Тие што не ги знаат границите до каде може да оди лицемерието во Македонија пред неколку дена беа шокирани од едногласната одлука во Собранието на Македонија. Сите присутни пратеници, и од власта и од опозицијата, гласаа за поддршка на членството на Македонија во НАТО. Недоволно упатен човек би помислил цврста определба како армиран бетон и крај на неизвесноста за иднината на државата.
Зошто медиумите воопшто не му обрнаа внимание на овој чин, ме прашува тазе стасан дипломат на служба во Македонија. Дали е можно да не го согледавте значењето на една ваква едногласно усвоена декларација. Таа декларација не значи ништо, му велам. Од прогласувањето на независноста до денес имаме сто такви декларации и уште толку резолуции. Ме гледа човекот вџашено. Одмолчувам. Како да му кажам дека тие се декларации за зафрканции и итарпејовско партиско надмудрување.
Во земјата светски шампион во лицемерие, цврстата определба за НАТО и ЕУ е влезена во сите документи, во сите стратегиски и развојни планови, во сите новодонесени европски закони. Во изминатите 27 години наполнивме неколку вагони од европски закони, близу 15 години сме кандидат за влез во ЕУ со отворена врата и со веќе добиена покана за влез во НАТО, но сето тоа за противниците на европеизацијата на Македонија не значи ништо. Тоа се балкански подлости во битките за освојување на власта. Станува збор за познати трикови и криминогени доктрини за попречување на правдата на осомничени и веќе осудени високи функционери против кои се водат повеќе судски процеси чиј епилог е еден од условите за отпочнување на преговорите со ЕУ наредната година.
За жал, не се работи само за медиумски валкани пропаганди и уцени за меѓупартиски договор и пазарлак – ние вам поддршка за договорот со Грција и за промена на Уставот, а вие нам ослободување од судско гонење на осомничените политичари. Тоа не може да помине, но врви нешто друго многу поопасно. Тоа се тажачките на оптоварени образовани луѓе, интелектуалци и универзитетски професори, академици, дипломати… кои ги заплашуваат граѓаните со наводен светски заговор против Македонија, проповедаат јавно за опасност од различните од себе. Национализмот и шовинизмот вешто се затскриени и преточени ѓоа во идентитетска војна за спасување на Македонија од обезличување, од промена на името, од сквернавење на јазикот, од голема неправда и понижување и од лошите комшии, од егоистична Западна Европа и од џандарот на светот, Америка. Сите тие се прикажани како наши непријатели, кои во сојуз со предавничката власт ги распродаваат националните интереси на Македонија. Типичен вмровски и врховистички погубен начин за упропастување на македонскиот народ, овој пат и на државата, бидејќи додека ВМРО беше активна, особено по првите десет години од своето основање во 1893 година, никогаш и немавме држава.
И додека светската интелектуална елита со отворени писма објавени во угледни и влијателни медиуми и потпишани од признаени научници го поздравува отплеткувањето на Гордиевиот јазол, нашите локални авторитети загрижени за хигиената на нацијата и за заштита на идентитетот сеат омраза и ги заплашуваат луѓето дека е готово со Македонија, дека не треба да се прифати договорот со Грција, оти е тоа многу опасна работа за иднината на земјата. И додека светската научна елита честита што договорот ги запазил универзалните декларации за самоопределување и самоименување и заштита на јазикот и сè што значи идентитетски определби, наши учени луѓе го проповедаат спротивното. Тие упорно негираат дека името Македонија останува непроменето како име на единствената држава во светот. Нашата. Географската додавка „северна“ за нив е повеќе од компромис, тоа е предавство и крај на опстанокот на Македонија, велат нашите храбри чувари на идентитетот. За најважниот идентитетски предзнак, македонскиот јазик, кој останува како и досега и во науката и во ОН, не зборуваат ништо, бидејќи сега тоа не им е значајно кога се работи за светска потврда заверена одамна во ОН. Тоа прашање останува само за по дома за заплашување со законот за проширување на употребата на албанскиот јазик и другите немакедонски јазици во земјата.
Од ден во ден, сè пожестоки и повалкани се медиумските кампањи на оркестрирани партиски активисти кои повикуваат на бојкот на референдумот. Сè поголема е и поддршката од страна на познати академици и универзитетски професори, кои проповедаат да нема сугестивно референдумско прашање со кое ќе се влијае врз граѓаните како да гласаат. Значи, прашањето не смее да биде со нагласена определба кон НАТО и кон ЕУ, туку најдобро е, велат, со бојкот да не успее референдумот. А бојкотот би бил многу изгледен ако се постави нивното, ни малку сугестивно, прашање: Дали сте за промена на уставното име на државата и за прифаќање на договорот со Грција? Генијално прашање душа дало за бојкот и за давење на Македонија во балканскиот жив песок. Тоа што со ваков пристап дефинитивно се уништува иднината на Македонија за нив нема значење. Тие не ја препознаваат штетноста на пораката што ја испраќаат за подривање на општествениот и економскиот систем на државата. Несфатливо.
Не е за верување дека не можат да ги согледаат последиците од пропаѓањето на историската шанса. Приемот во НАТО и во ЕУ е најголемиот историски дострел кој ја оправдува определбата на граѓаните на Македонија за своја самостојна држава. Досега, во изминатите 27 години, независноста на Македонија не беше оправдана со досегашните достигнувања, уште помалку со остварување на надежите и очекувањата на граѓаните. Сè уште мнозинството граѓани имаат перцепција дека во претходната заедничка држава живееја и подобро и со поголем стандард и се чувствуваа побезбедни и посигурни. Сега за првпат по 27 години се нуди единствена можност Македонија да ги оствари стратегиските цели и приоритети со успешни евроатлантски интеграции.
За жал, со негативните кампањи станува видливо дека во Македонија се работи за опасна спрега меѓу странски разузнавачки служби и домашни следбеници да се спречи членството во НАТО и во ЕУ со влијание врз референдумското изјаснување. Владата треба да ги преземе сите законски надлежности за отстранување на пречките во остварување на стратегиските интереси на државата. Неуспешниот референдум како производ на валкани кампањи и застрашувања, замешателства на странски агентури во земјата, не може да биде оправдување за дебаклот што може да го доживее Македонија со враќање на почетната позиција.
Во целата таа валкана кампања има една константа. Нема понуда на алтернатива каде ќе оди Македонија по евентуално неуспешниот референдум. Ним тоа не им е важно, важно е Македонија никогаш да не стане членка на НАТО и на ЕУ. За жал, во Македонија нема научен авторитет како, на пример, во Србија, кога Латинка Перовиќ, научник и општественик од светски глас, им кажа на Србите ако не влезат во ЕУ ќе исчезнат. Ќе ја снема Србија. Тоа четири пати повеќе важи за Македонија отколку за Србија. Но, Македонците немаат човек на кој му веруваат ако им каже такво нешто. Ги уништија и компромитираа сите научни, државнички, политички, интелектуални и деловни вредности во изминатите 27 години. Сè исплукаа. Сега нема кому да му поверуваат, освен на самите себеси препознавајќи ја историската шанса. Тоа двапати им тргна од рака – со АСНОМ 1944 година и со референдумот за независност 1991. Ако може двапати, може и трипати.
(Објавено во Независен весник)





Alo,Erole!Zakonski e nedozvolivo da ima sugestivno prashanje na referendum.Prashanjeto spored zakonot mora da bide za edno neshto.Okorel zastapnik si za chlensto vo NATO i EU,a uporno i ne samo za ova,pobornik si za krshenje na zakonite i ustavot.Za chlenstvo vo tie organizacii,treba i mora da se podrazbira pochituvanje na zakoni i ustav,a ne nivno krshenje.No duri i so takvo nezakonsko prashanje na referendumot,nema da ima polza za kompromisierite zatoa shto i vo takov sluchaj mnozinstvoto od gragjanite kje glasa protiv promena na imeto ili kje bojkotira.
Се сеќавам, на првите повеќепартиски избори новоформираната ВМРО-ДПМНЕ ни се претстави како „прозападноевропска“, „прокапиталистичка“, „проамериканска“ партија која ќе го избавела македонскиот народ од „српското ропство“ и од „најцрната зандана на народите – Србославија“ („од црниот комунизам“ и „уште поцрните комунисти“) во која (и со кои) токму овој народ, македонскиот, си ја доби именката Македонски, Македонија, сосе службен македонски јазик и македонска црква, и сосе државност и можност рамноправно со другите народи и републики да одлучува за патот на заедничката татковина. Така и ги добија изборите во вториот круг, плашејќи го народот со повикот „сатари за поинаквите“. Под тоа мото беше и промовирано и двосмисленото референдумско прашање „кое законски не смеело да ни се случи“: „Дали сте за самостојна Македонија, со можност да стапи во иден Сојуз на југословенски држави?“! Вечерта прогласија успешен референдум за осамостојување и самостојност. „Стариот лисец“ ги измами сопствените граѓани и ги донесе во заблуда, дека ќе се ангажирал околу имагинарната нова конфедерација, иако убеден сум дека поголемиот број од оние 90% кои гласаа со „За“ беа повеќе за „идниот сојуз“ (кој никогаш не ќе дојде) отколку за некаква самостојна државност.
Историските заблуди и пластографијата со именката ВМРО на повеќето граѓани не им е јасна. Најпрвин нивната идеја за посебна држава е тесно поврзана со идејата за автономија, чија нераскинлива цел е подоцнежно спојување со „мајка“ Бугарија („кога меѓународните услови ќе го дозволат тоа“). Истото ВМРО ни се повторува во 1912, во 1913, во 1914 и во 1941 година. Заради невидена субјективност и ступидност, овој народ никогаш не ја научи сопствената историја како поука, и денес не случајно уште еднаш ја повторува. И тогаш – низ времето, и денес – глумат патриоти, но народов не доби ништо од нивното удирање по градите освен модрици и жртви.
Ниту верувам дека НАТО би нè извадила од некаква меѓусебна пресметка врз национална или врз основ на конфесионална определеност, ниту дека би се вмешале во таквата пресметка. Повеќе од јасно е дека целта на внесувањето на Македонија во алијансата е геополитичка, стратешка, а не заради некакви достигнати воени критериуми. Некаква корист од нив тешко дека ќе имаме, а штетата ќе е поголема. Главната придобивка од членството – намалена невработеност бидејќи многумина ќе заминат по парите на боишта, нормално и повеќе пари за тие што ќе заминат таму и евентуално ги донесат наваму, ако успеат да се вратат за да се прават даси со клучевите од „М“-от. Ништо повеќе!
Повторно говориш за „европски вредности“. Та, зарем ѓубрево по улициве е „европска вредност“!? Зарем плукањето по улица и прстот во ноздрите се тоа? Зарем возењето скапи автомобили и поседувањето ајфони ќе нè направи Европејци!? Европјани ќе станеме тогаш кога луѓето ќе се вработуваат и напредуваат на своите работни места заради знаењето и вложениот труд, не заради познанствата и роднинските врски со некој на повисока позиција! Европјани ќе станеме кога ќе научиме дека клучот од она на „М“ (Мерцедесот) не е вредност, туку тоа што го имаш во „м“ (мозокот). Тогаш, кога ќе се научиме да им стануваме на трудници без да мрчиме, кога ќе научиме стари и немоќни да ги пуштаме преку ред, кога ќе научиме да не одиме преку ред, кога ќе научиме да го причекаме другиот кој стигнал пред нас без да го туркаме… Во Европа ќе стигнеме тогаш кога ќе научиме дека ѓубрето не се фрла од петти спрат во контејнер, или на улица, туку во корпа за отпадок и додека не најдеш таква корпа книвчето треба да си го носиш во раце или в џеб… Кога ќе сознаеме дека само позитивна селекција може да нè одведе кон просперитет, а не познанствата и блискоста со моќникот, и кога ќе научиме да ги препознаеме вистинските вредности, дури тогаш ќе може да се наречеме држава која исполнила некакви критериуми за во Европа. Дотогаш, ќе свртиме уште еден круг од залудно изминати децении мислејќи дека многу сме напреднале, а всушност не сме ни излегле од кругот.