Banner
Мое ќоше

Фронт на пучисти и патриоти

protest.

Малку, малку, па пуч во Македонија. Кој за што, ние за пуч. Сигурно ви е познато дека превратите се вообичаени само во сиромашни банана-држави. Разликата е во тоа што таму армијата, полицијата, или паравојски и разни центри на моќ ги уриваат владите насилно, а власта кај нас си измислува пучови, државни удари и преврати кои не постојат, ниту пак некој има ниет насилно да ја урива владата. Тоа се само приказни за опасност по државата и за застрашување на граѓаните. Сега во овој момент во ек се, верувале или не, три големи пуча во Македонија.

Едниот е на здружената опозиција и на Заев со фрлање „бомби“, закани и уцени да се дознае вистината за злоупотребите на власта. Другиот е во Исламската верска заедница да се собори реисот Реџепи. Третиот е на улиците на Скопје каде што средношколците маршираат поради тоа што мислат сосема исто како и премиерот Груевски и бараат поквалитетно образование, ама на премиерот нешто му смрди на опозициско масло. А штом него нешто му примирисува, сигурно е обид за уште еден пуч, овој пат во темелите на науката.

Познати се пучистите, тоа се некогашните предавници, непријатели и странски платеници кои власта ги унапреди во пучисти со указ потпишан од премиерот Груевски на 24 декември 2012 година. Од тој ден наваму, од „црниот понеделник“ во Собранието кога претепаната опозиција од тајна полиција сакаше да направи државен удар и да ја собори власта, до денес се изредија едно десетина пучови, преврати и разни други незаконски обиди на петтата колона за да се урне легитимно избраната власт на фер и слободни избори.

Само влада која нема самодоверба и која се плаши од промена на власта измислува обиди за преврат, државни удари и насекаде гледа опасност од дестабилизација на државата. Во суштина, се работи за страв од давање отчет, не онаков каков што се дава на партиски митинзи и собири во предизборни кампањи, туку едно многу поинакво поднесување на сметките во надлежни институции кои нема да функционираат под партиски и личен диктат на група луѓе. Во стравот се големи очите, па затоа, а малку негде шушне и се бара слобода и демократија, тоа веднаш се именува како пуч, опасност од граѓанска војна, меѓунационални и меѓуверски судири.

Барањето на лидерот на опозицијата за техничка влада три месеци пред секои парламентарни избори, како гаранција за слободно искажување на народната волја, е пречекано со тревога дека тоа е уцена и обид за пуч. Пред тоа, барањето на пратениците за намалување на разузданиот буџет во најсиромашната земја на Европа исто така беше прогласено за државен удар. Соопштувањето во јавноста снимени разговори во период од повеќе години кои јасно кажуваат како бескрупулозно владее оваа власт и какви се’ грозни злоупотреби се правени, со учество во организиран криминал, со местење на изборите, со партиски избор на судии, со контрола на медиуми и нарачка на текстови, со впрегнување на полицијата во партиска пресметка на политички противници со нивно затворање, изживување и тортура. Власта сето тоа го оквалификува како обид за пуч и изврши силен притисок врз Обвинителството во таа насока да се води истрагата во судот. Гласноговорниците на Владата јавно на телевизиите даваат оценки дека станува збор за пуч, уцена, закани, дека незаконското прислушување е дело на опозицијата, а до неодамна тврдеше лично премиерот дека тоа го правеле странски служби. Потоа малку се преиначи, па од домашни шпиони и разузнавачи во спрега со странци, сега останаа само домашни разузнавачи платени од опозицијата.

Мислам дека и на читателите, и на власта, и на опозицијата им е сосема јасно што значи пуч или преврат, државен удар. На никој тоа не му пошло од рака со расправа во парламент, или со мирни демонстрации и протести, а најмалку со разговор во кабинетот на премиерот во четири очи, односно пред скриена камера.

Интересно е што провладините медиуми имаат различни аршини за таканаречените пучови против световната власт од тој што се случува во ИВЗ. Додека барањето за техничка влада и владеењето со контрола на илјадници јавни личности се нарекува пуч, настаните во ИВЗ за смена на реисот Реџепи се квалификуваат како праведни оти наводно ги поддржувал џихадистите. Не знам што точно се случува во ИВЗ, но едно е сигурно. Ако се следи трагата на парите и на политичките спреги и интереси, ќе се види кој сака да падне поглаварот на Исламската заедница. Одамна реисот Реџепи ги опоменува власта и министерката за внатрешни работи Јанкулоска дека во државата и во џамиите има упад на сили кои не се под контрола на ИВЗ и кои можат да претставуваат опасност за државата.

Арогантниот одговор на министерката беше Реџепи да си ја гледа својата работа. Сега од авион е видливо дека провладините медиуми даваат поддршка за смена на Реџепи, иако претставниците на Владата се доволно мудри јавно да изјавуваат дека не сакаат да се мешаат во верските работи и институции, нивните закони и устави. Сериозно е загрозено едно од најстабилните места во меѓунационалните односи, а тоа се меѓуверските релации кои во Македонија во најголемите воени кризи беа поштедени од конфликти. Ако во нешто има елементи на пуч во државата, тоа е врз реисот Реџепи.

Настаните со протестите на студентите и средношколците, обидите за нивните партиски делби и навредите врз нив и нивните родители, во името на подобро образование, се гротеска која од пуч се претвори во пуф на Владата.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *