
Го гледам Груевски како од сите телевизии држи говор облеан со радост дека на 5 јуни ќе завршела кризата. Ја крена раката како што го научиле советниците за комуникации, па така со крената рака направи мала ораторска пауза и отсечно соопшти – ДОСТА БЕШЕ. Слоган често употребуван од опозициите во светот против долгогодишните режими. Наивен човек би помислил дека на Груевски опозицијата му доаѓа преку глава како да е режим. Чинам дека во регионот повиците ДОСТА Е и ГОТОВ Е први го употребија противниците на Слободан Милошевиќ. Кај нас би рекле – доста беше што беше и за арно да беше, оти за никаде беше.
Феноменот Груевски се потпира, меѓу другото, и на фактот што тој човек воопшто не чувствува одговорност од позиција на власт и премиер кога државата со години тоне во длабока политичка, морална и економска криза. Тоа чувство со помош на медиумите Груевски се’ уште успева да го прикаже во добар дел од јавноста како одговорност на опозицијата, иако и според Уставот и според пишаните и непишаните правила, најголемата одговорност за стабилноста и кризите било политички, било економски, е на товар на владите и на премиерите.
Ваквите мерила за успешноста на една демократска власт во парламентарни демократии тешко се објаснуваат во македонската јавност, бидејќи е наметната перцепција дека оваа власт за ништо не е виновна, иако ги има сите механизми за тоа и законска должност да ја зачува стабилноста. За сите наши несреќи, виновни се некои други, по потреба Америка и ЕУ, често лошите соседи и се разбира, најчесто дежурни виновници се домашните непријатели и предавници, странски платеници и опозиционери. Ни Груевски, ни Владата, ниту неговата партија за ништо не се виновни, иако одвреме-навреме неприкосновениот лидер знае демагошки да каже „не сме безгрешни“, демек никој не е совршен, колку да исплакне уста, ама никогаш нема да каже за што се грешни.
Еве да го земеме предвид најголемиот скандал во независна Македонија, прислушувањето на илјадници граѓани, јавни личности, политичари, новинари, интелектуалци, дипломати… Замислете, фактот дека некој повеќе години прислушувал непречено со техника сместена во МВР и со луѓе вработени во МВР не претставува во Македонија предмет на расправа колкава е одговорноста на премиерот, на претседателот на државата и врховен командант, на министерот за внатрешни работи, на голем број одговорни личности во Собранието и во полицијата кои се задолжени да водат грижа за безбедноста на земјата. Целата оваа првична одговорност само по основ на фактот дека некој непречено прислушувал илјадници луѓе во земјата со години мораше експресно да заврши со десетици оставки во самиот државен врв и во Владата. Наместо неотповикливи оставки, одговорноста е преместена на имагинарни личности кои комотно со години ги следеле комуникациите на премиерот, на министри, на новинари, на политичари… И од сето тоа излезе потера по двајца луѓе под многу нејасни и сомнителни околности кои се’ уште не се расветлени.
Врвот на власта ја префрли одговорноста за своите злосторства на тие што треба да бидат еден ден одликувани со најголеми државни признанија за обелоденување на содржината на разговорите поради што Македонија е изложена на столбот на срамот и дома и надвор, бидејќи покрај свои државни институции надлежни за вакви случаи, полиција, обвинителства, судови, парламентарни комисии и ред други институции, кои застанаа во одбрана на криминалот, мораше да се формира под диктат на меѓународната заедница Специјално обвинителство, специјални обвинители и специјален Закон за гонење на кривичните дела што произлегуваат од прислушуваните разговори. За таква деградација на државата, Груевски не се чувствува одговорен, туку таа вина ја префрла на тие што ја обелоденија вистината. Груевски не чувствува никаква одговорност што е марионета во рацете на големите сили, за што ни се смеат светот и комшиите бидејќи ги разреши против негова волја своите најблиски соработници.
Груевски не чувствува никаква одговорност што Македонија десет години заостанува во евроатлантските интеграции и во европеизацијата на државата. Тој тоа го оправдува со лошата опозиција, па вели дека на патот кон Европа доцниме две години поради кризата што ја наметнаа непријателите на државата. Не се две години во прашање, туку десет. Груевски не чувствува никаква одговорност ни за игнорирање на извештајот на Рајнхард Прибе за се’ што не е направено, а требало досега да се направи во Македонија. Груевски не чувствува одговорност за попречувањето на правдата и на истрагите на Специјалното обвинителство за кое даде согласност и збор дека нема да се попречува, а веднаш преку своите медиуми ги прогласи за нечесни, непријатели и предавници. Груевски нема никакво чувство на одговорност ниту за фантомите во избирачките списоци, а преку ДИК наметна наместо сомнителните и тајни списоци да се проверуваат тие што се без големи неправилности и пропусти. Груевски не чувствува никаква одговорност ниту за основано сомневање дека власта е нелегитимна дојдена по сомнителни избори со сериозни злоупотреби за што се води истрага. Груевски не чувствува одговорност за неисполнување на суштински предуслови за слободни избори кои произлегуваат од договорот од Пржино, чиј гарант е и тој и сите релевантни политички лидери и меѓународната заедница.
Груевски не чувствува одговорност ама баш за ништо, иако вели дека „не сме безгрешни“. Мислам дека таа негова оценка не е точна, односно се однесува на Владата, а лично тој е безгрешен, како и сите големи владетели. Додека не си заминат од престолот.
(Објавено во Утрински)


Si jades burekche, gospodin Rizaov, opoziciski si nastroen, ali, bidi realen deka megju grujo i zajko, podobra opcija e grujo. Zajko e lost in space.