен начин. Бидејќи ваква разврска деновиве изгледа неверојатна и неможна тоа значи дека власта навистина на 5 јуни ќе се натпреварува сама со себе. Гледано од историски аспект во вакви ситуации, привидното зацврстување на режимот со застрашувања и терор ќе трае многу кратко. Потоа доаѓа период на неминовен пад на власта кој обично почнува со банална неважна причина и завршува со освојување на слободата и тежок пораз и уривање на популистичките кули од карти и целосно откривање на лагите. Во тоа време најчесто употребувани зборови на следбениците на режимот ќе биде „ние не сме знаеле ништо за овие злодела“.
Историските процеси можат да се успоруваат, или забрзуваат, ама не можат да се прескокнуваат. Во ерата на груевизмот во Македонија беа запрени сите процеси на изградба на слободно и демократско општество и беа блокирани патиштата за европеизација на државата. Груевски не успеа да оствари ниту еден стратегиски приоритет на Македонија, ниту го подобри животниот стандард на граѓаните, ниту квалитетот на живот, ниту ја намали сиромаштијата, нити ја внесе Македонија во НАТО, ниту ги почна преговорите со ЕУ, а одамна требаше да ги заврши заедно со Хрватска. Невработеноста во изминатите десет години е намалена десет пати повеќе со иселување на учените и млади луѓе, отколку со отварање на продуктивни работни места. За десет години преку сто илјади луѓе се вработени во државната администрација. Тоа е најголемиот успех на Груевски, да ги смести своите симпатизери на државни јасли.
Разликите меѓу државници и лоши политичари е во тоа што државниците ги забрзуваат историските процеси и напредокот на своите држави, а лошите политичари ги успоруваат тие процеси и го назадуваат прогресот на своите земји.
(Објавено во Утрински)

