Banner
Мое ќоше

Кога ќе има избори

han so novinarite

Дали до 20 февруари ќе бидат исполнети сите предуслови за одржување слободни предвремени парламентарни избори на 24 април. Иако и власта и опозицијата категорично најавуваат дека цврсто стојат на своите спротивставени црвени линии според договорот од Пржино, се’ уште е неизвесен конечниот одговор кога ќе има избори кои можат да се прифатат од сите заинтересирани страни за слободни, кредибилни и веродостојни. Во еден ваков нездрав и лош амбиент само два дена пред крајниот рок за мериторна оценка дали Македонија е подготвена за фер изборен натпревар, царува жестока медиумска пропаганда на власта.

Главни теми на пропагандистите се: омразата, делбите, тешките напади на Америка, ЕУ на странските дипломати кои во спрега со домашните предавници коваат завера против државата која, види ти се молам, сака да биде членка на ЕУ и на НАТО. Никој нормален не верува во тоа, ама во земјата на заговори тоа одлично проаѓа. На сите страни фрчат кривични пријави, истражни постапки, јавни закани, тужби, медиумски харанги и подземни и валкани политички и лични пресметки во кои длабоко се инволвирани политичари, владини функционери, новинари, судии, обвинители, универзитетски професори… впрегнати во улога на адвокати на владата. Се разбира тука се и храбрите слободоумни и стручни луѓе, јавни личности, признати меѓународни експерти кои од поодамна го знаат изворот на политичката и морална криза во Македонија. Нивниот број не е мал, секој ден се’ повеќе луѓе се одважуваат да се спротивстават на режимот и на неправдите, иако нивниот глас е проскрибиран во централните мас-медиуми кои се под директна управа на власта, без оглед каква регулатива ќе се донесе. Примената на законска или професионална регулатива или саморегулатива во унакажаните македонски медиуми е невозможна работа додека не дојде до промена на власта. За ова има безброј евидентни докази во медиумите кои се деградирани и речиси уништени, а до пред неколку години, поточно до 2008 година, беа носители на рејтингот на угледна и значајна професија која високо котираше во светски рамки.

Прашајте се како граѓанин на Македонија, без оглед на вашата политичка, партиска или неутрална определба, дали во една ваква затруена атмосфера полна со повици на линч и на меѓусебно закрвување се можни слободни и фер избори чии резултати сите би ги признале како веродостојни. Лично мислам дека тоа не е можно при ваква висока температура, во време на хајки и подземни пресметки. Во оваа ситуација најдобро успева само недовербата. Тешко може да се поверува дека ОБСЕ/ОДИХР и Државната изборна комисија од чии оценки најмногу зависи дали Македонија и институциите на системот се подготвени за слободни избори, ќе ги апстрахираат, односно нема да ги согледаат сите овие катастрофални предизборни слабости кои во старт не дозволуваат рамноправен натпревар. Уште потрагична е сликата ако се оценуваат конкретните обврски прифатени за чистење на избирачките списоци, за начинот на работа на медиумите, на нивната регулација и саморегулација. Може ли за еден-два дена да прекине војната на Владата и на редовното Јавно обвинителство против Специјалното обвинителство. Каква е таа доктрина со уважување и респект да се прифати Извештајот на Рајнхард Прибе за состојбите во Македонија и причините за кризата, а потоа преку контролираните медиуми и новинарски пулени на власта да се сатанизира, исмева и архивира во прав. Сето тоа јасно покажува барем за нас кои живееме тука и ги следиме состојбите дека оваа власт не е подготвена за слободни и фер избори. Се бараат избори кои на нерегуларен начин треба да ги заменат судските инстанци каде што се во тек сериозни постапки и истраги за тешки кривични дела и во областа на изборите. Кој може да верува дека тие што се осомничени за изборни фалсификати и злоупотреби можат да спроведат фер избори, особено ако се’ уште се во ДИК, во судовите, во Владата и на клучни места во изборниот процес.

Што може да очекуваме до 20 февруари и до 24 април не е тешко да се погоди. Во вакви околности никој не би излегол на мегдан да ги одмерува силите во однапред изгубен натпревар во кој судиите се главните играчи на власта. Избори без опозиција на 24 април, и покрај предупредувањата дека не се исполнети условите за фер избори, автоматски значи дека на тој начин избраната власт ќе биде нелегитимна и не може да биде призната како избор на граѓаните. Евентуалната пак определба и во вакви услови да се одржат избори на 24 април е директна поддршка на еден недемократски систем и режим во кој непречено се нарушуваат човековите права и слободи. Одлагањето на изборите на подолг период, на пример, до есен, што е реален датум за да се исполнат сите предуслови од Пржино, би отворило нови прашања и кризни ситуации околу распуштање на парламентот и оставката на премиерот сто дена пред избори. Испаѓа работата Ѓорги сардисан од сите страни. Тоа се тие македонски состојби за кои Европа дозна уште во 19 и првата половина на 20 век кои во суштина значат дека работите се толку замрсени што никој не може да ги одмрси.

Јас се’ уште мислам дека најдоброто решение за Македонија и за неговата политичка партија го има Никола Груевски. Со еден чекор може да се разреши кризата и да се воспостави клима на доверба. Треба само повеќе да се сака татковината од власта.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *