Која ќе биде главната понуда на политичките партии ако воопшто се одржат предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година. Тешко нам ако се суди според жестокоста на предизборната кампања која трае рамно девет години и која веќе девет месеци е во фаза на делириум. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, читај Никола Груевски и Зоран Заев, ќе ја спасуваат Македонија и од потоп и од пожар. Ќе не’ спасуваат едни од други, односно еден од друг.
Груевски ќе не’ спаси од светски заговор на големите сили и од Европа, вавилонската ороспија да не не’ распарча на парампарчиња, а пред тоа ќе ја исчисти Македонија од домашни предавници, странски платеници, комплетно ќе ја уништи целата петта колона. Ова е влогот да не’ спаси од Заев. Потоа раат и без пречки ќе направи од Македонија рајска градина, земја на среќни луѓе.
Заев ќе ја донесе македонската пролет, ќе го урне режимот, ќе огрее слободата, ќе завладеат наеднаш и демократијата и правото, законите ќе важат подеднакво за сите граѓани, Груевски и неговите послушници ќе ги испрати на буништето на историјата, арамиите во затвор, ќе го врати украденото на државата, а примитивците ќе одат на вечерно училиште за возрасни за превоспитување по методите на Макаренко.
Така ќе заврши ерата на груевизмот, Македонија ќе стане нормална држава и никогаш повеќе нема да ни се случи Груевски.
Не претерувам, мислам дека дури ова е ублажената претстава на ужасната пропаганда која не’ заплиснува од сите страни во која апсолутна превласт имаат телевизиите и интернет-порталите под контрола на власта. Човек да фати уплав ако вклучи телевизор или сурфа на интернет за да види што има ново во Македонија. Ечат од сите информативни програми меѓу две турски серии, тешки монолози за геостратешки поделби на светот во кои Македонија е клучен фактор на интересите на светските сили. Има и трагикомични жестоки дебати на истомисленици кои се караат меѓу себе кој повеќе го сака вождот. Сето тоа можете комотно да го сместите во една реченица дека станува збор за панични повици на поданиците на власта за мобилизација да се спаси Македонија. Се’ и сешто можете да слушнете , ќе се уверите дека човековата глупост нема граници, само нема да чуете рационален одговор зошто Запад и домашните предавници сакаат да ја уништат Македонија. Промената на власта и на Груевски тие го сметаат како уништување на Македонија.
Човек не знае дали да плаче или да се смее кога ќе ги слушне овие луѓе кои на прв поглед изгледаат нормални додека не ни откријат во доверба дека Америка, Германија, Франција, Холандија, безмалку сите членки на ЕУ и НАТО, се нашите најголеми душмани кои сакаат да ја снема Македонија. Нашите најголеми инвеститори, трговски партнери и донатори толку многу биле уплашени сите топтан од успесите на Македонија што откриле голема опасност за интересите на нивните држави и за стабилноста на целиот свет ако Македонија продолжи со ова темпо на развој и напредок во секој поглед. Човек да се крсти со две раце, што би рекол знаменитиот професор Марјановиќ.
За спасување на престолот повторно во жестина добиваат кампањите за компромитирање на сите јавни личности во државата кои се спротивставуваат на тешките злоупотреби на власта и кои бараат промени и демократизација на Македонија. Станува збор за веќе одамна жигосаните и познати домашни предавници кои одработуваат за светскиот заговор против татковината. Новина е што доктрината за уништување на Македонија овој пат не е спакувана како 2001 година со потпишување на Охридскиот договор, туку сега е подметната капитулацијата во договорот од Пржино. Потпишувањето, а особено реализацијата во практиката на тој пакт со непријателот значи автоматски губење на името на државата, на идентитетот и на посебноста на македонската нација. Готово е со Македонците ако се оствари договорот од Пржино. Тие ќе исчезнат, ќе потонат во земја, ќе станат аморфна маса, ќе пропаднат во канализација… Време е за отпор и решителна битка против сите домашни и надворешни непријатели. Затоа уште од мугрите на 24 април треба масовно да излеземе на избори и да кажеме историско НЕ на Запад.
Ете ова можете да го слушате на телевизиите на власта кои сеат страв од промени со години.
Лесно е препознатлива доктрината на власта која засега ја пласираат само медиумските следбеници и лично премиерот Никола Груевски, но во одвоени улоги. Медиумските камбани бијат тревога да не се применува договорот од Пржино како наметнат со притисок и како противуставен, како подметнат катил-ферман, како акт против самостојноста и независноста на државата чија примена ќе значи крај на владеењето на Груевски. Затоа не смее да се чепка во контролата на регуларноста на изборите, не смеат да проработат специјалниот обвинител и обвинителството ако однапред не се знае што ќе сработи, не смее Груевски да поднесе оставка и да има премиер и техничка влада која ќе спроведе слободни избори, не смеат да се преслушаат прислушуваните разговори. Затоа мора да се најде начин како да се напуштат и преговорите за реформи на медиумите и воопшто да се анулира договорот од Пржино. Тоа е суштината на кампањата на провладините медиуми.
Премиерот Груевски има малку поинаква агенда. Тој реди само успеси. Секој ден носи нови инвеститори од непријателска Америка и Германија, отвора нови фабрики, вработува луѓе, гради училишта, болници и автостради, пруги, нафтоводи, гасоводи и брани, булевари, кружни текови, водоводи, нови фасади и споменици, ја пошумува Македонија, гради пречистителни станици, ги чисти загадувањето и ѓубрето, дели банкарски кредити, дели помош на поплавени, опожарени, разурнати во полициски антитерористички акции, дава милостина на сиромашни граѓани, оди во црква, шета по улиците, се дружи со народот. Дава изјави дека народот ќе одлучи на 24 април и ќе каже што е што и кој е кој во државата. Груевски вели дека договорот од Пржино ќе се оствари во целост, иако е наметнат и дека тој не се плаши од обврските што ги презел со негово прифаќање. Груевски е подготвен да ги прифати и медиумските реформи, но не може да им се меша во работата на новинарите кои не сакаат ни да слушнат за некакви ограничувања на нивните слободи, па затоа во знак на солидарност со слободоумните новинари на ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите кои, ако се прифатат во целост, можат да го вратат анархичното новинарство.
(Објавено во Утрински)


