Banner
Мое ќоше

Големо фала на Груевски

Z

Го советувале некои пријатели премиерот Никола Груевски да не ги троши најубавите години од животот и да работи макотрпно како премиер за доброто на Македонија бидејќи никој немало да му каже фала. Ама тој не ги послушал, па за својот народ и натаму предано ќе се жртвува. Не му треба благодарност на пожртвуваниот Груевски. Ништо не е многу за доброто на народот. Следува голем аплауз, овации, и се разбира, повторен избор без ниту еден глас против, сосема заслужено за големите одречувања и страдања што партискиот лидер и премиер ни ги приредува, ќе биде цела една деценија. Еве и јас да се приклучам со мојата маленкост, со едно големо благодарам за се’ што ни направи овој државник и политичар во ерата на неговото владеење. Оти тоа што тој го направи, на никој досега не му успеа, се’ што фати позлати, тоа може да го направи само голем јунак.

Додека сите негови претходници ја ограбуваа државата и граѓаните и ја пустошеа жална Македонија, се појави спасителот. Ги засука ракавите и почна да работи со наш и божји благослов. Граѓаните на Македонија никогаш не живееле поарно отколку овие десетина години. Стандардот ни рипна на сите, а за неколку години ќе стасаме кај што бевме 1989 година, ако не го спречат овој невиден развој досега разните непријатели, странски и домашни. Просечните плати за само неколку години, како што соопштува Заводот за статистика ни рипнаа за цели шестотини денари. Секоја година по една стотка повеќе. Што може човек да купи за просечна плата пред шест години и денес се неважни детали, исто колку што воопшто не е битно дека стасавме до најниската просечна дневница на Балканот и пошироко во Европа. Тоа ширум ги отвори вратите за странски инвестиции, па сега големите светски компании се грабаат кој попрво да отвори своја фабрика во Македонија. Никнуваат како печурки насекаде индустриски зони. Уште малку ќе увезуваме работна сила од сиромашните комшии.

Пензиите се фантастични. Растат секоја година толку многу што пензионерите станаа волшебници и спасители. Да ги поживее Господ пензионерите кои во третата доба станаа главниот столб на семејствата, па кога татко и мајка даваат на возрасни деца сите се радуваат, кога син дава на татко, сите плачат. Земјоделците веќе не гледаат загрижено во небото дали ќе удри град, или ќе надојдат води, или пак сушата ќе го спржи бериќетот. Најубаво успеваат новите насади со субвенции. Стотици милиони евра се поделија во времето на Груевски за некогаш сиромашните земјоделци кои го снабдуваа 20 милионскиот пазар, а нешто остануваше и за извоз. Сега според извештаите на владините телали од Потемкиновите села сите земјоделци се богати на сите страни им тече саде мед и млеко. Каде отидоа 500 милиони евра субвенции, поделени сите овие години, тешко можат да откријат, дури и новинарите странски платеници. Никогаш Македонија не увезувала повеќе храна и земјоделски производи, а малиот земјоделец никогаш откако имаме држава не бил посиромашен.

Вработувањето на младите успешно се одвива низ цела Европа, а богами и низ целиот свет. Неколку стотини илјади млади луѓе се вклопија во меѓународната поделба на трудот. Некои со бугарски пасоши, некои со хрватски, некои како економски азиланти и на диво, а некои на голема врата со македонски пасош на барање на престижни светски компании и институции.

Општествениот стандард овие десетина години направи голем скок, вистинско салто мортале. Државното здравство е на ниво не дај боже да се разболиш. Приватното лекување е последна шанса ако имаш право на кредит. Образованието на младите е најголемата родителска грижа на премиерот. Многу поголема од билошките родители бидејќи многумина од нив скренале од вистинскиот пат, па ги тераат своите деца да протестираат и да парадираат по улиците само да не учат. Партиската поделба меѓу децата и нивните учители и родители е извонредна основа за добро и патриотско образование на идните генерации. Така ќе можат најдобро да ги наследат стравотните историски наслаги од богатото историско минато.

Градовите и селата никогаш не биле поубави и полични откако во изминатите години се облагородија со нова архитектура и со многубројни споменици. Главниот град стана туристичка мека каде што доаѓаат луѓе од цел свет да ги видат скопските чуда. Го изградивме најголемиот споменик на Александар Македонски во светот. Тука се грандиозните спомен-обележја и на целото негово семејство, на татко му, на мајка му, на дедо му и на сестра му… Музеи, барокни фасади и на гаражи се светска атракција која туристите ги остава без здив додека се сликаат за спомен и долго сеќавање. Карусели, панорамски тркала, кораби и галии на Вардар и ноќно лајт-шоу го прават Скопје уникатна метропола од минатите векови. Затоа вреди што се задолживме како никогаш досега. Нека му ја мисли тој што ќе ги враќа парите.

Тешко во оваа благодарница да се наредат сите успеси во едно мало новинско ќоше. Европеизацијата и членството во ЕУ и во НАТО не се вредни за спомнување, бидејќи да беше таму добро, немаше сите да трчаат да бидат во големото европско семејство. Останавме последни на тој пат оти нивните правила и мерила ги деградираат нашите успеси, нашата гордост и достоинство. Најголемата грижа за нашиот човек се гледа што илјадници граѓани беа под суптилен надзор повеќе години. Сите нивни грижи и тешкотии некој непречено ги слушал и превентивно ги надгледувал да не скршнат од вистинскиот пат.

Ете, тоа се само телеграфски соопштени најголемите успеси од земјата недојдија со најголема демократија и слобода во Европа. Затоа, почитуван премиере, не очајувајте дека никој нема да ви рече фала. Овој народ еден ден кога татковината ќе не препознае сите и тоа како ќе знае да ви се одолжи за се’ што му направивте, за сите ваши големи и добри дела.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *