Banner
Мое ќоше

Не е дилемата Заев или Груевски

zaev-gruevski

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери на своите митинзи и јавни обраќања, со своите пропагандни пораки преку медиумите како што се наближува финишот на предизборната кампања се’ поагресивно ја наметнуваат дилемата дека иднината на земјата и на македонскиот народ се избира меѓу Зоран Заев и Никола Груевски. Сенародниот референдум е за избор меѓу унитарна, цела и распарчена редефинирана Македонија. Историската одлука е меѓу поалбанчени и двојазични кантони, или за стабилна македонска држава во која се знае кој е газда во куќата. Изборот се поедноставува до таму што нема друго решение освен да гласаме за патриоти или за предавници, за странски платеници и непријатели на татковината, или за новите народни херои, за градители, или за уривачи, за успешни економски реформатори кои ги исполнуваат ветувањата или за банда која сака да ја распродаде државата, идентитетот, јазикот и уставното име.

СДСМ и опозициската коалиција, опозициските партии кои самостојно настапуваат, критичарите на власта, невладини граѓански организации и асоцијации, помал број медиуми кои не се под контрола и под цензура на власта ја застапуваат определбата дека не станува збор ниту за идеологија, ниту само за партиски натпревар кој ќе ја освои власта. Се работи за историски избор меѓу тиранија или демократија, слобода или режим, меѓу владеење на правото или на криминалците, судска правда или неправда, за враќање на се’ што е украдено, или и натаму ќе се краде под закрила на законите, за контрола на власта, или на власт без контрола, за слободни и професионални независни медиуми, или за апологетски полтронски корумпирани и диригирани јавни гласила, за повисок стандард и повисоки плати, или за тапкање во место и невидено досега осиромашување со просечни плати кои за десет години се покачија одвај две илјади денари, или околу десет отсто, a живејачката за една деценија е поскапа за трипати.

Има уште стотици и стотици понуди до гласачите и особено до неопределените, кои според сите анкети, лажни и професионални, монтирани и партиски спакувани, нарачани и ненарачани се’ уште се далеку најбројни. Неопределените и тие што и овој пат нема да гласаат се главна цел на политичарите бидејќи знаат дека нивното активирање на своја страна може да биде пресудно. Затоа пропагандната агресија пред 11 декември, денот на изборите, главно е насочена кон неопределените, традиционалните сеирџии, уплашените и прилично загрижувачката бројка на луѓе кои не веруваат во тајноста на изборите и во кредибилни и фер избори.

Во некаков пристоен амбиент, велам пристоен, бидејќи одамна ништо не е нормално, ниту приближно на првите повеќепартиски изборни циклуси, определбата на мнозинството граѓани би била многу лесна и без големи дилеми. Казната на гласачите за лошото и криминално владеење, за попречување на правдата и за најмасовното кршење на човековите права и држење под надзор на илјадници граѓани би била тешка, од која ВМРО-ДПМНЕ не би можел со години да закрепне. Лесно е да се избира во време на ваква длабока политичка криза и озаконет грабеж доколку навистина изборите се слободни. За тоа не може да има дилеми барем не кај мнозинството граѓани без оглед на нивната идеолошка, партиска, национална и верска припадност колку и да е силна пропагандата на власта. Проблемот е во тоа што се’ уште нема гаранции дека ова ќе бидат избори кои ќе поминат во најдобар ред без неправилности и ќе бидат кредибилни кога сите релевантни учесници во натпреварот ќе ги признаат изборните резултати и ќе му честитаат на победникот респектирајќи ја волјата на народот.

Предизборната кампања покажа дека се оди на живот и на смрт и со самото тоа амбиентот е застрашувачки што веднаш ги доведува во прашање слободата на изборот и гаранцијата дека се работи за тајни избори. Избирачките списоци се затворија неисчистени и без гаранции дека не се можни злоупотреби и нерегуларности. Се’ уште на голем број адреси се водат фантомски гласачи кои не живеат таму. Се поведува судска постапка за да и’ се забрани учеството на избори на политичката партија Левица, која станува се’ попопуларна во јавноста. И натаму најбезобѕирно и противзаконски се блокира работата на Специјалното обвинителство во гонење на криминалот и процесуирање на делата против највисоките функционери на ВМРО- ДПМНЕ и во Владата. Попречувањето на правдата и на работата на Специјалното обвинителство се спроведува преку редовниот суд и редовните јавни обвинителства. Изборите се издигнуваат над законите и се сметаат за врховна судска пресуда на народниот суд и прогласување на невиност и безгрешност на врвот на власта.

Веќе има јавни сведоштва на застрашување и собирање потписи за гарантирани гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Такво едно автентично сведоштво на познат македонски актер одекна силно вчера во јавноста. Во Македонскиот народен театар вработени чекаат на ред да потпишат лојалност на политичка партија со однапред депонирање на својот глас. Ваков срам за МНТ не е забележан досега во историјата на овој храм на уметноста и на македонската култура. Вакво полтронство на изворот на отпорот кон секоја злоупотреба на сите власти и нетрпеливоста кон политичарите ја покажува силината на притисокот и нерегуларноста на претстојните избори. Кога актери и вработени во театар го даваат бланко својот глас пред изборите на партиски список изборите не можат да бидат слободни.

Никола Груевски ветува дека на 11 декември ќе заврши кризата. Лесно е да се погоди дека игра на картата сеење страв со навестување жестока политичка пресметка по победата. Кризата со тоа не завршува, сосема спротивно додека Груевски не замине од политиката ќе нема крај на кризата.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има еден коментар

  1. Ајван Доктор®

    Неверојатно,но вистинито – втор ден сум цензуриран со својот коментар во Утрински!Еве го текстот кој му пречи на администраторот:
    Велат за себе ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ била најкреативна партија!И навистина!Да откриеш барок во XXI век,и тоа од стиропор и гипс-картон,а да го наплатиш како да си го градел од скапоцени камења и суво злато,навистина треба особен талент и голема мудрост!Оправдување:по 100 години ропство,на Македонецот му била потребна аугментација на гордоста!?Додека други нации тоа го сторија со оригинални дела и уметнички правци кои станаа светски,ние го правиме со копии од грчка класика и изобличен реализам кои едвај можат да го надминат локално ниво!Да се сетиш на странците да им продадеш најплодно македонско земјиште за ичпари,при тоа да наплатиш од државна каса за плати,додатоци и за градбите,а да го претставиш тоа како „странска инвестиција“е врв на осмисленост!И да осмислиш 10 пати помасовно прислушкување и следење на сопствениот народ од она на УДБА,тоа е врв на креативност!Бираме меѓу криминал и правда,помеѓу интрузија во уметноста и слобода во изразувањето,меѓу иднина и живот во минато!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *