Banner
Ориент експрес

Одмаздата на мртвите великани

slavkotomeВо Музејот на Град Скопје, заедно со мнозина убави луѓе, градски продуховени ликови, познати јавни личности, во вторникот бевме непосредни сведоци на одмаздата на двајца починати великани, Славко Јаневски и Томе Серафимовски, за неправдата што им беше нанесена од една тиранија и од еден режим. Нивното повторно откривање пред јавноста беше „одмаздата“ која не беше крвожедна, туку студено сервирана, без злоба и без грам лошотија. Возвраќањето на ударот беше со убавина и со замолница, како последен повик да не го обезвреднуваме вредното, оти ни треба како насушен леб нам, на живите и на поколенијата што доаѓаат. На нив, на Јаневски и на Серафимовски, таму кај што се, ништо не им треба. Тие си ја завршија работата беспрекорно. Она што го видовме на несекојдневната изложба е само мал дел од тоа со што нè задолжија двајцата исклучителни творци и личности.

Во големината и безвременска убавина на нивните дела е одговорот до џелатите кои им пресудија без да им дадат право да се бранат. Двајцата дејци на македонската култура беа прогласени од политичка инквизиција и од партиски шарлатани за предавници и кодоши, без право на одбрана на својата чест. Таа ужасна анатема врз десетици познати научници, писатели, јавни личности, сите заслужни граѓани, она што се случи во Македонија, тие што го смислија и направија ова затемнение, го викаат, замислете, просветление. Тие мрачни сили, иако поразени и ден-денес ја притискаат Македонија да биде темен вилает, да остане закована на балканската калдрма, да не мрдне од батакот ни чекор напред.

Едниот покоен и одамна во прав, другиот уште додека беше жив беа жигосани од режим што ја зароби земјата цела една деценија во 21 век. Ние кои сме сведоци на ова злодело мора оваа голема срамота и неправда да не дозволиме да се заборави и грешниците да останат неказнети наметнувајќи ни колективна амнезија. Света должност ни е да сведочиме, не на страната на тие што прават историја, туку на страната на тие што страдаат од таа историја, дури и кога би била вистинска и автентична, а не лажна и подла во битките за власт и богатства. Затоа секоја средба со творештвото на великаните Славко Јаневски и Томе Серафимовски, двајца современици и големи другари, носи возбуда и длабока размисла за нас простосмртните, без оглед дали е тоа гледајќи ги нивните слики и скулптури, читајќи ги нивните книги во осама, или судрени со нивните дела шетајќи низ светските метрополи и нашите градови, или листајќи истории на уметноста, или одговарајќи на испит пред строгиот професор, рецитирајќи стихотворба во детските училишни клупи, или гледајќи ја нивната грандиозна оставина во библиотеките и во музејска тишина посветена на својот народ…

Потсетувањето на Јаневски и Серафимовски не е во нивна одбрана, не е ни осуда на злосторството што им е нанесено од бездарници, примитивци, извршители на политички калкуланти… Нивните дела ги бранат нив подобро од сите нас. Почитта на нивната уметност е враќање на гордоста која нè заштитува нас од тиранија, од изолација и од исчезнување. Тоа е најдобрата превентива од бескрупулозните политичари во нивните битки за власт. Јаневски и Серафимовски одамна се запишани во пантеонот на Македонија меѓу дејците кои татковината ги препознава, иако тој пантеон во реалноста не постои. Но тие букви не можат да ги избришат ни најзлогласните диктатури и тирани, оти се запишани во свеста на луѓето.

Со зборови и стихови, со бои, со глина, со мермер и бронза, овие наши дејци, како и цела плејада нивни современици и предци, праќаа чудесно убави и значајни пораки и опомени до нас, тогаш идните многу надежни поколенија. Дали ги слушнавме и разбравме. За жал, ќе мора да кажеме – НЕ. Не ги ни слушнавме ни разбравме иако пораките се кристално јасни. Тоа и денес ни се случува кога повторно сме соочени со делби и омраза, колебајќи се по кој пат и во кој правец да тргнеме.

Славко Јаневски ни го подари првиот роман напишан на македонски јазик и ни остави творештво кое не беа го прочитале никогаш неговите инквизитори, оти да беа го прочитале ќе се најдеа себеси таму. Јаневски ги открил многу одамна дека ќе дојдат по него. Ако го прочитаа тоа, ќе вадеа ли нож на покоен деец кој ја задолжил татковината милион пати повеќе од нивните наредбодавачи.

Неслучајно еден од најавтентичните и најубавите портрети на Серафимовски е токму портретот на Славко Јаневски. Познавањето на неговата личност, нивното долгогодишно пријателство може да се направи препознатливо само со една брчка од челото на Јаневски, но ако е извајано од рацете на Серафимовски.

Славко Јаневски го научил сликарскиот занает сам од бога даден. Пленуваат неговите слики како да се од рацете на големите ренесансни мајстори. Допрва треба да се вреднува праведно ова творештво, кое не е хоби меѓу пишување на две книги, туку сериозен и силен мотив на еден сестран уметник. Кога ќе се видат сликите на Јаневски, станува појасно зошто неговите чуда, миракули на грозомората, неговите романи и песни се на јазик кој е тешко достижен во македонската литература. На Јаневски како да му биле малку сите зборови и јазици на светот, па тие што му фалат ги пишувал во слики. Неговите дела треба да се читаат, препрочитуваат и гледаат откако ќе се земе абдест, откако ќе се измијат рацете и ќе се искаже световна молитва во знак на благодарност што небото ни подарило таков творец, кој да беше роден на други меридијани одамна ќе беше нобеловец.

Деновиве во татковината одново врие, омразата и национализмот ги разрануваат старите незалечени рани, повторно делби меѓу Македонците и на Македонците со сите други кои со векови живеат на ова парче земја. Пак слушаме лоши зборови и кавги со сите комшии, со светските економски гиганти и велесили. Тоа се истите тие мрачни подземни криминогени сили кои непрестајно ја лустрираат Македонија барајќи непријатели и гаснејќи ги светлата и патоказите кои ја покажуваат нејзината европска иднина, идеал на сите балкански народи, од кои половината веќе стасаа на целта. Сите нè претркаа што беа далеку зад нас. Дефинитивно, остануваме последни и осамени на Балканот испуштајќи ја најголемата историска шанса, овој пат недопрени од никого, туку од самите, од тие моќници што седат на обвинителна клупа и сакаат да ја одбегнат правдата за своите злодела. Македонија останува на Балканот уште извесно време да расчисти со себе, или ќе оди во Европа или ќе се распадне. Ќе исчезне.

Го слушам и се срамам од туѓ срам, како лидерот на македонската мрачна колона Христијан Мицкоски го прогласува за победа минирањето на мостот кон Европа, цитирајќи го големиот македонски народен мислител, научник и творец на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Го викаат криминалците на помош Конески да ги брани, а не знаат да повторат ни две реченици точни како што ги кажал македонскиот гениј. Го викаат да ги брани Конески, кој носителот на кампањата за бојкот на иднината на Македонија, Антонио Милошоски, го нарече џуџето од Небрегово. На тие ли треба да им се верува уште на патриотизмот и на нивната македонштина, на тие што ги сотреа, уништија и ликвидираа сите вредности на Македонија во изминатите сто години.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 7 коментари

  1. nacional-patriot

    SDS,so predavnichkite dogovori so Atina i Sofija saka da gi unishti makedonskite vrednosti i metaforichki,gi pluka makedonskite velikani.Pa eden od najgolemite,ako ne i najgolem negator na makedonstvoto,Bozhidar Dimitrov,go faleshe rezhimot na SDS so toa shto Dimitrov si kazha deka dozhiveal da go vidi krajot na makedonstvoto.No dojde negoviot kraj,a ne na makedonstvoto.

  2. Ајван Доктор®

    Ете, Ероле, да не ја посетев изложбата немаше да верувам дека великанот Славко Јаневски, покрај перото ја држел сосема добро и сликарската четкичка во раката. Едвај да им верував на своите очи, воодушевен од она што го гледам. Прекрасни дела, кои како да се излезени од рацете на најголемите надреалисти. Мелем за очите. Секако тука е и неизбежниот Серафимовски. со своите актови, ати и портрети – глина, боја, платно… Игра на духовно волшепство. Песна…

    Македонските вредности се уништени со доаѓањето на власт со овие новокомпонирани вемереовци, претежно Егејци кои така вандалски дрско уништија седумдецениска македонска култура и уметност со светски признанија премачкувајќи ја во псеудобарокен и соцреалистичко-нацизоиден кичерај. Дибеци кои спалуваа и уништуваа уметнички дела. На буниште се најде споменик од Дадата кој стоеше кај Старата железничка станица, го изместија ремек-делото посветено на скопскиот земјотрес создадено од Томе Серафимовски, го спалија муралот на Борко Лазески во Поштата, ги фрлаа делата на Томо Шијак, Мазев, Чемерски и Аврамовски во контејнер. Илјадници книги, романи, драми, збирки на песни од автори кои твореа последниве 7 децении и кои ја изградија македонската литература (Конески, Јаневски, Абаџиев, Болиновски, Кепески…) од библиотеките беа исфрлени како неподобни и фрлени беа на буништата низ Македонија. Небаре ја живееме 1932-та во Берлин со одново раѓање на бухефербренунгот, кога изгореа илјадници дела на неподобните, прогласени за издегенерирани уметници, само затоа што не го воспевале германскиот иберменшн и германскиот ибералес народ. Да уништиш свое – за да изградиш грчки-антички идентитет со јонски-дорски-коринтски столбови, со градби во стилот на нацистички Берлин и советски Ташкент и тоа во XXI век – тоа може да го стори само некој малоумен дебил со омраза и огорченост кон сопствениот народ, а не некој патриот!

    @nacional’patriotčence, Какви предавнички договори, какви будалаштини!? За кои македонски великани говориш!? Каков СДС во Конески, Јаневски и Серафимовски!? Пиеше чајче од буника пред да го пишуваш коментаров?!

    Кај ти текна сега на Димитров!? Што го вмеша него во муабетов!? Па токму Иванов самиот изјави пред некоја година (25 март 2016) дека му предал доверливи информации на премиерот на Бугарија Бојко Борисов и дека многу сакал „Бугарија да биде земјата која најмногу ја поддржува Македонија. Како што се вели, да ја прегрне Македонија“. Истиот ден Бојко Борисов истакнува дека документите ги предал на бугарската тајна служба ДАНС. Во меѓувреме, во Македонија судеа некоја група за шпионажа!

  3. nacional-patriot

    Dogovorite na SDS so Sofija i so SIRIZA.E takvi budalashtini.Koi velikani?Pa onie koi se napishani vo kolumnata,Konevski,Janevski.Tie velikani,a SDS gi ispluka.Zhiti rechenicata: “Kakov SDS vo Konevski,Janevski,Serafimovski!?” Se otrezni li pred da ja napishesh rechenicata?Ne ti e jasno zoshto mi tekna na Dimitrov?Pa ako go razbereshe mojot komentar,kje ti beshe jasno zoshto mi tekna na nego.A jas mu se lutam na Ivanov zatoa shto stavi potpis na dogovort pomegju SDS i Sofija.

  4. Ајван Доктор®

    Е, јака ти е метафорава. Повеќе е фора, одошто метафора. Тие великани цела деценија беа изгонувани од историјата и културата и стигматизирани како „кодоши“, „џуџиња“ или „србомани“ од режимот на БМРО-ΔΡΠΑΜΕ. Нивниот статус во македонската култура не може да го поништи ниту еден меѓународен договор, дури и ако го наречеш тој договор „меѓупартиски“, ниту пак тоа може да го стори некоја партија со нивното неуко, едвај писмено членство. Нивната големина не зависи од СДС(М). Уште помалку таа зависи од силината на патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ како што зависеше „величината“ на нивните привилегирани „уметници“.

    Да, гледам Иванов кутриот не може навечер да спие затоа што му се лути nacional-patriotčeto. Ахаа! Затоа он делува онака збунето и недоветно! Извини, а што беше поклонувањето парче територија од Македонија на фантомската република Косово во 2008 година? И за тоа ли се виновни оние од „СДС-то“?

  5. nacional-patriot

    Tie idiotski dogovori shto gi postigna SDS so negatorite na makedonstvoto,se napraveni za ponishtuvanje na makedonstvoto,a so toa bi se omalovazhile velikanite koi se borele za odbrana i afirmacija na makedonstvoto.Partija mozhe toa da go napravi ako ne naide na silen otpor od narodot.Naide na silen otpor i zatoa kje propadnat tie dogovori.Imashe razmena na teritorii so kvazidrzhavata Kosovo.

  6. Ајван Доктор®

    Дваесет и седум години ВМРО-ДПМНЕ го убедуваше своето полуписмено и ептен неписмено членство дека се прозападно ориентирани и дека се тешки антикомунисти. Беа најжестоки во идејата Македонија да влезе во НАТО водени од една единствена лажна надеж – дека НАТО ќе ги брани од Албанците. За само една година успеа да им „докаже“ на истиве, сега „просветлени“ во новите дисперзирани вечерни факултети, дека оние на Западот биле фашисти. Ниту еден од договорите не го поништува македонството, ние самите си се поништуваме со секојдневните будалаштини. Оној со Бугарија е создаден и договорен во дипломатијата уште во времето на ЉуБчо Георгиевски и Достана. Вториов, е повторно со предлог од Гвуица – „Северна“ (така велат документите објавени на Викиликс). Земи, прочитај го договорот со Грција, ќе видиш дека тој најмногу одговара на оние кои се најгласни против него – Егејците од северот на Грција.

  7. nacional-patriot

    Dogovorite se antimakedonski.Onie koi uvo ne gi boli za makedonstvoto,gi prifakjaat tie dogovori.Ona shto beshe dogovoreno vo 1999 godina so Sofija,beshe isto taka shtetno,no nemashe napishano zaednichka istorija,nemashe predvideno komisii za revizija na istorijata,ne se predviduvashe sofiska kontrola za kazhanoto i odnesuvanjeto na makedonskite pretstavnici vo politikata,naukata i zatoa ovoj shto go dogovori SDS so Sofija e ushte polosh.Gluposta od Gruevski za dodavkata Severna,ne se meri so ogromnata glupost shto ja pravi SDS.Vo dogovorot nema nishto shto odgovara za Makedonecot.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *