За одговор од насловот на текстот прашајте ги децата чии учители штрајкуваат и чии учители не штрајкуваат
Имаше, или немаше протест на новинарите. Има, или нема генерален штрајк во образованието. Имаше, или немаше студентски демонстрации. Има, или нема опозиција во парламентот. Претседателот на државата стави, или не стави вето на 16-тиот по ред пакет закони за образованието…
Ако ги следите само медиумите под строга контрола на власта, за вас нема никаков протест на новинарите. Нема ни штрајк во образованието, училиштата работат нормално, редовната настава тече непречено. Парламентот функционира беспрекорно како швајцарски саат, а претседателот на државата мазно го потпиша указот за пакетот закони. Таа е темната страна на Македонија каде што ништо не се случило, ако не огласат владините медиумски труби. Другата, многу мала, но светла страна на медиумскиот простор вели дека имаше величествени и жестоки новинарски и граѓански демонстрации за слобода и демократија кои можат да служат за гордост на Македонија и за професијата новинар. Протестите на новинарите, како и на студентите, влеваат голема надеж дека не е се’ изгубено.
Генерален штрајк во образованието има, но во еден дел од училиштата го спречуваат штрајкбрехери, разни партиски војници, полтрони и кукавици недостојни на својата професија да воспитуваат млади луѓе со слободен дух. Така е во македонските училишта. Во школите кај што учат Албанци штрајкот е стопроцентно успешен, тие не се плашат и не се полтрони, иако и министерот за образование и државниот секретар се Албанци. Со големо достоинство, некогашниот учител на министерот Адеми вчера го опомена својот ученик дека пак може да му стави единица по поведение ако ја злоупотребува власта против своите учители. Оваа лекција не можете да ја видите на цензурираните медиуми.
Студентските демонстрации за првпат во историјата во ваков импозантен обем ја разбудија Македонија. Се’ уште спијат само медиумските мечки кои се во зимски сон залегнати во скутот на власта. Таму им е најудобно за време на сите влади. Студентските демонстрации не беа обични протести против државен испит. Тоа е сериозно движење за слобода и демократија за зачувување на светата автономија на универзитетот која Владата на премиерот Никола Груевски, арогантното мнозинство во парламентот и поранешниот професор, сега претседател на државата Ѓорге Иванов ја поништија и го ставија универзитетот под своја политичка и партиска управа, а предавалните и амфитеатрите на факултетите ги претворија во идеолошки лаборатории на политиката. Законите против автономија на Универзитетот се во старт антицивилизациски и противуставни бидејќи ја загрозуваат и слободата и независноста на највисоките научни институции во државата. Претседателот на државата Ѓорге Иванов повторно е најтажната фигура во овој циркус која не смогна сила да стави вето. Практично, со појаснување на неговиот потпис тој ги даде сите аргументи неопходни за дебело вето. Претседателот Иванов, замислете, добил ветување дека владата ќе подготви сосема нов пакет закони кој ќе води грижа за квалитетот на образованието, дека ќе се даваат повеќе пари од буџетот за научни истражувања и дека со други думи нема да биде доведена во прашање како и досега автономијата на Универзитетот. Тоа ништо друго не значи освен, еве јас ова го потпишувам, иако ми ветија дека ќе направат нов, 17. по ред пакет закони. Овој 16. пакет е одличен, ама овој 17. што ќе се прави, ќе биде нешто невидено досега. Така итромански претседателот го одржа ветувањето, додека е претседател на Македонија и додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт, дека нема да стави ниту едно вето и нема да се спротивстави со ништо на владата која го пресели да живее десет години на Водно.
Македонското Собрание по 24 декември 2012 не е исто. На тој „црн понеделник“ кој никогаш не смее да се заборави се случи вартоломејската ноќ кога е извршено убиството на македонската кревка демократија. Во светиот простор на парламентот упадна тајната полиција по наредба на претседателот на Собранието Трајко Вељановски и со амин на државниот врв насилно беа исфрлени пратениците на најголемата опозициска партија затоа што се противеле на донесувањето на раскалашениот буџет и недомаќинското трошење на народните пари. Пред нив за да се скрие големиот срам, силеџиски со закани беа исфрлени новинарите од своите работни места во парламентот. Срамни настани кои го обиколија светот и кои се случија првпат во 70-годишната историја на Собранието. Уште поголем срам беше што повеќемесечната истрага заврши со документ кој арогантната власт го нарече палома хартија за тоалет. По последните избори, кои според многу оценки на релевантни меѓународни асоцијации и личности не беа регуларни, опозицијата не ги призна изборните резултати и се повлече од парламентот.Од тој ден Собранието работи како гласачка машина на власта, без дијалог, без дебата, без елементарна расправа. Ваков парламент сме немале ниту во еднопартискиот систем. Од поодамна предлагам доколку во МРТ се чуваат архивски снимки нека прикажат една седница на Собранието на Македонија во времето пред самостојноста, па граѓаните нека направат споредба и за острината на критиките кон владата и за нивото на расправата и за политичката култура. Разликите се драматични на штета на повеќепартискиот парламент кој сега функционира полошо од едноумен општински комитет на ВМРО- ДПМНЕ.
Министрите за надворешни работи имаат една голема привилегија во политиката. Тие го креваат угледот на владата и на државата, разговараат со значајни странски државници во убави кабинети, одат на приеми, патуваат по светот , ја застапуваат својата татковина. Понастрана се од домашните политички игри и валканици. Тие не навредуваат, не се караат, зборуваат со дипломатски и толерантен јазик. По средбата на нашиот министер за надворешни работи Никола Попоски со неговиот австриски колега Себастијан Курц на конференцијата за печат беше сосема очекувано прашањето за протестите на новинарите и случајот Кежаровски. Кога австриската новинарка го праша нашиот министер како ги коментира протестите, наместо дипломатски одговор што приличи на министер со европско образование и манири новинарката доби балканска ароганција со срамен одговор: повеќето не разбрале зошто се одржал протестот на новинарите бидејќи сите биле информирани дека лицето за кое се зборува веќе било на слобода… Ова го кажа министерот Попоски без око да му трепне. Си велам, добро, му кажа ли некој на човекот дека австриските новинари ги видоа демонстрациите и се информирани во детали, дека министерот Курц знае се’ за случајот Кежаровски. Не знам зошто го оставија нашиот министер да се бламира пред јавноста и пред гостите и да испадне смешен, можеше со дипломатски манир да даде многу поумесен одговор, иако нема оправдување за состојбите во кои се донесени македонските медиуми.
Каде е изворот на нашите несреќи што не живееме во слободно општество. Ќе го откриете кај децата чии учители штрајкуваат и кај децата чии учители не штрајкуваат. Прашајте ги нешто за штрајкот на нивните наставници и ќе ја чуете болната приказна како уште од мали нозе градиме послушници. Поранешните повторувачи кои станаа градоначалници одредуваат кој е подобен да биде директор на училиштата. Директорот во ретки случаи доаѓа на тоа место поради своите високи педагошки достигнувања, туку главно поради партиските активности. Кога по строго партиски терк се бираат и учителите и наставниците, крајниот производ стасува на факултетите. Потоа се чудиме што образованието било со низок квалитет, па треба да се тестира екстерно и интерно , па треба државни испити и не знам што. Испитот за изградба на слободни и независни личности почнува од дома и од градинка и трае цел живот. Нашата власт им ги тегне ушите на децата од најрана возраст претворајќи ги во послушници кои деновиве ги гледаат страдањата на своите учители и храброста на кукавиците и штрајкбрехерите. Многу загадочно е прашањето на синот на мојот пријател. Тато, кој е во право, наставникот по математика, или по физичко. Сине, тоа се две различни работи. Не бе, тато, кај нас главен е наставникот по физичко, тој забрани штрајк, а наставникот по математика вика дека треба да се штрајкува за нивните права, оти ова веќе не се издржува.
Сине, реши ги задачите по математика, па оди да си играш фудбал и не гледај ме како да си паднал од Марс.


