Banner
Мое ќоше

Крунскиот сведок избега

gruevski-puc

Никола Груевски избегна да се појави пред судот како крунски сведок во судскиот процес против лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој е главен обвинет за обид со уцени да изврши „пуч“ и да го принуди на оставка тогаш актуелниот премиер Груевски со прислушувани телефонски разговори. Големиот скандал се’ уште ја тресе државата по обелоденување само на еден мал дел од стотици илјади снимени разговори на јавни личности и нивен повеќегодишен надзор по што Македонија веќе година и пол е во тешка политичка и морална криза.

Иако Груевски го соопшти јавно обвинението дека Заев го уценувал за што има нарачано и скриена камера во неговиот кабинет да биде документиран обидот за преврат, не дојде тоа да го посведочи пред судот. Изгледа многу полесно е да се сведочи и обвинува преку телевизија отколку пред судот. Пред целата јавност, пред судиите и пред поротниците, како обвинетиот, така и сведокот и тужителот и одбраната треба да одговорат на некои деликатни прашања и се разбира треба да ја докажат вината, или невиноста на обвинетиот. Тие прашања можат да бидат мошне непријатни, а одговорите, или молчењето опасно за сведокот да не се дознае целата вистина за тоа што е монтирано, сечено, лепено, креирано, што е делумно точно, а што е сосема точно во прислушуваните разговори. Ако обичен граѓанин не дојде на судење како главен сведок за многу помал прекршок отколку што е обидот за пуч, Груевски повеќе пати тоа го нарече и обид за државен удар, веднаш присилно ќе биде довлечкан во судот.

Кога станува збор за личност на кој подобните судии му се плашат од сенката, тогаш лесно може да се најде оправдување да се одлага судењето до по изборите, кога веќе добро проверената формула за вечни победи ќе го даде резултатот како единствен врховен суд што Груевски го признава, а тоа е победа на изборите и земање на целата власт во свои раце. Потоа никој не смее да писне, а не да суди функционери според закон. Тогаш Груевски ако има потреба, ќе се појави на суд и како единствен сведок на кој мора да му се верува. Сега има многу поважни работи во државата отколку судење на лидер на опозиција за уцена на премиер и за обид за пуч. Треба да се докаже преку едни други судови сместени во телевизиските студија на власта дека Зоран Заев од човекојадец стана балист. Тоа е прилично голема еволуција кога по појадок на живи деца, саде чисти Македончиња, Заев станал фудбалски фан на „Шкендија“ и на ужас на цела нација навива за балисти. Заев влезе во нова фаза на сатанизација да биде ем канибал, ем балист. Веќе му е пресудено дека за да дојде на власт овој голем канибалист тргнал да ја поалбанчи цела Македонија. Ако победи на изборите, не дај боже, ќе воведе двојазичност, па сите ќе мора да зборуваме и на албански. Добро е што не му текнало да воведе тројазичност, или четворојазичност, вака ќе си лаеме сите слободно само на македонски и на албански јазик, оти цел свет разбира кучешки. Нема човек што не разбира што значи кога некој постојано само ’ржи и лае, а не каса како нашиот питом и уплашен народ.

Идејата е одамна прочитана. Кога се тресе тлото под нозете на власта брзо треба да се бега од вистинските судови каде што делењето и на правда и на неправда може да биде опасна работа. Најсигурно е да се игра на меѓуетничка карта. Таквите контролирани делби и поларизации кој е балист, кој е терорист, а кој патриот и груевист секогаш даваат резултати и висока предизборна тензија на единство пред албанските наезди, особено ако се добро забиберени со откривање нови и стари предавници, непријатели, кодоши, странски платеници на ЦИА и на Америка. Добредојдени се тазе сензационални откритија на остатоците од комунистичките банди на Бранко Црвенковски кои го ограбија народот и оставија армија луѓе без работа и во длабока сиромаштија. Кога сето тоа убаво ќе се спакува во телевизиските преки судови кои се во постојано заседание јавното деноноќно судење на македонски шиптари и шиптарски Македонци дава чудесни резултати и патриотски зголемен крвен притисок кога државата е во прашање.

Вистинските судски процеси во ова предизборие можат да ги однесат делбите во јавноста на друга страна која е најризична да се изгуби власта. Замислете ако граѓаните на Македонија без разлика на својата национална и верска припадност почнат да се делат на тие што се за слобода и демократија и тие што се за режим. И уште понатаму на тие што се за конечна пресметка со организираниот криминал во врвот на власта и тие што се да се забошоти сето она што го слушнавме во прислушуваните разговори. Каков би бил резултатот на изборите ако се’ повеќе луѓе почнат да се прашуваат дали попречувањето на правдата и на владеење на правото, бегањето од одговорност, баснословното задолжување на сегашните и идните генерации, бедата и сиромаштијата треба да биде нивната иднина, или европеизацијата и изградбата на модерна држава со отстранување на опасноста од нејзино исчезнување со членство во НАТО. Делбите за чесност, или за криминал, за правна држава, или за власт без контрола, за слобода и демократија, или за тиранија и деспотизам се всушност најважните работи за Македонија и иднината на нејзините граѓани за кои ако нема груба пропаганда и заплашување, не би смеело да има ни грам дилеми.

(Објвено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *