Banner
Ориент експрес

Последната офанзива за спасување на криминалците

Она што ни се случува сега е последната офанзива за спасување на криминалците, на злосторничките здруженија од врвот на политиката и центрите на моќ. Во битките за освојување на власта, јатаците на криминалците, удобно сместени во партиите, ја гледат големата шанса да се спасат сите осудени, обвинети и осомничени политичари, нивни помагачи и соучесници против кои се водат морски долги судски постапки, или се под истрага, но и тие кои допрва треба да седнат на обвинителна клупа, или да поднесат отчет и сметки од каде и како им е стекнато  баснословното богатство и кнежевските имоти, компании, банки, фабрики, болници, коцкарници, рудници, чифлици и латифундии.

Нивната евентуална победа ќе означи и најголем пораз на Македонија и на нејзините граѓани и тоа по сопствена вина. Дали е можно Македонија да биде поразена од криминалци и да ја изгуби својата европска иднина, а во тој случај многу изгледно да ја изгуби и државата? Да, тоа е реална опасност, кај голем број граѓани да превладее разочарување, недоверба и лутина од една страна за отстапките и компромисите што ги направи Македонија, а сѐ уште не ги доби ветувањата на Брисел, а од друга страна, под наездата на ужасен примитивен популизам, лаги и шпекулации со штедро финансирани и корумпирани домашни и меѓународни медиумски лешинари, луѓето да не можат да ја препознаат вистинската страна која води кон спасување на државата и кон членство во НАТО и во ЕУ.

Бркаат македонски зајак за да отепаат европска мечка

Бојкотот, или апстиненцијата на изборите било од разочараност, или лутина, колку и да е демократско право, во вакви историски околности е еднакво против сопствената држава, колку што е да се верува на лагите од медиумските фабрики кои во моментот го имаат најскапото производство на опасно загадување на човековата околина. Нивниот отровен смог, како вирусот од Кина, се шири од високите оџаци на Италија, преку Унгарија и Словенија и низ целиот западен Балкан, до домашните пренесувачи на вируси и големи мајстори за препишување и спинување, по цена, колку што изнесува заработката на трговците со бофл стоки. Големите пари одат на сметка на тие што озраченото ѓубре од скопската политичка депонија го брендираат како спасоносна вакцина во оригинално пакување нарекувајќи го „Вистина“ за многу поширока и задолжителна употреба.

Го бркаат македонскиот зајак за да ја отепаат европската мечка. Така, иднината на Македонија и нејзиното членство во ЕУ станува колатерална штета, но и голем капитал во европските пресметки на националистичката милитантна и фашистичка десница со своите политички противници. Инаку зошто би давале толку пофални изјави десничарски политичари од југоисточна и западна Европа за медиуми кои плаќаат големи казни и глоби по судски пресуди за пласирање лажни вести, дезинформации и навреди како што е случајот со италијанска Ла Верита? Овој антиевропски, криминален и егоистички чин на десницата платен и нарачан за свои потреби, со жртвување на Македонија, може да го спречи најважниот процес на реформите на самата Европска Унија.

Тортурата со лажни вести го прогна објективното новинарство

Европски и цивилизиран Балкан е процес значаен за цела Европа, па макар траел и многу подолго од вообичаеното време. Новите членки кои влегоа на мала и на голема врата во стара западна Европа покажаа дека едно е членството во ЕУ, а сосема нешто друго е нивната европеизација. Преговорите за членство во европското семејство, во зависност од околностите и политичките ситуации, протекционизмот и интересите на големите сили можат да потраат неколку години, цела деценија, па и повеќе, но европеизацијата, односно граѓаните на централна, југоисточна Европа и на Балканот да станат Европејци, задржувајќи ги своите културни и идентитетски посебности, но прифаќајќи ги и европските вредности, е еден сосема друг, долготраен процес, кој уште не е завршен кај сите „нови“ членки на ЕУ по падот на Берлинскиот ѕид.

Европеизацијата на Македонија како крајна цел е големата слика која мора да се препознае на овие најзначајни избори по прогласување на независноста на Македонија. Во суштина, станува збор за најголемиот предизвик и историска одговорност на граѓаните на 12 април да се отстранат домашните блокади од опасноста Македонија да не продолжи по европскиот пат само поради спасување на криминалците и корумпирани лажни патриоти. Како да ги препознаете спасителите на криминалците? Да, тоа е тешко кога од сите страни сте бомбардирани со лаги и дезинформации, кога лутината не стивнува поради чувството на измаменост од Брисел и од првите соседи. Особено е тешко кога професионалното и објективно новинарство и медиуми се маргинализирани и не се релевантни. Кога јавниот сервис во државата е предводник во ширење на партиска пропаганда, каде неопходните кадровски промени на партиските новинари и уредници од ерата на груевизмот, не се направени поради сервилниот однос на новите власти кон Брисел. Тортурата со лажни вести го прогна сериозното, професионално и етичко новинарство во Македонија, но и во цела југоисточна Европа, а популизмот и манипулациите  на социјалните мрежи и во корумпираните медиуми и таблоиди се главни извори на информирање и во голем број западноевропски демократиии во Америка.

А спомнат народ, исклучете ги, оти лажат

Во една ваква ситуација, на медиумска папазјанија, кога сите се новинари и колумнисти, во време на галијаматијас најдобро е човек да се потпре на својот здрав разум и инстинкт, тргнувајќи од наједноствната и најточна проценка дека она што е најдобро за него, за неговото семејство, ако не се коси со законите и моралните принципи, е најдобро и за неговата татковина. Најчесто сите тие три работи одат заедно и не се противречни. Апстрахирајте, односно заборавете го истиот миг тоа што не го разбирате од компликуваните јавни одбрани на криминалците. Тие најлесно се договараат меѓу себе, бидејќи единствената партија им се парите. Сите што се повикуваат на народот и сѐ што прават во името на народот, лажат. А спомнат народ, исклучете ги, оти безочно лажат. Уште повеќе лажат тие што велат дека се подготвени да преговараат за инсталирање на владеење на правото за сите граѓани да бидат еднакви пред правдата и судот, ама ни малку не се подготвени да кренат рака за непречена работа на јавното обвинителство, особено за предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Не им верувајте на тие што бараат свој јавен обвинител и свои подобни судии!

Тие пак што го блокираат донесувањето на законот за Армијата на земја која во моментов станува членка на НАТО со единствена забелешка дека не го прифаќаат законот само затоа што таму пишува Армија на Северна Македонија, не само што лажат, туку и го навредуваат здравиот разум на граѓаните. И тие што велат дека ако добијат 80 пратеници ќе ги поништат договорите со соседите, знаат дека тоа значи бришење од списокот на ЕУ и на НАТО. Ама не е само тоа. Не се брише само списокот, се бришат и некои други работи. Тие што се надеваат дека ќе биде исто како сега и ако не бидеме членки на НАТО и на ЕУ, исто така се лажат и себеси и тие околу себе. Назадувањето и на земјата и паѓањето на стандардот на граѓаните и вредноста на нивниот имот ќе биде многу поизразено без финансиската и друга поддршка на Европа и на Запад. 

Трговците бараат 80 за да добијат  50

Проповедниците на тезите „дајте ни 80 пратеници да се спаси идентитетот, јазикот и достоинството“ е најбезумната работа што ја слушаме повеќепати. Тоа го побара Никола Груевски повеќепати за да владее неограничено и без контрола, цели 11 години, но ги видовме и катастрофалните последици и кога не добиваше 80, туку само просто мнозинство во парламентот. Толку можеше ВМРО во МВРО. И сега по неговиот пример тргна и Христијан Мицкоски. Бара 80, за да добие барем 50 пратеници за да формира влада со коалиционите партнери за спасување на криминалците, но и како добро оправдување зошто не може да направи подобри договори со Грција и со Бугарија. Тој домашен есап не излегува ни на Бит пазар, а не на европскиот.

Поразот на антиевропската политика во Македонија е историска неминовност. Победата на криминалните партиски структури ќе биде тежок инцидент на историјата. Голема одговорност на секој полнолетен граѓанин со право на глас е да се биде директен учесник во изборот на вистинскиот пат на Македонија. Треба да се работи малку повеќе на тоа како да се препознае вистината без партиска асистенција.

(Објавено на Дојче веле на македонски)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *