Banner
Ориент експрес

Убавите џипови убаво горат

jeep

Има една наша прилично вулгарна поговорка и би рекол неумесна, дури и навредлива за кинескиот народ ако правилно не се разбере. Поговорката гласи Кина гори к.р те боли. Безимениот автор, народен умотворец, најверојатно сакал да каже кога пожарот е некаде далеку дури до Кина, тоа не е ништо што треба да загржува. Второто толкување може да биде и ироничната порака кога нешто не е твое,  нека гори баш ти е гајле. Особено ако е на некој што не го поднесуваш. Кога во соседството, во нашата поранешна татковина, татнеше војната и кога илјадници луѓе страдаа, а нивните куќи и имоти гореа како факели многумина тоа не ги допираше, како да беше отаде Кина. Култниот филм на Срѓан Драговеиќ „Убавите села убаво горат“ кој е влезен во модерната класика на српската кинематографија деновиве ми дојде како асоцијација, иако не баш соодветна, кога слушнав еден „очевидец“ како убаво горел џипот на Љупчо Тодоровски – Радникот, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност кој пред пет години замина во пензија со додавката на својот прекар – човек на врвот на ВМРО ДПМНЕ. Џипот „нисан навара“ горел како коледарски огин, фалело само жешка ракија да им се подели на насобраните весели коледари и загрижени сеирџии.

Како овој џип стаса до мојата колумна. Има неколку причини. Не е прв што изгоре, но уште повеќе ме предизвикуваат пораките на пироманите кои палат џипови со години на познати јавни личности, а не слушнав дека некој од нив е фатен, или осуден. Горат џиповите на деловни луѓе, на политичари, на новинари, на полицајци, на комарџии, на мафиози… Истрагите завршуваат со кревање на рамења, а и не се баш ревносни полицајците кога станува збор за џип на јавни личности. Чаршијата и кафулињата најчесто ја завршуваат истрагата прецизирајќи што е рекет, што е закана, што е освета, што е казна, што е неплатен долг, што е неверство, што е завист……Џиповите се најатрактивни за оправдување на злоделата бидејќи ја хранат сиромаштијата и бедата со примитивизмот: нека му е мамата негова, арно  му направија, од каде му џип.

Џиповите се престижна работа и кога горат стасуваат на удрани вести како прослава со огномет. Арно ама, не горат само џипови, во Македонија од поодамна горат и куќи и дуќани и фабрики и шуми, се уништуваат и  туѓи имоти, за тоа има малку вести, а нималку дека сторителите се фатени. Нема никаква атракција за црните хроники ако случајот не е социјален и ако нема расплакани опожарени страдалници на кои им изгорело сè што имале и немале. Утредента стасуваат тазе вестите дека хуманите луѓе кои сочуствуваат со трагедијата помогнале да се ублажи несреќата, што секако е солидарност која радува и кажува дека нешто останало од човештината и хуманоста да им се помогне на унесреќените. Но, што правиме со тие што палат по нарачка од политички, деловни, или било кои други причини, кои што уништуваат и ограбуваат туѓ имот речиси слободно и неказнето.

Во изминатите неколку години низ поголемите градови на Македонија хараат цели банди ајдуци и арамии кои за неколку стотини евра ќе му ја запалат и постелнината на министерот за внатрешни работи, а не некој џип паркиран на улица. Оваа несигурност на граѓаните, без драматизирање, е милион пати поопасна од заканите за дестабилизации на државата и нејзиниот територијален интегритет поради промената на уставното име, поради законот за употреба на јазиците, поради новиот даночен систем кој ги засегал 74.000 граѓани цели два отсто од населението. Ако не верувате во ова проверете на најавтентичен начин, завиткајте два качака со две илјадарки од вашата плата и испушете ги. Ако не ви е повеќе мака за вашите пари отколку за законот за јазици внимавајте и вие сте потенцијален пироман.

Не ја споредувајте вашата куќа со уставното име на државата не е пристојно и ич не е патриотски. Голема е разликата ако кажеш останав без куќа и без имот, ме ограбија арамии во Република Македонија, отколку да кажеш останав без куќа и без имот, ме ограбија арамии во Република Горна Македонија. Ова првото е многу подобро. Но, не знам колкава е утехата што во секој случај си ограбен во Македонија. Додавките Република, или Горна воопшто не ја намалуваат загубата или нејзиниот идентитет.

(Објавено во Независен весник)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *